Политичката партија Левица и нивните двајца пратеници во Собранието, поднесоа осум поединечни тужби пред Управниот суд против Собранието како јавен орган, за поведување управен спор заради непочитување на процедурата за верификација на мандатите на пратениците Бедри Фазли и Фисниќе Бектеши Шаќири од ДУИ, и Драгица Ѓавочанова, Зеќир Рамчиловиќ, Белкиса Зеќири, Славјанка Петровска, Снежана Калеска Ванчева и Мирослав Богдановски од владејачката коалиција „Можеме“.

Наведуваат дека биле направени суштествени и неотстранливи процесни повреди на постапката.

– Во постапката која му претходеше на носењето на актите флагрантно се прекрши процедурата за верификација на мандатот на нов пратеник за остаток од мандатот, кој доаѓа на местото на друг пратеник од истата кандидатска листа и воопшто не се постапи според правилата на постапката кои се детално регулирани со закон и со Деловникот на Собранието. Во прилог на оваа наша теза, дека има неотстранливи „грешки во чекори“ во процедурата, говори и фактот што самото Собрание на РМ, по нашите процедурални интервенции на пленарната седница, си ја увиде својата флагрантна грешка и повреда на чл. 17 од Деловникот, па после првата спорна тура на вакви осум контроверзни верификации, веќе во следните два идентични случаја на верификација на остаток на мандат (на пратениците Емилија Рамбабова и Диме Велковски) – го поправи своето недопустливо однесување, доставувајќи не коректен Извештај од непостоечката Верификациона комисија, туку од надлежната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања – што, пак, доведува до еклатантна повреда на уставното начело на владеење на правото и правната сигурност, затоа што за една иста пропишана фактичка и правна ситуација недозволиво се воведува различна парламентарна пракса, т.е. два сосема различни механизми на верификација – велат од Левица.