Фото: Игор Бансколиев

Левица ги повика Владата и Министерството за земјоделство и шумарство да усвојат сет мерки, кои ќе им ги ублажат последиците на земјоделците од сушата, која, како што велат, придонесе за намалување на производството на храна.

Од партијата додаваат дека за да им се излезе во пресрет на земјоделците и овоштарите, Владата треба да прогласи елементарна непогода од суша и да се формираат комисии во подрачните единици на МЗШВ за проценка на штетите од сушата.

– Подрачните единици на МЗШВ во соработка и координација со водните заедници, јавните претпријатија кои стопанисуваат со водните ресурси и земјоделските здруженија да направат план како да се интервенира на местата каде што нема вода или е недоволна нејзината количина; да се намали цената на водата за наводнување, а кај земјоделците што имаат 100 отсто штети, целосно ослободување од плаќање; да се користат цистерните на комуналните претпријатија за наводнување; да запрат со работа малите хидроцентрали кои се наоѓаат на реки во критично сушни подрачја, и максимално користење на водата за наводнување во земјоделието; исто така да се воведе забрана за градење на мали хидроцентрали; чистење и редовно одржување на системите за водоснабдување; одземање на концесиите на системите за водоснабдување на приватните фирми кои вршат застои и нередовно снабдување со вода; субвенции за набавување на модерни системи за водоснабдување како кап по кап и вградување на водомери; изработка на стратегии за водоснабдување преку среднорочни и долгорочни планови, бидејќи глобалното затоплување и климатските промени во иднина ќе предизвикуваат се почести суши кои ќе влијаат врз земјоделското производство, а со тоа и на цената на храната – се вели во соопштението од партијата.