Подобрување на меѓусебната поврзаност во политичка, економска, инфраструктурна и безбедносна смисла во контекст на стратегијата на ЕУ за Западен Балкан е во фокусот на разговорите на состанокот на лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони, кој почна денеска попладне во Скопје.

Учесниците на почетокот ги пречекаа македонскиот претседател Ѓорге Иванов, како домаќин и претседателите на Хрватска и Словенија Колинда Грабар Китаровиќ и Борут Пахор како претставници на земјите иницијатори на овој процес.

На двочасовниот состанок присуствуваат и претседателите на Србија Александар Вучиќ, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Илир Мета, на Косово Хашим Тачи, како и претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина Бакир Изетбеговиќ. Специјални гости на состанокот во Скопје се претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и Бојко Борисов премиерот на Бугарија, земја претседавач со ЕУ.

По средбата на лидерите предвидено е заедничка прес-конференција да одржат Иванов, Грабар Китаровиќ, Пахор, Борисов и Туск.

Пред почетокот на состанокот беа одржани неколку билатерални средби. Претседателот на ЕС Туск имаше одвоени средби со хрватската претседателка Грабар Китаровиќ, со шефот на албанската држава Мета и со бугарскиот премиер Борисов.

– Успеавме да и покажеме на Европа дека без Балканот не може да има стабилност и мир ниту во регионот, ниту на целиот континент, изјавил Туск на средбата со Борисов.

Тој напоменал дека интегрирањето на земјите од регионот во ЕУ не може да се случи доколку не им се даде јасна европска перспектива.

Туск на средбата со Борисов изразил задоволство од резултатите од Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Напоменал дека македонскиот премиер Зоран Заев го информирал оти по склучувањето на Договорот мошне брзо се случило зголемување на трговската размена меѓу двете земји.

Хрватската претседателка Грабар Китаровиќ пред почетокот на состанокот имаше средба со својот словенечки колега Пахор.

Претседателот Иванов, како што не информираа од неговиот кабинет, немал билатерални средби со своите колеги.