Фото: Архива

Според познавачите на регионалните безбедносни прашања, движењето за заштита на животните „Левијатан“ е само параван за функционирање на крајно десничарска група на лица во Србија. Движењето себеси се декларира како милитантна неонацистичка организација. Неговите лидери Павле Бихали и Александар Бухановац неколкупати биле апсени од српската полиција, бидејќи на социјалните мрежи користеле говор на омраза и упатувале закани по живот на луѓе. Безбедносните аналитичари тврдат дека колку подолго трае новата етапа на српско-косовскиот отворен, но и латентен конфликт, толку се поголеми шансите тој да прерасне во нешто многу посериозно и да се прошири во регионот и во Македонија

РАДИКАЛНИ И МИЛИТАНТНИ ОРГАНИЗАЦИИ КАКО ПОТЕНЦИЈАЛНА ЗАКАНА ЗА ПРЕДИЗВИКУВАЊЕ КОНФЛИКТИ ВО РЕГИОНОТ

Косово неодамна, по серијата пукотници во северот од земјата, за малку избегна избувнување на опасен конфликт, кој, според упатените, бил на работ на војна. За овој последен судир, кој во себе имаше потенцијал да прерасне во војна и многу лесно да се прошири и во соседството, неодамна предупреди и УМНИК.
Имено, генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, пред објавувањето на последниот извештај на УМНИК за состојбите на Косово, во Советот на безбедност истакна дека е за поздравување обновувањето на релациите меѓу Белград и Приштина, но истовремено додаде дека двете страни мора да бидат конструктивни, во насока на зачувување на регионалната стабилност.
Слично на Гутереш, и дипломати од врвот на мисијата на УМНИК во Косово за тамошните медиуми соопштија дека во овие моменти состојбите на северот на Косово се стабилни и тие треба да останат такви за нередите да не предизвикаат регионална нестабилност.

Кои се „Левијатан“

Во меѓувреме, маслото на жариштето што се одвиваше северно од нашите граници ја заплаши балканската јавност. Тоа го „долеа“ крајно десничарската српска организација „Левијатан“.
Имено, повеќе членови на „Левијатан“ мината недела, веднаш по избувнувањето на инцидентите, во кои беше рането едно лице (етнички Србин), а повредени најмалку дваесет лица, од кои шест косовски полицајци, одлучија да се упатат кон Косово.
За среќа, членовите на организацијата многу елегантно и без конфликт биле спречени и вратени од граничниот премин Брњак, од страна на српските институции.
Во контекст на актуелните случувања и според расположливите информации, организацијата „Левијатан“ е формирана во Белград во 2015 година, како движење што декларативно се залага за правата на животните и нивна заштита во општеството. Оттогаш организацијата бргу го привлекува вниманието на јавноста, бидејќи се разгранува на територијата во повеќе држави од некогашната Југославија.
Според пишувањата, движењето една година по неговото формирање станува популарно кога на социјалните мрежи започнува да објавува видеа во кои членовите на организацијата спасуваат животни од човечко малтретирање. Набргу организацијата го проширува доменот на своите активности и започнува да се занимава и со политички и општествени актуелни теми.
Па, така, во 2020 година, движењето „Левијатан“ најавува дека формирало партија и дека ќе учествува на српските парламентарни избори истата година. Во предизборните коалиции, оваа „група на луѓе“ влегува во сојуз со разни организации на антиваксери и евроскептици, како и со движења што имаат ултрадесничарски ставови, како движењето „Живеам за Србија“.

Според српските медиуми, движењето за заштита на животните е само параван за функционирање на крајно десничарска група на лица во Србија. Лидерите на движењето, Павле Бихали и Александар Бухановац, неколкупати биле апсени од српската полиција, бидејќи на социјалните мрежи користеле говор на омраза и упатувале закани по живот на луѓе, но набргу потоа биле ослободувани од обвиненијата.
Дополнително на оваа тема, балканскиот сервис на Ал џезира информира дека за релативно кратко време, движењето добро се етаблирало во десничарските кругови во Србија.
– Движењето, кое себеси се декларира како милитантна неонацистичка организација, двапати ја шокира јавноста. Првиот пат собирајќи потписи за поддршка и помилување на осудениот за воени злосторства Драган Васиљковиќ, познат како Капетан Драган, а вториот пат собирајќи потписи за помилување за Звездан Јовановиќ, кој е осуден како еден од атентаторите на српскиот покоен претседател Зоран Ѓинѓиќ. Медиумот потсетува дека од почетокот на мигрантската криза во 2015 година досега членови на организацијата патролираат низ градовите во Србија, внимавајќи бегалците и мигрантите од Блискиот Исток да не ги напуштат локациите на кои се згрижени.
Во меѓувреме, безбедносните аналитичари тврдат дека колку подолго трае новата етапа на српско-косовскиот конфликт, толку се поголеми шансите тој да прерасне во нешто многу посериозно.

И од српска и од албанска страна има многу вакви радикални организации?

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, коментирајќи ги актуелните случувања, вели дека како што се дестабилизира атмосферата во Косово, сосема логично е на сцена да дојдат актери како „Левијатан“.
– И од српска и од албанска страна има многу вакви радикални организации, кои го чекаат вистинскиот момент да се активираат. Ниту едните ниту другите не му мислат добро на Косово, а сето дополнително е поопасно, бидејќи оттаму може да се дестабилизираат и Србија и Албанија, но и Македонија. Во целата приказна, со појавување на радикалните организации од овој профил, Македонија може да има само голема штета во конфликтот. Слично беше и во 1990-тите, кога војната од Косово се префрли и на наша територија во 2001-та – вели Стефаноски.
Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека македонскиот народ не треба да стравува од евентуалното прелевање на конфликтот помеѓу Косово и Србија во Македонија, но, како што посочува, македонските безбедносни служби треба да останат будни и постојано да ја следат состојбата на границите.
– Конфликтот беше наменски направен во пресрет на изборите во Косово, кои се одржаа викендов, бидејќи повеќе од очигледно е дека косовскиот премиер Албин Курти преку овој инцидент сакаше да го пренасочи вниманието на јавноста кон неговата политичка партија. Не е никаква тајна дека се шверцува стока од Србија во Косово и обратно, но шверцот трае со години. Ако власта на Косово имаше цел да се справи со ваквиот проблем, можеше да го стори тоа многу порано или по завршувањето на изборите. Но тоа што има повредени Срби во конфликтот го пренасочи вниманието на јавноста во спротивна насока од тоа што сакаше да го постигне Курти. Инцидентот можеше многу лесно да излезе од контрола доколку српскиот претседател Александар Вучиќ не реагираше онака како што реагираше, односно ако не упатеше закана до Косово дека конфликтот може да се претвори во воен судир – објаснува Марковски.
Тој вели дека ескалација на безбедносната состојба во регионот е невозможна поради силното присуство на НАТО во регионот и дека наскоро ќе спласне нервозата помеѓу Косово и Србија.

[email protected]