Министрите за надворешни работи на Македонија и на Кипар, Никола Димитров и Никос Христодулидис, денеска го потпишаа Протоколот за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји.

Како што соопштија од МНР, со воспоставувањето на дипломатските односи, се отвораат можностите за развој на политичкиот дијалог на сите нивоа и продлабочување на економската, културната и сите други видови соработка меѓу двете земји.

– Со овој чин, го официјализираме пријателството со уште еден сојузник во семејството европски држави, со кој активно ќе соработуваме на исполнување на европската агенда. Денес означуваме ново поглавје во билатералните односи и отвораме врата за плодна соработка, пријателство и просперитет – рече Димитров.

Протоколот беше потпишан во Хелсинки, во рамки на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија и земјите-кандидати за членство во ЕУ.