Пратениците на Либерално-демократската партија ќе делуваат самостојно во Собранието. Од партијата наведуваа дека одлуката за самостојно делување на своите пратеници Моника Зајкова и Боби Мојсоски е донесена на седница на Централниот одбор на партијата уште од август минатата година, но сѐ уште не е реализирана од објективни причини.

– Како партија донесовме одлука уште пред седум месеци за самостојно делување во македонскиот Парламент заради подобро претставување на либералните вредности и поголем простор на делување од страна на нашите пратеници. Тоа за нас претставува демократски потег и не е поврзано со дневно политички теми. Оставивме доволно простор за имплементација на оваа одлука. ЛДП како и нејзините пратеници и понатаму ќе продолжат да ја поддржуваат Владата, а тоа ќе се потврди и со гласањето на доверба на министрите Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ – велат од Либерално-демократската партија.

Од партијата додаваат дека во следниот период одлуката ќе се реализира и ќе делуваат како и останатите либерали во парламентите низ Европа.


СДСМ: ЛДП има право самостојно да одлучува

Мнозинството во Собранието и владината коалиција функционираат стабилно, велат од владеjачката СДСМ и додаваат дека се посветени на реализација на програмата што е во интерес на сите граѓани.

Соопштението на СДСМ следи по вчерашната одлука на ЛДП која соопшти дека ќе има самостоен настап во Парламентот и јавноста.

– ЛДП има право самостојно да одлучува за својот партиски пристап кон јавноста, но тоа никако не влијае во односите на коалицијата и активностите што се пред нас – стои во писменото соопштение од СДСМ.

„Постојаното пласирање лажни вести се само за внатрешна употреба во ВМРО ДПМНЕ“, додаваат од оваа партија.