Со многу нерешени проблеми дома, од опструкции и блокади на патот кон ЕУ до системски повеќедецениски недоследности во функционирањето на државата, нашите политички лидери наместо да се фокусираат на „сопствениот двор“, тие самоиницијативно и во свое име почнаа да им го берат гајлето на другите и да се впуштаат во решавање на децениски светски проблеми и конфликти. Таков е и последниот пример со војната во појасот Газа, меѓу Израел и Палестинците. Колку се сериозни ваквите иницијативи на домашните политичари, односно колку ваквите индивидуални обиди навистина имаат реален капацитет за ефект и што може Македонија да добие или да изгуби со ваквите потези од своите избраници?

Големи амбиции, а мали можности за ефект

Колку е целисходно македонската држава и домашните политички лидери да заземаат страна и да се впуштаат со свои оцени и коментари за големи светски конфликти што се далеку од нашите граници и сфера на приоритетен интерес, како последниот меѓу Израел и Палестинците во појасот Газа? Овие дилеми станаа актуелни откако редица политичари од власта и опозицијата деновиве дадоа свое мислење за борбените случувања на Блискиот Исток и за односите помеѓу Палестина и Израел и нивната војна, која трае повеќе декади.
Премиерот Зоран Заев викендов на својот официјален твитер-профил повика на прекин на воените дејства, бомбардирањето и нападите меѓу Израел и Палестина и напомена дека е потребно наоѓање решение преку дијалог.
– Твитот што го објавив во однос на случувањата помеѓу Израел и Палестина е соодветен на нашите политики, кои повикуваат на престанок на насилството од двете страни, на престанок на нападите врз цивилното население, на дијалог и на мирни решенија онака како што се нашите политики – рече Заев.
Премиерот истакна дека нашата земја е пример дека дијалогот и дипломатијата може да даваат решенија за многу тешки прашања.
– Сме го искусиле тоа и верувам дека низ дијалог и дипломатија може да се најдат решенија и за вакви прашања – напомена Заев.
И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку социјалните мрежи се огласи за случувањата во Израел и го осуди истрелувањето ракети од појасот Газа кон израелското население.

Според него, Израел има право да се брани од терористичката организација Хамас.
– Внимателно ја следиме состојбата во Израел, значајното зголемување на насилствата, вклучувајќи го и постојаниот напад од ракетен оган од појасот Газа кон Израел. Истрелувањето ракети од Газа насочени кон цивилното население на Израел е целосно неприфатливо и дополнително ги зголемува тензиите во регионот. Истовремено го издвојуваме правото на Израел за заштита и одбрана на своето население и територија од нападите на терористичката организација Хамас. Апелираме кон политичките лидери во Израел и во регионот да продолжат со вложување искрени напори за деескалација на судирите и одлучно да дејствуваат против екстремизмот, кој создава сериозни безбедносни проблеми и го загрозува животот на цивилното население – порача Мицкоски во ставот што го објави на социјалните мрежи.
Од друга страна, пак, генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири, на својот официјален инстаграм-профил сподели фотографија со жена што вее палестинско знаме. Дополнително, во Скопје изминатиов викенд на две различни локации се одржаа два мирни протеста, едниот пред Музејот на холокаустот за поддршка на Израел, а вториот на централниот плоштад за поддршка на Палестина.
Македонија и сама има многу проблеми и нерешени прашања на домашен и меѓународен план, особено со постојаните опструкции, блокади и уцени на нашиот пат кон ЕУ. Во таа насока, според аналитичарите, „ставањето запршки во туѓа манџа“, занемарувајќи ги домашните проблеми и предизвици, може да биде меч со две сечила.
Во меѓувреме, дипломатите и политичките аналитичари со кои се консултиравме оценуваат дека инволвирањето на Македонија во странски конфликт што се одигрува далеку од нашите граници е непотребен процес.
Експертите потсетуваат дека ова не е единствен случај во кој македонските политичари непотребно се мешале во глобалните проблеми, такви се случаите изминативе години со санкциите на Западот кон Русија, протестите од пред три години за соборување на режимот во Иран и други.

Тие советуваат дека политичките фактори во земјата треба да ги концентрираат силите во надминување на македонските политички проблеми и во решавање на дипломатскиот процес со Бугарија за побрзо македонско членство во ЕУ.
Македонскиот дипломат Драган Јањатов во својот осврт за случувањата вели дека многу внимателно ја проследил содржината на изјавите на нашите политичари, а истовремено ја „дијагностицирал“ и состојбата со протестите низ главниот град за поддршка на една од страните во конфликтот.
– Сѐ што се случува кај нас во овој период поврзано со настаните на еден глобален проблем, чие решение е тешко да се најде во политиките на светските елити, јас можам да го оценам како трагикомично – вели Јањатов.
Тој објаснува дека изјавите на нашите политичари на конкретното случување се непотребни, трагични, но и комични, тие се нивен став, а не официјален став на нашата земја.
Јањатов вели дека ако некој треба воопшто да коментира за овие случувања, тоа треба да се Министерството за надворешни работи и нашиот парламент, кои ако се најдат повикани, треба да го изнесат државниот поглед на тоа збиднување од македонска перспектива, а не тоа да го прават индивидуи во нашата политика.
– Меѓународната политика е сериозна работа и најдобро ја вршат дипломатите, а ние тоа го имаме во редовите на нашите дипломатски институции. Доколку се најдеме повикани за случување што е далеку од нашите граници и во кое не сме ни најмалку инволвирани, единствено дипломатите може да дадат одговор во името на нашата земја. Она што од друга страна го сторија Заев, Мицковски и другите е аматеризам и презентирање личен став, што не одигрува никаква логична цел во дипломатијата – вели Јањатов.

Тој објаснува дека трагикомични биле и протестите во земјата, на кои повеќе можеле да се забележат странци како протестираат, а кои се бегалци, мигранти или студенти отколку нашите граѓани од државата.
Јањатов советува во иднина Македонија непотребно да не се инволвира и да не зазема страни на еден конфликт, особено не преку личните мислења на нашите политичари.
Дипломатот објаснува дека многу подобро би било енергијата што политичарите очигледно ја насочија за случувањата во Израел да ја потрошат за спорот со Бугарија и забрзувањето на нашето членство кон ЕУ.
– Има место каде се решаваат меѓународните спорови. Тие се во рамките на меѓународните организации, како ООН, ЕУ или НАТО. Сѐ повеќе од тоа е трагикомедија за Македонија. Во овие моменти е неопходно да се обидеме да воведеме одредена практика во нашата земја, институциите да говорат јавно во дипломатските процеси и да ги решаваат проблемите, а политичарите да си ја гледаат работата во своите говори на изјавите од партиските седишта – вели дипломатот.
Политикологот Синиша Пекевски вели дека апсолутно нема никаква потреба од наше инволвирање во такви процеси, барем не на таков начин како што прават одделни партиски или државни функционери.
– Нема потреба Македонија да се инволвира во нечии внатрешни случувања, особено не на такви сензитивни теми какви што се војните на Блискиот Исток – вели Пекевски.
Тој објаснува дека секој конфликт треба да се реши мудро и на мирен начин, без употреба на оружје и единствено тука македонската политичка елита може да го даде својот придонес.
– Сепак, најдобро е во вакви комплицирани процеси Македонија да не се инволвира, да си го гледа својот интерес и да се сврти кон себе. Помалку продуктивно е да се заземат страни во нечија војна, а попродуктивно за нашите политичари е да ги решат секојдневните проблеми на Македонците, да ја забрзаат економијата и да најдат повеќе вакцини и лекови против коронавирусот – вели Пекевски.

[email protected]