Без оглед на повеќето пораки што ги испратија голем број европски земји, како и САД, дека билатералните спорови мора да останат надвор од процесот на проширување на ЕУ, официјален Брисел продолжува да инсистира на решавање на спорот со Бугарија пред почетокот на пристапните преговори, иако повеќе од извесно е дека позицијата на Софија како членка на Унијата е многукратно поповолна од онаа на Македонија и сиот притисок е насочен врз македонската страна, која за да ги почне преговорите мора да ги прифати уцените од страна на источниот сосед, кои немаат никаква врска со европските критериуми

ЕУ со двојни аршини при приемот на нови членки

Последните пораки што европските челници ги испратија до македонските власти дека без решен спор со Бугарија нема почеток на пристапните преговори, говорат за двојните аршини на Европската Унија, која со години примаше земји што немаа решени билатерални прашања, а добар дел не ги исполнуваше ниту европските критериуми за членство.

Последен очигледен пример се билатералните спорови на релацијата Хрватска – Словенија, а сепак Хрватска влезе во ЕУ

Без оглед на повеќето пораки што ги испратија голем број европски земји, како и САД, дека билатералните спорови мора да останат надвор од процесот на проширување на ЕУ, официјален Брисел продолжува да инсистира на решавање на спорот со Бугарија пред почетокот на пристапните преговори, иако повеќе од извесно е дека позицијата на Софија како членка на Унијата е многукратно поповолна од онаа на Македонија и сиот притисок е насочен врз македонската страна, која за да ги почне преговорите мора да ги прифати уцените од страна на источниот сосед, кои немаат никаква врска со европските критериуми.
Најдобар пример за двојните аршини на ЕУ е пристапот на Брисел кога во 2008 година Словенија ги блокира пристапните преговори на Хрватска поради нерешен територијален спор околу водите во Пиранскиот Залив. Тогаш ЕУ овозможи деблокада на хрватските евроинтеграции, а подоцна и полноправно членство на Хрватска без практично решен спор со Словенија. Токму тоа ѝ овозможи на Хрватска да биде рамноправен партнер со Словенија подоцна во наоѓањето решение.
Апсурдноста за начинот на прием на нови членки ЕУ ја докажа со членството на Кипар, кој ги започна преговорите, а подоцна и беше примен во Унијата територијално поделен и без решение и ден-денес за територијата на турскиот дел од островот над кој право полага Турција, а линијата на раздвојување е под надзор на ОН.
Бугарија, земјата што ја блокира Македонија и е најгласна во барањата за европски критериуми, всушност преговараше и стана членка на ЕУ со проблеми во делот на корупцијата, владеењето на правото и малцинските права, клучни критериуми за членство и нешто што речиси 15 години од членувањето во Унијата и натаму го нема исполнето.

Во ниту еден момент досега билатералните спорови не биле услов за нечие членство

Билатерални проблеми имаше буквално меѓу сите актуелни земји-членки на ЕУ во процесот кога ги започнуваа и ги водеа преговорите за членство, но во ниту еден момент тие билатерални проблеми не станаа услов за нечие членство.
Сега се поставува прашањето зошто ЕУ, ако веќе 30 години имала воспоставено практика да не ги меша билатералните прашања во пристапниот процес, сега инсистира на тоа токму во случајот со Македонија, која, за разлика од сите други земји, за својата европска иднина го доживеа и најголемото понижување менувајќи го уставното име на државата.
Ако ЕУ сака вистински да ги почне преговорите со Македонија, тогаш треба да ја примени истата формула како онаа со Словенија и Хрватска, односно да овозможи Македонија да ги почне преговорите, да стане членка, а потоа како рамноправен партнер да седне со Бугарија и да бара решение за отворените прашања. Несомнено, самиот процес на пристапни преговори, кој ќе трае добри петнаесетина години, најмалку ќе придонесе во меѓувреме да се релаксираат тензичните односи меѓу двете земји и ќе овозможи развој на инфраструктурата, соработка на сите полиња, по што со студена глава подоцна ќе може да се седне и да се разговара.

Некои од аналитичарите со кои се консултираше весникот сметаат дека опцијата за билатерално решавање на спорот со Бугарија настрана од преговорите постои, но дека ЕУ е таа што треба повеќе да инсистира на тоа.
– Постои опција проблемот да се решава билатерално, но ЕУ сигурно нема да ни ја олесни работата, односно нема да ни каже во пресрет на самитот дека тоа може да го решаваме во меѓувреме. ЕУ би сакала да направи што е можно повеќе домашните задачи да си ги завршиме предвреме и да не им ги внесуваме проблемите внатре. Дури и да постои таа опција со билатерално решавање на прашањата настрана од преговарачкиот процес, тие нема да го рекламираат тоа – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Според него, како што ЕУ своевремено изврши притисок врз Словенија да попушти со блокадата на Хрватска, така може да биде случајот и со Македонија и Бугарија.
– Само со меѓународен притисок врз Бугарија би можело некако да се одблокираат работите – нагласува Арсовски.

Решавање билатерални проблеми по стапувањето во членство во ЕУ

Првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, смета дека не е невозможно да се одвојат билатералните прашања од преговорите, но тоа е тешко да се очекува со Бугарија.
– Решавање билатерални проблеми по стапувањето во членство во ЕУ би било соодветно решение (заради рамноправноста на односите, па со тоа и во спорот), но токму поради тоа ЕУ ги засили критериумите за членство пред многу години (да не се „увезуваат“ такви проблеми во Унијата), а и тоа е еден од главните механизми на земјите-членки (како Грција и Бугарија) за остварување на своите интереси, во однос на земјите-аспиранти за членство. Во таа смисла, не може да се очекува Бугарија да го прифати тоа, барем не наскоро, и јас не очекувам позитивно поместување до крајот на оваа година – нагласува Кржаловски.
Според него, дури и да се состави нова влада по изборите во Бугарија, тешко ќе дојде до „откочување“ на преговорите за членство во ЕУ без отстапки од нашата влада.
Првиот македонски амбасадор во Грција и дипломат од кариера Љупчо Арсовски смета дека е потребно едно поцврсто решение меѓу земјите во Унијата што ќе спречи вакви блокади.

– Имало многу примери како на поинаков начин се решавале и пребродувале спорни работи. Бугарија и да овозможи старт на преговорите, може на секој чекор да става блокади. Тука треба некоја поцврста солуција меѓу земјите. Вистинска штета е што не дојде до еден договор меѓу земјите-членки за консензус минус еден или минус два, со што ќе се решаваа многу прашања, па и нашето прашање немаше да биде прашање на ЕУ, туку земјите ќе си одеа напред – вели Арсовски.
Според него, Македонија нема што да очекува од самитот во Лисабон во јуни и, со оглед на актуелната ситуација во Бугарија, ЕУ сега нема да ја притиска оваа земја.
– Дефинитивно е јасно дека се работи за интереси на самата Европска Унија, односно на одреден број земји што се доминантни во рамките на Унијата и многу е јасно дека во овој момент се чувствува поделеност внатре во ЕУ. Како и да е, во ноември се планира еден вонреден самит на ЕУ со земјите од Западен Балкан за да се разговара колку е исполнета таканаречената Солунска агенда, така што очекувам тогаш некои работи да бидат појасни – заклучува Арсовски.