Фото: Маја Јаневска-Илиева

Васил Стерјовски, генерален секретар на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), ќе биде пратеник во албанскиот парламент.

– По известувањето од Централната изборна комисија на Албанија, извршниот комитет на МАЕИ донесе одлука Стерјовски да го прифати пратеничкиот мандат и во парламентот да ја претставува програмата на Македонската алијанса за европска интеграција како дел од парламентарната опозиција – соопштија од партијата.

На последните парламентарни избори одржани во јуни 2017 година, МАЕИ беше дел од изборната коалиција предводена од Социјалистичкото движење за интеграција. Тогаш лидер на партијата беше Илир Мета, актуелниот претседател на Албанија. Врз основа на договорот, Васил Стерјовски беше петти на кандидатската листа за округот Корча.

Стерјовски, на првата седница на албанскиот законодавен дом, најверојатно следниот четврток ќе седне во собраниската сала и ќе даде заклетва.

Тој ќе биде првиот пратеник во плурална Албанија што доаѓа од македонска партија и се декларира како Македонец.