Пратениците на Левицата, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, поднесоа барање до претседателот на државата, Стево Пендаровски, како еден од носителите на извршната власт, да го употреби своето уставно право на суспензивно вето, гарантирано во чл. 75 ст. 3 од Уставот (1991) и да не го потпишува указот за прогласување на законот за решавање на спорот помеѓу Владата и „Макпетрол“ АД Скопје по пат на спогодба, кој беше донесен на 28.12.2020 година по скратена постапка.

– Причините поради што го бараме ова од вас се следниве: законот е спротивен на амандманот XXV од Уставот, кој вели дека судската власт ја вршат судовите и дека се забранети вонредни судови – при што во случајот парламентот е ставен во позиција на ‘преки суд’, кој по брза постапка решава судски спор, кој трае над 15 години – со закон надвор од своите уставни надлежности, што е без преседан во досегашната државно-правна историја на Македонија, од АСНОМ до денес. Законот е привилегирачки и е спротивен на чл. 55 од Уставот бидејќи воведува партикуларен режим на решавање стопански спорови меѓу една приватна компанија и државата, спротивно на уставно загарантираната ‘еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот’. Станува збор за исклучително штетен и сомнителен закон, кој е спротивен на јавниот интерес бидејќи за стар и амортизиран гасовод, кој има номинална вредност од речиси 18 милиони евра, државата ќе треба да исплати речиси 33 милиони евра – и тоа во време на економска и здравствена криза од сериозни размери – се наведува во барањето на пратениците.

Тие се надеваат дека претседателот Пендаровски ќе ги искористи уставните ингеренции и нема да го потпише овој контроверзен закон за коj пратениците дебатираа цели 22 часа без прекин на една од најдолгите маратонски пленарни седници во поновата парламентарна историја на земјата.