Политички аналитичари тврдат дека критичката изјава на Радев за спогодбата од Мала Преспа и претходни други изјави на бугарски политичари не ги отсликуваат вистинските позиции на Бугарија кон овој настан туку се наменети за собирање дневнополитички поени што ќе бидат искористени во тамошната изборна битка во Бугарија

Го менува ли Бугарија својот став кон спогодбата од Мала Преспа меѓу Македонија и Грција?
На ваква дилема наведува последната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев дадена за радиото Дарик, во која тој посочува дека Бугарија не се согласува со името „Северна Македонија“. Според Радев, активностите на бугарската влада во однос на интеграцијата на Западен Балкан одат пребрзо и тие се на штета на неговата земја, а проблемите што се наталожувале со векови едноставно тешко можат да се решат за шест месеци.

– Брзината со која Владата го потпиша договорот за добрососедство со Македонија без да се зборува и со Грција и без внатрешен консензус, практично, беше за слава – вели Радев.

Во својата изјава тој нагласува дека неговата земја не се согласува со името Северна Македонија и посочи дека ако Бугарија имаше посериозна позиција, сега бугарскиот премиер ќе беше номиниран за Нобеловата награда за мир заедно со Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Но, за разлика од сега, претседателот Радев во јуни, пак, на конференција во Софија, по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, изјави дека Бугарија дава поддршка на договорот за името, бидејќи таа е поврзана со стриктното почитување на договорите што Скопје и Атина ги имаат со Софија.

– Бугарија го прифаќа договорот меѓу Македонија и Грција за името, особено поради тоа што ќе ги отстрани пречките на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО – изјави тогаш Радев.

За обележување е и фактот дека бугарскиот премиер Бојко Борисов за време на претседателството на Бугарија со ЕУ, период во кој и се постигна договорот, важи за силен поддржувач на овој процес. Тој во своите чести изјави на оваа тема спогодбата од Мала Преспа меѓу Македонија и Грција ја оценува како „храбар чекор и пресвртница во балканските политики“. Оттаму и најновата изјава на претседателот Радев е по малку збунувачка. Дали се работи за некаква некоординираност на бугарската политичка сцена, промена на курсот заради нивни дневнополитички и пропагандни цели или нешто трето?

Политичките аналитичари со кои се консултиравме во сублимиран заклучок тврдат дека критичката изјава на Радев за спогодбата од Мала Преспа не ги отсликува во целост вистинските позиции на Бугарија кон овој настан.

Според нив, оваа изјава на Радев е наменета за собирање дневнополитички поени што ќе бидат искористени во тамошната изборна битка. Аналитичарите додаваат дека на сличен начин како Радев во последен период дејствуваат и повеќе други тамошни политичари, кои шират збунувачки сигнали и градат политички кариери врз македонското прашање.

Универзитетскиот професор Лазар Лазаров смета дека нема промена на меѓудржавните релации, туку сѐ што се случува сега во Бугарија е само една нова битка на тамошните социјалисти, предводени од Румен Радев со партијата ГЕРБ на Бојко Борисов.

Според него, ова случување по многу нешта личи на македонските внатрешнополитички расправања, кои кај нас секојдневно се регистрирани од медиумите на оваа тема, а се одвиваат најчесто меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

– Сакам да истакнам дека секој договор има свои добри и лоши страни, и тоа важи и за двата договора што Македонија ги потпиша, и со Грција и со Бугарија кои се исклучително важни за нашата земја и целиот регион. Имено, токму поради важноста на овие договори може да се разбере зошто политичарите од соседството честопати ги коментираат – вели Лазаров.

Тој истакнува дека последната изјава на Радев за бугарскиот став кон спогодбата меѓу Македонија и Грција е само тапани по свадба, бидејќи тој документ е конечен и неговата содржина нема да претрпи нови измени.

Според Лазаров, станува збор за завршена работа, иако Радев и преку последната изјава сака само да го девалвира Борисов пред домашната публика.

– Тоа се само политички игри и ништо повеќе – заклучува Лазаров.

Сличен став има и политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, кој оценува дека овие изјави треба да се сфатат како индивидуални, како лично мислење и аргумент за политичка битка во Бугарија, иако тие доаѓаат од исклучително високи официјални позиции.

Аналитичарот потсети дека на ваков начин неодамна реагираа и министерот за одбрана Красимир Каракачанов и европратеникот Андреј Ковачев, иако во суштина и двајцата се дел од власта во чие претседателство со ЕУ се потпиша договорот.
Аналитичарот, меѓутоа, смета дека релациите по изјавата на Радев меѓу бугарската влада и македонската влада со потпишаниот договор за пријателство и соработка се едно друго ниво и еден друг однос, за кој верува дека нема да биде променет подолг временски период.

– Јас верувам дека најверојатно бугарските политичари токму на сензитивноста на македонското прашање ловат најмногу гласачи, па токму поради таа причина тие по која било цена ги коментираат разните процеси во кои е инволвирана нашата држава – вели Стефаноски.