Фото: Дарко Андоновски

Американскиот претседател Доналд Трамп во јануари најави повлекување на дел од американските трупи што се стационирани на североистокот на Сирија и оттогаш САД се обидуваат да ги убедат своите сојузници, меѓу кои е и Македонија, да се приклучат во борбата против ИД

Македонија, која како идна членка на НАТО се надева на заштита од сојузниците во Алијансата, треба да биде подготвена да учествува во нејзините воени операции и мировни мисии низ светот. Тоа накратко е објаснувањето на безбедносните експерти по информацијата дека најмоќниот партнер во НАТО, САД, побарале од Германија и од другите свои сојузници да испратат војници во Сирија, кои како помош на Сириските демократски сили (СДФ) би требало да се борат против остатоците од радикалната исламистичка група Исламска држава (ИД).

Бидејќи досега нема информации за некакво директно барање до македонскиот државен врв за испраќање војници во Сирија, воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски смета дека е прерано да се зборува за оваа тема.
За тоа, како што вели Стефаноски, најпрво треба да се изјасни државниот врв, а доколку се случи тоа, нашата војска, според него, би можела да биде активна во мисијата за обука на тамошната војска, слично како во операциите во Ирак и во Авганистан.

Аналитичарот смета дека во моментов е реално секое сценарио за наше учество во конфликтот, бидејќи веќе неколку години сме дел од меѓународната коалиција за борба со ИД предводена од САД.

Според него, Македонија е мал играч во геополитиката и не треба да се раштркува воено на сите страни, туку треба да биде активна во најголем дел во мисиите, каде што имаме свој државен интерес, особено во период како сега, кога се изодуваат последните чекори кон членство во НАТО.

Слично како Стефаноски размислува и аналитичарот Димитар Димов, кој, пак, додава дека Македонија веќе индиректно е активна во решавање на конфликтот во Сирија.
– Откога сме дел на меѓународната коалиција за борба со светскиот тероризам, нашата земја на сојузниците најмногу им помага логистички, односно им споделува разузнавачки информации пред сѐ за борците на ИД што потекнуваат од Балканот и Македонија – објаснува тој.

Инаку, специјалниот американски претставник за Сирија и коалицијата против ИСИС, Џејмс Џефри, пред новинарите истакна дека сака германската влада да испрати воени инструктори, експерти за логистика и техничари на Бундесверот на Блискиот Исток.

– Сакаме германски војници да ги заменат нашите трупи во скоро време – изјави Џефри за „Велт ам зонтаг“ и додаде дека очекува одговор од Берлин до крајот на месецот.

Од друга страна, американските медиуми во изминатиов период информираа дека американскиот претседател Доналд Трамп во јануари најави повлекување на дел од американските трупи што се стационирани на североистокот на Сирија и оттогаш САД се обидуваат да ги убедат своите сојузници, меѓу кои е и Македонија, да се приклучат во борбата против ИД.

[email protected]