Друг значаен сегмент е и фактот што ваквите лидерски средби воопшто немаат тежина на формална институција, како што е Собранието на пример, како народен парламентарен дом, во кој треба да се водат сите дискусии и да се носат одлуки. Наместо тоа, одлуки се носат на неформални средби, а Собранието потоа само чека истите тие да ги изгласа

Дури и кога апелираат и предупредуваат на историската димензија на одлуките што треба да се донесат, политичките партии во Македонија не се откажуваат од практиката на тактизирање и калкулантство во процесите на преговарање, само за постигнување одредени свои интереси, или барем за добивање во време. Иако веќе вообичаена, па речиси и предвидлива, таквата практика во политичкото однесување секогаш е причина за подигнување на тензичноста во и така поларизираниот политички амбиент во земјата, по потпишувањето на спогодбата од Мала Преспа.

Токму спроведувањето на обврските прифатени со оваа спогодба од страна на Владата беше причина за неодамнешната лидерска средба, која во три продолженија се случуваше во текот на изминатата и почетокот на оваа седмица. По завршувањето на средбата на која требаше да бидат договорени начинот на избор на ДИК, законот за финансирање на политичките партии, техничка влада според пржинскиот модел, а според владејачката партија и измени во Кривичниот законик по барање на опозицијата, но пред сѐ да се договорат прашањата поврзани со спроведување на референдумот за (не)прифаќање на спогодбата од Мала Преспа, партиите – и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – во јавноста пласираа контрадикторни соопштенија за успехот на лидерската средба. Веднаш по лидерската средба требаше да се одржи и собраниска пленарна седница и експресно да бидат завршени процедурите за формирање на Државната изборна комисија, но сепак, и покрај делумно постигнатиот договор на лидерската средба, парламентарните процедури беа запрени. Сепак, два дена по лидерската средба (пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги достави своите предлози за претседател и еден член на ДИК до претседателот на Собранието, Талат Џафери. Процедурата продолжува со тоа што известувањата од политичките партии за нивните предлози за членови на ДИК треба да бидат доставени до претседателот на комисијата за избори и именувања Илија Димовски, кој, пак, треба да закаже седница за утврдување на предлозите.

За политичките аналитичари, начинот на тактизирање на политичките партии не е изненадувачки момент, но, сепак, за јавноста останува неодговорено прашањето колку договорите од таквите лидерски средби ги обврзуваат договорените страни, со оглед на тоа што таквиот формат на политичко дејствување воопшто не е во рамките на институционалното демократско и законско функционирање на општеството, туку се сведува на доверба во (наводно) дадениот збор. Притоа, во јавноста не постои доказ дека некој некому му дал збор. Друг значаен сегмент е и фактот што ваквите лидерски средби воопшто немаат тежина на формална институција, како што е Собранието на пример, како народен парламентарен дом во кој треба да се водат сите дискусии и да се носат одлуки. Наместо тоа, одлуки се носат на неформални средби, а Собранието потоа само чека истите тие да ги изгласа.

– Македонските политичари често се врзуваат за дадениот збор, но понекогаш партиските интереси ги наведуваат да тактизираат и да се обидуваат да го одложат спроведувањето на дадениот збор. Од досегашното искуство на функционирање на договори со лидерски средби, македонските политичари во 80 отсто од случаите го исполниле договореното. Честопати го одржуваат зборот и поради некој т.н. мачо-момент (за да не испаднат слабаци), а понекогаш и под притисок од страна, но искуството покажува дека тешко отстапуваат од дадениот збор – оценува политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Иако процените се дека во најголем број случаи македонските политичари не отстапуваат од дадениот збор (на лидерски средби), сепак тоа не го менува фактот дека со прифаќање на таквиот начин политичко договарање се дезавуираат демократските институции, како што е Собранието, каде што низ јавна дебата би требало да носат одлуки што ги засегаат државата и општеството.

– Секако дека не е пријатно за едно општество важните политички прашања да се решаваат во затворен круг (па, нека се тоа и лидери на сите партии), но тоа е веќе воспоставена практика, па и прифатена во јавноста. Но лидерските средби не се невообичаена практика и во други општества. Сепак, она што е договорено на таквите лидерски средби би требало да мине низ една посериозна дебата во Собранието и пратениците да не се третираат само како гласачка машина – вели политикологот Петар Арсовски.

Што се однесува до спроведувањето на одлуките од последната лидерска средба, се очекува до сабота (28 јули) да се одржи седница на Собранието, на која, покрај изборот на новиот состав на ДИК, ќе бидат донесени и измените во законите за финансирање политички партии и за влада, како што беше договорено во Клубот на пратениците, во понеделникот, на 23 јули.


Усогласен составот на ДИК

На седницата на Комисијата за избори и именувања, предводена од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, беше констатирано дека Оливер Дерковски од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде претседател на комисијата, а негов потпретседател ќе биде Дитмире Шеху од ДУИ. Елизабета Постоловска е избрана како член од ВМРО-ДПМНЕ. Борис Кондарко, Јанакие Витановски и Радица Ристевски се членови на ДИК од СДСМ, а Енвер Салиу од Беса на Касами.

По комисиското утврдување на составот на ДИК, во текот на вчерашниот ден (25 јули), веднаш беше закажана пленарна собраниска седница за 18 часот, на која треба да биде потврден изборот на Државната изборна комисија. Покрај изборот на членови на ДИК, на истата седница во Собранието треба да бидат разгледани и измените во Законот за финансирање на политички партии, на Законот за влада и измените на Изборниот законик, според договореното на лидерската средба во понеделникот. Според потпретседателот на Собранието од НСДП, Горан Мисовски, в сабота ќе биде распишана и одлуката за референдумот.


Заев:Референдум со или без ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот Зоран Заев верува дека до 30 јули Собранието ќе донесе одлука за распишување на референдумот, кој, како што изјави вчера во одговор на новинарско прашање, ќе го организираат и без опозициската ВМРО-ДПМНЕ во случај со нив да не се постигне договор, за што во тек се разговори на парламентарно ниво.

Во случај да не се постигне договор со ВМРО-ДПМНЕ, очекува соодветно позиционирање на нивните пратеници за одлуките за распишување на референдумот, но и пред јавноста. Тие, според Заев, мора да кажат каков им е ставот: дали ќе бидат за бојкот, тивок бојкот, за повик за референдум а да гласаат против, или ќе бидат за повик а граѓаните слободно да одлучуваат. Тоа е нивно право, но должност на сите е да обезбедат процесот да биде успешен.

– Заедно утврдивме тоа да биде колку што може порано, дури го спомнавме и датумот 30 септември. Тоа значи дека до 30 јули треба парламентот да донесе одлука. Не сакам да навлегувам во ингеренциите и надлежностите на парламентот, но верувам дека ќе се стигне ако се успее сите процеси да се придвижат и ако навистина парламентот биде посветен, за да завршиме порано заради државните интереси – изјави Заев