Приватните безбедносни компании, кои со своите припадници се присутни онаму каде што се најголемите кризни жаришта во светот, бележат прогресивен раст. И на контата на таквите компании, според истражувачки медиуми што имаат извори во банките, е забележано исклучително зголемување на нивните приходи. Има ли Македонци што се дел од овие фирми?

Приватните компании што активно учествуваат во воените конфликти низ светот, во практика, „не се само организации што вршат операции за безбедност и вработуваат поранешни војници платени од разни државни режими, тие во денешницата веќе се прераснати во парамилитарни организации што имаат способност да им парираат на армиите на државите, па дури и да спроведуваат заеднички операции со војските на суперсилите“.

Ова се најновите заклучоци на проект на истражувачки новинарски тим на италијанскиот портал „Инсајд-овер“. Медиумот пишува дека овие приватни војски во денешницата се користат од државите за ефикасно да се менаџираат одредени конфликти во кои државите имаат стратегиски интерес, ама истовремено не сакаат да ги изложат на ризик своите војници.
– Токму затоа значењето на овие компании има политичка, дипломатска и економска тежина, бидејќи тие можат да им парираат на националните авторитети – пишува „Инсајд-овер“.

На оваа тема пишува и италијанскиот весник „Ла република“, кој информира дека индустријата со приватните армии се издигнала до ниво што се проценува дека таа вреди околу 400 милијарди американски долари.
Порастот на оваа воена приватна индустрија, „Ла република“ во својата анализа го темели врз американски статистички податоци што велат дека цената за да се испрати еден баталјон пешадија во странство на годишно ниво е 110 милиони американски долари, а цената за ангажман за истата функција на приватни фирми изнесува 90 милиони американски долари.
Според медиумот, можеби разликата од 20 милиони долари за една година ангажман на еден баталјон американски војници во странство и ангажман на приватни војски не изгледа многу за една држава како САД, но сето тоа добива на тежина ако се знае дека само во период од пет години од 2007 до 2012 година федералната влaда заштедила 160 милиони долари, бидејќи ангажирала приватни фирми за различни услуги наместо свои војници, тогаш може да се разбере порастот на индустријата.

Порталот „Инсајд-овер“ во својата обемна анализа на темава пишува дека во бизнисот, освен западни компании, во светот на големо се активни слични вакви претпријатија со руски, кинески и арапски капитал.
Од друга страна, (СЕТА), Џан Аџун, во своја анализа на темава информира дека во последните години можеме да видиме дека во зоната на судири, државите претпочитаат да ги користат приватните платени војски како посреднички сили, за самите да не влегуваат директно во меѓусебни судири.
Според Аџун, активноста на овие фирми денес може да се забележи во Сирија, Либија, Централна Африка, земјите од Далечниот Исток, па дури и во државите како Венецуела.

И наши Македонци како платеници, но со сосема различни мотиви

Соговорниците со кои се консултиравме на оваа тема велат дека нашите војници и полицајци заминуваат да работат во странство, каде што мотив во најголем дел е заработувачката на пари. Тие не одат во конфликтните зони заради возбуда, адреналин, психолошки нагони или, пак, некаква идеологија, туку нивниот мотив е сосема прозаичен, заради егзистенција. Поранешниот генерал на специјалните единици на македонската полиција Стојанче Ангелов, кој своевремено и самиот бил припадник на вакви и слични приватни компании од областа на безбедноста што дејствувале на Блискиот Исток и во Африка, вели дека нашинците заминуваат на т.н. воена печалба со единствен мотив, а тоа се парите.
Според него, ова е високоризична и стресна професија, која носи висока заработувачка, каде што за релативно краток период се заработуваат големи суми пари.
– Македонците што се нафаќаат да се занимаваат со ваков вид заработувачка може месечно да заработат поголеми суми пари, кои далеку ја надминуваат платата што ја добиваат во војската или полицијата. Платите се различни и тие варираат во зависност од компанијата што вработува, но и од дејностите што се вршат. Па, според моите искуства во ова поле, платите на пример за ангажман во Ирак се движат од почетни 2.800 долари месечно, но тие можат да пораснат и до 6.000 долари, па дури и до максимални 10.000 долари месечно. Ако сето тоа се спореди со фактот дека месечна плата на еден војник или полицаец е приближна на 400 долари, веднаш ќе се разбере мотивот зошто тие започнуваат да работат во приватниот светски сектор – вели Ангелов.
Според него, дополнително висината на платата зависи и од тоа од која земја потекнуваат војниците што приватно ќе бидат ангажирани.
– Имено, доколку вашата земја е членка на НАТО, вие сте платени двојно повеќе од оние војници на европски држави што на пример не се членки на сојузот – вели Ангелов.
Познавачот на случувањата вели дека во последно време, иако побарувачката за овој тип персонал е огромна, цената за ангажманот на Балканците се намалува.
– Тоа не се должи на фактот дека нашинците, условно кажано, не се добри во работата, туку на зачестениот наплив на луѓе, кои се најчесто од Босна и кои на терен стигнуваат со фалсификувани документи за воен и полициски ангажман и со овој чин потоа ја рушат цената на другите Балканци – вели Ангелов.
Кога си ангажиран од ваков тип компанија, се работи во ротации слично како во мировните мисии. Во период од една година, во зависност од многу услови од лична природа, но и од правила на компаниите, најчесто се работи приближно девет месеци. Тоа значи дека најчесто во практиката за ангажман на терен или служба од три месеци во кризните жаришта се одмора еден месец и повторно се продолжува – додава соговорникот.

Тој објаснува дека тоа е нормален начин на дејствување, бидејќи кога сте ангажирани од ваква компанија, кај вработениот пости ризик да загине или да биде повреден од борбено дејство, па дури и да биде киднапиран.
– Конкретно, од мое лично искуство, јас имав среќа во Ирак, бидејќи кога заминав од местото каде што работев наредната недела беше дигнато во воздух од напад на локалните борбени групи – раскажува генералот.
Според Ангелов, изминативе години многу е мал процентот на оние од земјава и регионот што загинале додека биле дел од овие безбедносни компании.
– За жал, оние што го загубиле животот од регионов, не загинале во директно борбено дејство туку во несреќни случаи. Од Македонија едно лице пред десетина години загина во сообраќајна несреќа во база на ваква приватна компанија, а лани животот го загуби и еден хрватски поранешен војник, кој се удави во поморска несреќа. Оттука, може да се каже дека, генерално, со оглед на карактерот на професијата, можноста да загине некој е многу мала. Тоа пред сѐ се должи на високиот степен на професионалност со кој се раководени овие приватни безбедносни фирми – раскажува Ангелов.

Го „земаат“ најквалитетниот кадар

Ристо Ајтов, претседател на синдикатот за одбрана и безбедност, вели дека овој феномен за ангажман на македонските војници во светските безбедносни компании е присутен со декади.
Според синдикалецот, сето тоа во најголема мера се должи на слабата заработувачка на високостручниот персонал во армијата, поради што во вакви фирми се вработуваат претежно офицери што се високообразовани и остручени професионално да работат во областа на безбедноста.
– Од македонската војска во просек годишно околу 400 лица поднесуваат отказ од своите работни места и голем дел од овие луѓе идниот ангажман си го наоѓаат во светските компании од овој тип – вели Ајтов.
Според синдикалецот, ваквите компании во практика од АРМ го „земаат“ најквалитетниот кадар, кој обично е од редовите на специјалните сили, а е со ранг на офицери и подофицери, бидејќи вработувањето во овие фирми најмногу се цени од добиени препораки од колегите на сојузнички војски во мировните мисии или, пак, од пофалби на надредените офицери, кои во минатото работеле во нашата војска, а сега се дел од ваквите фирми.

Синдикалецот вели и дека никој не може приватно да спречи некого да замине од АРМ каде што е платен во стотици евра и да заработи во странство илјадници евра од вакви компании, но државата може да се обиде да го намали одливот на нашите квалитетни кадри во овие структури.
Според Ајтов, тоа во суштина може да се направи со зголемување на висината на платите и со зголемување на грижата на Македонија кон своите војници и со инвестирањето во опремата со која работат овие луѓе.

Индустријата на приватните армии се издигнала до ниво што се проценува дека таа вреди околу 400 милијарди американски долари

[email protected]