Фото: Игор Бансколиев

Исхраната за време на животот во пандемија е исклучително битна, велат нутриционистите. Тие додаваат дека не треба да нѐ загрижува фактот што Македонците јадат најмалку месо во Европа, бидејќи остатокот од храната се заменува со овошни и зеленчукови производи, што е добро за здравјето…

Нејадењето месо – тренд, заради здравје или поради високата цена?

Македонците, заедно со Албанците и Молдавците, јадат најмалку месо во споредба со граѓаните од другите држави во Европа. Ова се податоци од истражувањето на организацијата „Светот пресметува“, која забележува дека Македонците по жител јадат во просек околу 107 грама месо дневно.
Спротивно од нас, најмногу месо во Европа консумираат Шпанија, Португалија, Исланд, Полска и Австрија, каде што просечната потрошувачка на ден стигнува и до еден килограм месо.
Во меѓувреме, слични податоци има и од домашни извори. Имено, според официјалните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), расте потрошувачката на житарките и тестенините на сметка на другите поскапи прехранбени производи.
Според анализата на ДЗС, во Македонија од месо најмногу се јадат пилешко и мисиркино, по триесетина грама просечна дневна потрошувачка, потоа јунешко и телешко по околу 20 грама, а речиси исто толку и свинско, а двојно помалку риба.
Од месни преработки, односно салами, нашите граѓани јадат паштети и колбаси, а се јадат во просек по речиси 30 грама на ден.
Од друга страна, кај зеленчукот, најпродавани се компирите, по околу 80 грама, следуваат оризот со 20 грама, гравот со 15, кромидот и лукот со по околу 30, исто колку и зелката. Домати во просек се јадат по 40 грама на ден, а пиперки по околу 60. Од овошјето, најмногу се троши јужното, по околу 40 грама, потоа лубеници и дињи по 30 грама, по исто толку јаболка и грозје, кајсиите и праските едвај надминуваат 10 грама просечна дневна потрошувачка по човек.
Од млечните производи, просечната потрошувачка е по 100 милилитри млеко, 60 грама кисело млеко и јогурт и двојно помалку сирење.

Во просек Македонецот јаде и по едно јајце секој втор ден. Статистичарите пресметале дека се консумираат и по речиси 30 грама шеќер, околу 8 грама кафе и какао и околу 20 грама чоколади и кекси.
Од друга страна, синдикалните организации во земјава пресметале дека на едно четиричлено семејство му се потребни 32.989 денари за да го протурка месецот, што е вредноста на минималната кошница за храна.
Во меѓувреме, експертите и нутриционистите велат дека исхраната за време на животот во пандемија е исклучително битна. Тие додаваат дека не треба да нѐ загрижува фактот што Македонците јадат најмалку месо во Европа, бидејќи остатокот од храната се заменува со овошни и зеленчукови производи, а сето тоа е добро за нашето здравје.
Доктор Мартин Јовановски вели дека добрата состојба во овие процеси е што со поголемо хранење со органски производи, пред сѐ со зеленчук и овошје, се намалува можноста од покачување на килограмите кај Македонците. Тој објаснува дека најверојатно високите цени на местото, но и одличните земјоделски производи што ги имаме во земјава резултирале со состојба во која нашиот народ, сакал или не, сега повеќе внимава на исхраната.
Имено, според Јовановски, ниската стапка на потрошувачка на место значи и низок процент на храна со заситени масти и јаглехидрати, а тоа придонесува за намалување на дебелината и дијабетес тип 2 кај нашите луѓе, кое особено е проблематична состојба во времето на пандемијата.
– Ако правилно се храниме, се намалува и зголемениот ризик за сериозна патологија од ковид-19. Таквата исхрана богата со витамини и минерали не го нарушува приспособливиот имунитет, што доведува до подобра одбрана од вируси. Затоа, сега повеќе од кога било, поширокиот пристап до здрава храна треба да ни биде врвен приоритет и треба да бидеме внимателни во поглед на здравите навики во исхраната – вели докторот.
Тој резимира дека кога ќе се собере сѐ заедно, може да се стигне до заклучок дека традиционалната македонска трпеза, која освен месо има и големи количества зеленчук и овошје, го прави населението да е поотпорно на вируси.
Нутриционистот Ненад Попоски вели дека сега најважно е да се обрне внимание на она што го внесуваме во организмот, особено лицата што се во најголема опасност од вирусот.

– Сѐ уште не постојат уверливи докази дека одредена храна или начин на исхрана може да влијаат на имунолошкиот систем и со тоа да се користат како превентива од заразата или да помогнат во лекувањето на лице заразено со коронавирус. Сепак, правилната исхрана не само што му овозможува на организмот имунитет против болести, вклучувајќи и ковид-19, туку е и примарна гаранција за промовирање на закрепнувањето од болести. Во тој правец, информацијата дека Македонците консумираат повеќе зеленчук и овошје наспрема месо е добра вест, бидејќи на тој начин во нашето тело се внесуваат повеќе витамини и минерали, кои ги нема во месните производи – вели Попоски.

[email protected]