Најавите за новиот мигрантски бран сериозно го подигнаа нивото на вознемиреност во земјите-членки на ЕУ, кои веќе размислуваат за заострување на националните регулативи (а по можност и на целата Унија) за прием на нови бегалци. Според информации добиени од високи дипломатски извори, кризата во Авганистан и дејствата на Белорусија ја демонстрираат потребата за брза ревизија на правилата на Европската Унија за миграција и азил

Хаотичните и вознемирувачки слики од кабулскиот аеродромот во Авганистан, од полетувањето на авионите со странските сили предводени од САД, кои по 20-годишното присуство се повлекуваат од оваа земја, на преполна аеродромска писта со луѓе од авганистанското население што очајно се обидуваат да најдат излез од земјата во која се враќа власта на талибанците, во остатокот од светот е доживеана како драматична, речиси апокалиптична најава за нов мигрантски бран, поголем од оној во 2015 година. Се чини дека веќе е прашање на часови кога големиот бран бегалци од Авганистан ќе стигнат до границите на балканските земји во транзитирањето кон европските. Овој пат не станува збор за економски, туку за политички и хуманитарни бегалци, кои масовно ја напуштаат земјата по воздушен и копнен пат.
Вознемиреност во ЕУ – неподготвени и без желба за прием на нови 
мигранти од Авганистан
Најавите за новиот мигрантски бран сериозно го подигнаа нивото на вознемиреност во земјите-членки на ЕУ, кои веќе размислуваат за заострување на националните регулативи (а по можност и на целата Унија) за прием на нови бегалци. Според информации добиени од високи дипломатски извори, кризата во Авганистан и дејствата на Белорусија ја демонстрираат потребата за брза ревизија на правилата на Европската Унија за миграција и азил. Уште во текот на изминатиот викенд, еврокомесарот Маргаритис Шинас (недела, 15 август), на Твитер напиша: „Ако има една работа што ја покажаа ситуацијата во Авганистан и дејствата на Белорусија, тоа е дека истече часовникот за тоа колку долго можеме да чекаме да ja усвоиме целосната ревизија на европските правила за миграција и азил што ни се потребни“. Не може да се пренебрегне впечатокот дека многу земји-членки на ЕУ се нервозни што случувањата во Авганистан може да предизвикаат реприза на миграциската криза во Европа од 2015-2016 година, кога хаотичното доаѓање на повеќе од еден милион луѓе од Блискиот Исток ги зајакна системите за безбедност и благосостојба и поттикна поддршка за екстремно десничарските групи.
Австрија и други членки бараат  бегалците да мигрираат поблиску до своите земји
Во меѓувреме, Австрија упорно опстојуваше на својата тврда линија да ги врати дома Авганистанците чии барања за азил пропаѓаа дури и кога напредокот на талибанските сили ги натера другите земји на Европската Унија да ги преиспитаат сличните ставови.
– Лесно е да се побара општа забрана за депортации во Авганистан, а од друга страна да се негираат очекуваните летови со бегалци. Оние на кои им е потребна заштита мора да ја добијат што е можно поблиску до нивната земја на потекло – изјави министерот за внатрешни работи на Австрија, Карл Нехамер, за новинската агенција АПА. Австрија беше една од шесте земји на ЕУ што уште минатата недела инсистираа на нивното право за присилно депортирање на одбиените авганистански баратели на азил. Три од земјите, Данска, Германија и Холандија, оттогаш го сменија курсот. Весникот „Остеррајх“ објави анкета за јавното мислење, покажувајќи дека до 90 отсто од испитаниците ја поддржуваат линијата на австриската влада. Се смета дека ваквата поддршка на јавното мислење на строгата мигрантска политика на австриската влада се должи на кривичното дело од висок профил што се случи во јуни годинава, во кое четворица Авганистанци во Виена се осомничени дека дрогирале и силувале 13-годишно девојче, кое ја изгуби свеста и почина. Австрија планира да одржи конференција за помош кон крајот на овој месец, или почетокот на септември, за да ги поддржи авганистанските централноазиски соседи, изјавуваат претставници на австриската влада.
– Помошта на терен може да функционира само во соработка со партнерите на теренот. Конфликтот и нестабилноста во регионот порано или подоцна ќе се прелеат во Европа, а со тоа и во Австрија – рече министерот за надворешни работи Александар Шаленберг.
Колку се изводливи депортациите на мигрантите што нема д а добијат азил
И покрај ескалацијата на состојбата во Авганистан, грчкиот министер за миграција, Нотис Митараци. кој минатата недела потпиша заедничко писмо со министри од пет други земји на ЕУ, во кое се вели дека депортацијата на неуспешните баратели на азил треба да продолжи и покрај борбите, рече дека прекинувањето на таквите враќања „ќе испрати погрешна порака“.
– Тоа ќе доведе повеќе луѓе да се обидат да заминат и да дојдат во Европската Унија. Европската Унија не е во состојба да се справи со повторување на миграциската криза во 2015 година и мора да се обиде да ги спречи луѓето да избегаат од растечкиот конфликт во Авганистан – рече Митараци пред една седмица.
Меѓутоа, единството на шесте потписници веќе се распадна речиси наредниот ден, бидејќи Германија и Холандија рекоа дека нема да изведуваат депортации во моментов. Но Митараци опстојува на ставот дека ЕУ треба да понуди поголема поддршка за да ѝ помогне на Турција да ги ублажи притисоците на повеќе пристигнувања на мигранти од Авганистан и вели дека блокот не може да апсорбира друга криза како онаа со која се соочи во 2015 година.
– Апсолутно не, ЕУ не е подготвена и нема капацитет да се справи со уште една голема миграциска криза – категоричен е грчкиот министер за миграција. Грција беше во првите редови на миграциската криза во Европа пред шест години, кога речиси еден милион луѓе, главно од Сирија, Авганистан и Ирак, пристигнаа на нејзиниот оддалечен остров по опасниот премин од бреговите на Турција, со гумени чамци.
Македонија се понуди  за прифаќање бегалци  од Авганистан
Како и соседните Албанија и Косово, кои го прифатија американското барање за привремен прием на авганистански бегалци што бараат визи за влез во САД, и македонските власти се изјаснија дека Македонија „како членка на НАТО ќе преземе солидарна одговорност привремено да прифати цивилно население од Авганистан, кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, им беше локална поддршка на сојузничките НАТО-сили, вклучувајќи и на нашата армија“. За почеток, станува збор за околу 190 лица: шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија што во изминатите 20 години работеле на одржувањето на мирот во Авганистан. По пристигнувањето на аеродромот во Скопје, сите задолжително ќе бидат упатени во 14-дневен карантин заради превенција од ковид-19, а оние што не се вакцинирани ќе примат вакцини. Од владината прес-служба објаснуваат дека сместувањето и преземањето на локалното население ќе биде со ограничен временски период, сѐ до обезбедувањето нивни трансфер до САД или до трети земји, што ќе биде утврдено во координација со стратегиските партнери и со меѓународните организации.
Наспроти ваквите организирани акции, нервозата што ја предизвикува во европските земји е извесноста од многу поголемата бројка на оние што по копнен пат ќе тргнат кон Европа.
На тоа укажува авганистанскиот амбасадор во Софија, Мохамад Саифи.
– Бегаат кон Пакистан или Иран. Од Иран во Турција, потоа кон Бугарија или Грција и понатаму. Не станува збор за економски мигранти, туку за обид да останат живи. Младите Авганистанци не сакаат да се вратат назад. Особено не жените и младите девојки. Тие не сакаат бурки, тие не сакаат да бидат затворени во домовите. Ние веќе не сме оние луѓе од пред 20 години. Веќе знаеме што е демократија, што е слобода. Ниту талибанците, ниту кој било друг, никој нема да нѐ врати назад, како пред 20 години. Но убеден сум дека од овој момент ќе има милиони, милиони наши политички и хуманитарни бегалци. За жал. Нашиот народ не сака леб, сака само слобода, слобода без војна – изјави Саифи.