Во агендата на македонската влада е предвидено до средината на јануари во Собранието да бидат изгласани уставните измени во согласност со одредбите од спогодбата од Мала Преспа. Веќе на 9 јануари, во Собранието е закажана седницата на чиј дневен ред се: утврдување на предлог-амандманите на Уставот, донесување на амандманите, прогласување на амандманите и на предлог-уставниот закон за нивно спроведување. Посакувањата на НАТО, пак, се целиот процес во Скопје и во Атина да заврши до 15 февруари

Политичко претскажувачки или само како „случајна“ инспирација за новогодишната програма на националната МРТВ, Македонија и официјално влезе во годината на Преспа. Нешто како годините во кинескиот хороскоп, именувани според животни, оваа 2019 година во македонскиот политички хороскоп може да се нарече годината на Преспа, која и телевизиски започна со пригодни и меѓусоседски коректни сценаристичко-музички доживувања на ликовите од серијата „Преспав“.

Не е тајна дека сите политички активности на Владата и на владејачкото мнозинство на крајот од минатата година беа насочени кон финиширање на спроведувањето на спогодбата со Грција, потпишана во Мала Преспа на 17 јуни 2018 година. Во агендата на македонската влада е предвидено до средината на месецот во Собранието да бидат изгласани уставните измени во согласност со одредбите од спогодбата и државава да го добие името Северна Македонија, под услов, кој е додаден во амандманските предлози, спогодбата да биде ратификувана и во грчкиот парламент и грчката страна да го потпише протоколот за членство на Македонија во НАТО. Веќе на 9 јануари, по завршувањето на божиќните празнувања, во македонското собрание е закажана седницата на чиј дневен ред се поставени четири точки: утврдување на предлог-амандманите на Уставот, донесување на амандманите, прогласување на амандманите и прогласување на предлог-уставниот закон за нивно спроведување. Тоа е последната фаза од уставните измени предвидени со договорот од Преспа и последна обврска што треба да се реализира за негова имплементација.

Интересот за текот на спроведувањето на уставните измени во Македонија е интензивиран и на грчката страна, па дневниот весник „Катимерини“ пишува дека е можно ратификувањето на спогодбата за Мала Преспа во македонското собрание да заврши и пред првично маркираниот датум – 15 јануари.

– Гласањето за уставните измени може да се случи дури и на денот на започнување на постапката на пленарната седница, со оглед на најавеното повлекување на опозициската ВМРО-ДПМНЕ од дискусијата. Забрзувањето на чекорите од македонска страна е во целосна координација со ритамот што го посакува и НАТО – се вели во текстот.

Грчкиот печат тврди и дека постои писмо од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во кое се повикува на завршување на сите процедури во двете престолнини, Скопје и Атина, до 15 февруари.

Од Грција доаѓаат информации и дека грчкиот премиер Алексис Ципрас по 18 јануари ќе донесе одлука кога ќе биде поднесена спогодбата од Мала Преспа за ратификација во грчкиот парламент, а портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, вели дека во тек се „парламентарни комбинаторики за ратификација на договорот и дека тие се интензивни“. Грчките медиуми, пак, потсетуваат дека ако процесот заврши успешно во Скопје, топката веднаш ќе се префрли на грчки терен.

Грчкиот премиер Ципрас упатува пораки на увереност дека спогодбата од Мала Преспа ќе помине во грчкиот парламент и дека ќе биде потпишан протоколот за влез на Македонија во НАТО. Од друга страна, неговиот коалициски партнер, министерот за одбрана Панос Каменос, сѐ уште не го повлекол ветувањето дека ќе излезе од грчката влада кога спогодбата ќе помине во македонското собрание…

И покрај оптимизмот на потписниците на договорот, и на македонска и на грчка страна, иако навидум стивнато, не се намалува незадоволството од спогодбата од Мала Преспа во двете држави.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека нема да учествува во последната фаза од уставните измени.

– Процесот за уставните амандмани и расправата околу нив е фарса и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во третата конечна фаза нема да учествуваат. Ваквите предлози дополнително ја поларизираат состојбата, а за тоа се виновни Заев и актуелната влада – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Противниците во Македонија на договорот со Грција, како движењето „Македонија блокира“, најавуваат протестни активности деновиве, за повторно да го изразат својот отпор. Но Никола Димитров, министерот за надворешни работи и еден од потписниците на спогодбата, и понатаму е уверен дека со договорот со Грција „во дадените околности е постигнато најдоброто што било можно“ за Македонија.

– Без помпи, без триумфализам, туку мирно, сигурно, достоинствено и со чиста совест го извлековме најдоброто за Македонија. Во дадените околности, апсолутно го постигнавме најдоброто што беше можно. Имаше мигови на длабоко и тешко преиспитување, консултирање, но на самиот ден на потпишување на договорот сите дилеми беа исчезнати – вели Димитров во новогодишното интервју.