Основачите на Македонската револуционерна организација (МРО)

Народ што го истрпи петвековното ропство; којшто се ослободи од фенерскиот духовен гнет; којшто ја разруши Турската Империја со своите епски подвизи и борби, не може да се откаже од својата историја и култура, како и од своето право на суштествување како нација. Македонскиот народ, кој четири децении се бори со
извонредна посветеност, не може по никаква цена да ја направи таа жртва
Христо Татарчев

23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Дваесет и трети октомври како ден кога беше основана Македонската револуционерна организација (МРО), позната и како Внатрешната организација или ВМРО, поради автохтониот македонски карактер, е една од најсветлите светли точки во историјата на македонскиот народ и не случајно се прославува како ден на македонската револуционерна борба. И покрај политичките превирања и контроверзии, како и обидите за негово претставување како партиски празник, 23 Октомври има извонредно значење за Македонците, затоа што споменатата револуционерна организација ги постави темелите на македонската државност и нација.
Денес, кога македонската држава и нација се под постојана атака на бугарскиот хегемонизам и најостар национализам, 23 Октомври има уште посуштинско значење за македонштината. Бугарската политичко-општествена елита постојано се обидува да ги убеди Македонците дека имаат бугарски корени, а честопати можевме да слушнеме дека ВМРО била бугарска револуционерна организација, која имала цел да ја присоедини Македонија кон бугарската држава, што е далеку од историската вистина. Мора да потсетиме дека со овие изјави, всушност, се негира македонската револуционерна борба од крајот на 19 век, како и нејзината идеолошка суштина, всушност со ова негирање се негираат самостојноста на Македонија и особеностите на македонската нација.
Но зошто се прославува 23 Октомври како ден на македонската револуционерна борба? Одговорот е едноставен. Македонската револуционерна организација (МРО) беше главната движечка сила на целото македонско револуционерно движење и беше создадена во Солун, кој веќе бил оформен како политички, културен и економски центар на османлиска Македонија. Во Солун се наоѓала и младата македонска интелигенција, особено онаа што била револуционерно расположена и се групирала околу Солунската гимназија.

Првиот печат на Централниот комитет на организацијата, кој гласи Македонски револуционерен комитет, Слобода или смрт

За овие настани, Павел Шатев, еден од гемиџиите и солунските атентатори, вели дека Солунската гимназија била општ центар каде што учениците од сите краишта на Македонија се собирале, запознавале и учеле. Гимназијата, освен што била огниште за просвета, истовремено била и центар за политички тренинг на идните водачи на национал-револуционерното македонско ослободително движење. Во овој дух говори и Панчо Дорев, кој вели дека македонската организација била формирана од внатрешни луѓе, како Даме Груев, Гоце Делчев и др., сите од внатрешноста на Македонија, и тие ја поставиле основата на револуционерната организација, која „секогаш стоела на самостојна и независна почва. Таа се борела против сите надворешни туѓи.“ Џулијан Алан Брукс, кој го истражува овој историски период, забележува дека во 90-тите години на 19 век во Македонија се појавиле нова класа интелектуалци, кои одлучиле да работат самостојно за Македонија. Брукс исто така вели дека „овие учители станале татковци на македонскиот национализам.“
По разни основи, во Солун се нашле Иван Хаџи Николов, Христо Татарчев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов и други, а од нивните контакти произлегла МРО, која е основана на 23 октомври (според јулијанскиот календар) 1893 година. До конкретното создавање на револуционерната организација доаѓа на т.н. јануарска средба, која се одржала на 5 јануари 1894 година. Тогаш биле поставени и прашањата за целта и името на организацијата. Христо Татарчев, еден од основачите и прв претседател на ЦК на МРО, вели дека кога ја одредувале целта, појдовна точка им бил членот 23 од Берлинскиот договор, но бидејќи се видел како апстрактен за народот, прифатиле да се замени со една фигуративна формула – автономија на Македонија во нејзините географски и етнографски граници, и тоа да се впише во Уставот.

Концептот за автономија на Македонија не добил поширока елаборација во официјалните организациски акти, меѓутоа повеќето аргументи упатуваат дека зад автономниот принцип се криела идејата за независна македонска држава.
Христо Татарчев, еден од основачите и прв претседател на ЦК на МРО, вели дека основачите на организација многу добро разбирале дека Македонија со својата географска положба и природни богатства би можела да води слободен и самостоен живот. Татарчев исто така вели: Ив. Иванов, еден од сведоците на овие настани, вели дека можеле да се најдат одделни лица во потесен круг кои спасот го гледале во оформување на одделна македонска управа или во посебно македонско црковно управување. Фредерик Мур ги разграничува врховистите и внатрешните водачи. Според него, генералот Иван Цончев силно ја пропагирал идејата за анексија на Македонија од страна на Бугарија. Наспроти него биле внатрешните дејци што сметале дека Македонија како држава, со својата географска положба, би можела да послужи како јадро за конфедерација на Балканот. Мур исто така вели дека паролата на Македонците е „Македонија за Македонците!“

Статијата „Космополитизам и национализам“, објавена на 28 март 1902 година

Вил С. Монро, кој ја посетил Македонија во османлискиот период, вели дека македонското револуционерното движење честопати било претставувано како продукт на бугарските амбиции, а бугарската влада честопати била обвинувана за нејзино директно вмешување. Но Монро заклучува дека рацете на бугарската влада секогаш биле принудувани од Македонците, која зависела од јавното мислење, печатот и директната пропаганда на водачите. Монро исто така вели дека МРО немала за цел присоединување на Македонија кон Бугарија. Според К. Алемендингер, целта на револуционерната организација била полна независност на Македонија.

Според Водобозов, кој ја посетил Македонија по Илинденското востание и имал средби со македонските водачи, вели дека македонските револуционери се плашеле од насилното присоединување на Македонија кон некоја од балканските држави или нејзина поделба. Затоа на своето знаме напишале „Македонија за Македонците“ и мечтаеле за сопствена власт преку автономија. Рускиот автор исто така вели дека до Младотурската револуција, „македонските автономисти (Внатрешната организација) мечтаеле за создавање посебно македонско царство, независно од Турција.“
Хари де Винд, кој е современик на овие историски случувања, вели дека била јавна тајна дворската поддршка за генералот Иван Цончев. Затоа Де Винд заклучува дека ставовите на Цончев, всушност, биле ставови на бугарската влада, односно бугарска автономија за Македонија и формална анексија на Македонија од страна на Бугарија. Де Винд, анализирајќи ги состојбите во македонското револуционерно движење, вели дека Јане Сандански бил водач што се декларирал како „легален претставник на Македонците“, а неговата цел била создавање „независна држава“, која би влегла во балканската федерација.

Хенри Ноел Брејлсфорд, кој ја посетува османлиска Македонија и е сведок на македонските револуционерни борби, вели дека водачите на македонското револуционерно движење „не биле Бугари, туку Македонци, кои никогаш не ја предавале својата независност под кој било надворешен притисок“. Според него, меѓу водачите на македонското движење дури има и едно силно течение, коешто е склоно да биде критично, а на моменти дури и непријателски настроено кон Бугарија. Брејлсфорд исто така вели дека Македонците својот поглед го држеле кон Егејско Море и немале силна желба својата судбина да ја поврзуваат со онаа на бугарското кнежевство. Според истиот автор, програмата на МРО никогаш не предвидувала присоединување на Македонија кон Бугарија, а нејзините водачи истакнувале дека нивната цел е создавање една „слободна неутрална држава“ под врховната власт на султанот и еднакви права за сите, без разлика на племенската припадност. Брејлсфорд исто така забележува дека при пеењето на бунтовничките песни, зборот Македонија постојано се повторувал и е доказ дека тие веќе имаат своја „татковина“.
Христо Константинов, кој се занимава со оваа проблематика, анализирајќи ги основите на револуционерната организација, вели дека нејзините основачи ја поставиле девизата: „Македонци, сплотете се во името на Македонија како Македонци!“

Во овој контекст треба да се споменат и пишувањата на бугарските весници. Особено се интересни пишувањата во весникот „Дело“, кој излегува во Софија. На 18 март 1902 година, во споменатиот весник, можеме да прочитаме: „Нашата борба е принципиелна, борба идејна. И ние нема да го сложиме оружјето дотогаш до кога не разберат сите државници и цареводворци… дека македонското дело не е грне, во кое сите можат без церемонијално да си пикаа гагата внатре. А тоа ќе биде постигнато заедно со… полната автономија и хегемонија на внатрешната револуционерна организација. Тржеството на тој принцип… во исто време е и победа на идната автономна и независна Македонија.“ На 28 март 1902 година, „Дело“ ја објавува статијата „Космополитизам и национализам“, а во неа, меѓу другото, можеме да прочитаме дека „одредени елементи се организирале под знамето на бугарските великодржавнички идеи, во една општествена сила, која, раководена од извесниот триумвират на генералскиот комитет, дворецот и владата, сака не само да ја убие уште во зачетокот иднината на независна Македонија, туку и да го парализира за долго време правилниот граѓански и социјален развој на Бугарија“.

Очигледно е дека историските извори, документи, современиците и учесниците во настаните јасно говорат дека Македонската револуционерна организација (МРО), како главен двигател на револуционерното движење, се стремела кон независна македонска држава. Не смееме да заборавиме дека создавањето на македонската држава е еден историски процес, процес што започна на 23 октомври, со основањето на МРО, а заврши со Првото заседание на АСНОМ и референдумот за независност во 1991 година.
Денес, кога Македонците повторно се негирани од бугарската држава, мора да потсетиме на зборовите на Христо Татарчев, кој вели: „Народот што го истрпи петвековното ропство; којшто се ослободи од фенерскиот духовен гнет; којшто ја разруши Турската Империја со своите епски подвизи и борби, не може да се откаже од својата историја и култура, како и од своето право на суштествување како нација. Македонскиот народ, кој четири децении се бори со извонредна посветеност, не може по никаква цена да ја направи таа жртва.“