Еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека одложувањето на почетокот на преговори на Европската Унија со Македонија и Албанија е огромна штета за кредибилитетот на Европа.

Хан денеска последен пат се обрати пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент во својство на комесар за проширување и соседска политика на ЕУ.

Тој смета дека ЕУ не може да си дозволи прво да се занимава со внатрешни реформи, а дури потоа со процесите во регионот на Западен Балкан, затоа што, како што рече, во тој случај има голем ризик од назадување на тие земји со реформите.

– Кредибилитетот претрпе огромна штета. ЕУ во светот зборува за успесите на мултилатерализмот и ние сме водечка сила во тоа, но тука не успеавме да усвоиме одлука. Нашиот кредибилитет е оштетен – порача Хан.

Тој потсети дека кредибилитетот на ЕУ е една од нејзините најголеми предности и дека токму тие земји членки дале гаранции дека преговорите ќе почнат кога ќе биде исполнети критериумите.

– Ние не ги испорачавме нашите ветувања и се надевам дека таа одлука ќе биде ревидирана – рече Хан.

Тој кажа дека условите кои им биле поставени на Тирана и на Скопје во јуни 2018 година биле резултат на консензус на земјите членки на Унијата, а не на Европската комисија и дека ништо на сила не им било наметнато на членките на ЕУ.