Истражување за корупцијата, митото, поткупот
и граѓанската перцепција за тие појави

Од што зависи како граѓаните ја перципираат корупцијата во земјата? Каков однос имаат тие кон корупцијата? Како реагираат тогаш кога ќе ја почувствуваат низ лично искуство, а како кога само „слушнале“ дека таа постои во институциите? Зошто во некои општини за најкорумпирани се сметаат едни, а во други општини други јавни институции? Ова се само дел од дилемите што произлегуваат од последното истражување за перцепцијата на корупција во Македонија, која е една од најклучните теми во процесот на интеграција кон Европската Унија.
Во истражувањето за процена на ранливите области на корупција на локално ниво, кое го изработила Асоцијацијата на демократски иницијативи (АДИ) во пет општини во државата, се констатираат заклучоци дека вработените во царинските служби се најкорумпирани, додека здравствените работници најчесто бараат мито. Така барем во опсежните анкети посочиле граѓаните на Куманово, кои биле вклучени во истражувањето. Нивните одговори се разликуваат од оние на граѓаните на Гостивар, Битола и во Кавадарци, кои за некорумпирано го сметаат судството, а во Штип на врвот на листата се инспекциските служби.
Помеѓу општините постојат разлики, па, така, во Гостивар, Битола и во Кавадарци прворангирано е судството, во Куманово прва е царината, додека судството е на трето место, а во Штип први се инспекциските служби, додека судството е второ. Во сите општини образованието и социјалната заштита се сметаат за области каде што корупцијата е најмалку раширена.
Македонија се најде на 111-то место на листата на „Транспаренси интернешнл“, во групата со најкорумпирани држави. Со ова, земјата бележи пад од пет позиции во однос на минатата година.
Експертите велат дека клучно кај граѓаните за одредување на корупција е дали тие можат да завршат или не некоја работа во институциите, што и не мора да значи дека тие лично се соочиле со искуство за корупција.
Македонската влада постави вицепремиер задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, со што го стави овој проблем во приоритетните за решавање во новиот мандат.

Истражувањето покажа дека во здравството, па во полицијата најмногу се бара мито

На прашањето од кои институции најмногу се бара мито, најголем дел од испитаниците во сите општини рекле дека прво е здравството, а следна полицијата.
Заедничко за сите општините е што граѓаните имаат перцепција дека корупцијата во последната деценија е многу зголемена, и тоа дури за 80 отсто. Анализата на сумираните резултати од петте општини покажала дека корупцијата во земјата е најраспространета во судството, потоа следуваат инспекциските служби и царината, а на последно место е социјалната заштита.
Според експертите, граѓаните најчести контакти имаат со институции во здравство и полиција, па таму најмногу се соочиле со барање мито, а помал процент во судството. Податоците покажале дека митото во институциите на здравството најчесто се бара за операција и лекување, во полиција во врска со казни и сообраќајки, во општините заради урбанистички работи и градба, а во образованието поради полагање испити на факултет.
Граѓаните речиси биле едногласни дека не ја пријавуваат корупцијата затоа што немаат довербата во институциите и не веруваат дека ќе се постапи по нивната пријава. Потоа се плашат дека нема да се почитува анонимноста, а постои и страв од одмазда. Само една третина од испитаниците знаат каде да ја пријават корупцијата, а како најзначаен фактор во борбата ги сметаат медиумите.

Гаранција за сите граѓани еднакво

Претседателката на „Транспаренси интернешнл – Македонија“, Слаѓана Тасева, вели дека перцепцијата на граѓаните на локално ниво зависи од тоа со какви проблеми се соочуваат. Затоа, според неа, во различни градови се посочува како корумпирана различна дејност.
– Одамна не сме правеле истражување за состојбата на корупцијата во земјата на централно ниво. Но традиционално низ годините граѓаните за најкорумпирани ги сметале парламентот, политичките партии и судството. Нивните одговори биле посочени на прашања дали имале лично искуство и се соочиле со корупција или, пак, не биле во директно искуство со корупција и дознале од друг за таа состојба – објаснува Тасева.
Според неа, перцепцијата кај граѓаните може да се смени само со дејствување на надлежните институции, во насока на нивно транспарентно одлучување, дали тоа е за вработување, за можностите при тендерските постапки или во здравствените услуги.
– Сето тоа е потребно да се обезбеди и гарантира за сите граѓани еднакво – посочува Тасева.

И изразувањето т.н. „благодарност“ е вид корупција

Наташа Тодоровска, професорка на Факултетот за правно-политички науки на Американски универзитет на Европа – ФОН вели дека корупцијата како национален, а наедно и глобален проблем е присутна и во земјите во транзиција, но и во високоразвиените земји.
– Повикувајќи се на спроведеното истражување, здравството, полицијата и судството се прикажани како најкорумпирани области. Но вкрстувајќи ги добиените резултати особено загрижува фактот што испитаниците одговориле дека не знаат каде треба да пријават доколку се соочат со корупција, а особено различните податоци што се прикажани за надлежни институции што треба да придонесат за борба со корупцијата. Тоа укажува дека граѓаните не се доволно информирани за можностите за борба со корупцијата ниту со надлежностите на органите задолжени за тоа, што е еден значаен индикатор во слабостите на спречувањето на корупцијата. Граѓаните очигледно не се доволно свесни дека дури и ,,минималните материјални начини на изразување на благодарност“ кон службените лица се облици на коруптивно дејствување – објаснува Тодоровска.
Според неа, во земјата преовладува перцепцијата дека административните постапки се особено бавни и неефикасни и дека за нивно успешно завршување е потребно да се плати.

– Тоа би значело дека во одредени случаи кога граѓаните се наоѓаат во состојба да чекаат завршница од некоја постапка побрзо би платиле за да завршат отколку да го менуваат системот чекајќи заглавени во правни лавиринти. Затоа, треба да се анализираат и двете страни и нудењето и примањето поткуп од аспект на причини за вакво дејствување за да може да се добие целосна слика за корупцијата – додава професорката.
Смета дека надлежните институции се должни одговорно да постапуваат во рамките на своите надлежности, како и транспарентно да објавуваат податоци од борбата за спречување на корупцијата, односно создавајќи превентивно-репресивен модел за спречување на корупцијата граѓаните ќе се охрабрат да пријавуваат случаи кога ќе се соочат со корупција од една страна, а присуството на заострена репресија ќе спречи потенцијални сторители од друга страна.

[email protected]