Светот и натаму се справува со најголемата закана, тероризмот, a Македонија тесно соработува со САД во антитерористичките глобални операции и е членка на Глобалната коалиција за пораз на Исламска држава, се вели во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент и се додава дека бројот на терористички напади во светот во текот на 2017 година е намален за 23 отсто во споредба со претходната година, а бројот на жртвите бележи намалување за 27 проценти.

Во извештајот се подвлекува и дека македонските трупи заедно со американските специјални сили во јануари 2017 година спровеле заедничка вежба со која се подобрила македонската способност да одговори на терористичките закани.

– Претставници на македонското МВР во меѓувреме изјавија и дека развиле оперативно-превентивни планови со кои адекватно се одговара на терористичките напади во т.н. меки цели или локации какви што се стадионите и хотелите – пишува во документот.

Според документот, македонските власти проценуваат дека припадници и симпатизери на ИД се присутни во државата, а дека најмалку 150 македонски државјани заминале на Блискиот Исток за да им се приклучат на терористичките групи.

– Од нив, 30 се убиени, 40 и понатаму се таму, додека, пак, 80 се вратиле во земјата – стои во извештајот.

Извештајот посочува дека Македонија презема мерки за зацврстување на легислативата и за зајакнување на капацитетите за борба против тероризмот и неговото финансирање, како и за зајакнување на сајбер-безбедноста и соработката со меѓународните партнери.

Во документот се забележува и дека македонската гранична полиција и царина се членки на иницијативата за гранична соработка, чија цел е да се формира прекугранична работна група за гранична безбедност од Албанија, Косово, Македонија и од Црна Гора.

Сепак, на глобалното ниво, терористичкиот пејзаж во текот на 2017 година станал покомплексен.

– ИД, Ал каеда и организациите поврзани со нив ги покажаа својата издржливост, решителност и способност да се адаптираат и тие се адаптираа кон засилениот антитерористички притисок во Ирак, Сирија, Авганистан, Либија, Сомалија, Јемен и на други места во светот – изјави координаторот на Стејт департментот за борба против тероризмот, Нејтан Сејлс.

Според него, овие терористички групи сега „се уште пораширени и се во поголема илегала, што ги прави помалку изложени на конвенционалните воени операции“.