Присвојувањето делови од националните истории и историски личности има дога „традиција“ на Балканот. Тоа не е ниту моментален тренд, ниту каприц на одредена гарнитура на власт. Од историска перспектива, тоа е феномен што трае од поодамна. Токму на овие простори посилните држави, поточно оние што добиле историска шанса (и поддршка на големите сили порано) да формираат своја држава, имаат изразени тенденции за ретуширање на историските факти и аспирации за присвојување настани и личности од туѓи истории. Кои се причините за ова и што се крие зад ваквите тенденции?

Соседските ревизии на историските настани и личности како повод

Посегнувањата на политичарите кон историјата заради одредени цели не е ретка појава. Тие, поседувајќи ја моќта што ја носат со себе државата и нејзиниот инструментариум, посегнуваат дури и по историските факти и личности, сакајќи да ги стават во функција на одредена политичка агенда. Така, се ревидираат настани и историски личности и со игнорирање на историските вистини со аргументите на силата, политичарите сакаат да асимилираат и денационализираат колективитети и да го приграбат она што не е нивно. Таква појава има често во нашето пошироко соседство. Но она што е побитно е појавата што многу често и нашите соседи се обидуваат да украдат историја, јазик, личности, градејќи свои митови врз дела инспирирани од македонски историски дејци.
Професор д-р Тодор Чепреганов во свој осврт на случувањата вели дека во регионов очигледно секој сака да присвои позитивна славна личност и да ја вметне во својата колективна меморија.

– Овие личности што извршиле големи дела во минатото, во денешницата знаат да мотивираат население на една држава и да мобилизираат дејствување на еден народ и на неговите идни генерации. Токму затоа Македонија честопати е на удар од Бугарија во обидите да ни се одземе нашата историја и да се присвои за нејзини политички и колективни цели – вели Чепреганов.
Историчарот, говорејќи за делото на Гоце Делчев во овој правец, посочува на факт дека македонските народни песни се преполни со делата на оваа историска личност, а истото тоа не може да се каже за народните песни на оваа тематика во Бугарија.
Според него, дополнително, и во времето на Втората светска војна ликот и делото на Гоце Делчев, но и на другите македонски револуционери, биле мотивација за дејствувањето на македонските партизански одреди што ги носеле нивните имиња.

Во денешна Бугарија, пак, во истиот период партизанските бугарски одреди се именувале по лица од тамошната историја, кои ги побудуваат сличните мотиви како македонските и го носеле името на бугарските историски личности, како Васил Левски или Христо Ботев, односно македонските историски личности како Гоце Делчев ги нема во имињата на бугарските борци против фашизмот во тој период.
Според Чепреганов, самиот факт што Бугарија ги дала моштите на Гоце Делчев да бидат пренесени во Македонија е свој доказ дека делата на оваа историска личност значат многу за Македонците и тие во Бугарија го немаат истиот ефект кај тамошното население.

– Вакви слични конфузии, но од поблага природа, имаме и за другите историски личности што дејствувале во овој регион во минатото. Таков е примерот со Ѓорѓија Кастриот-Скендербег, кој дури Италија се обидела да го присвои за свој, па има компонирано и напишано дури и опера во неговата чест. Натаму, слични спорови се однесуваат на делото на Александар Македонски и на Никола Тесла, каде што одредени народи се обидуваат делата на овие историски личности да ги пресликаат од туѓата во својата колективна свест – додава професорот.
Професорката по историја од Институтот за национална историја Наташа Котлар вели дека главната поента на приграбувањето на македонската историја и историски личности од соседите е олицетворение на едно дејствување со кое се цели кон бришење на постоењето на македонската држава, македонскиот народ, јазик и историја.

Според професорката, проблемот во овие случувања на приграбување историски личности гледано од македонска перспектива, но и од регионална, лежи во фактот дека политиката ги вмешува своите прсти онаму каде што не треба, односно во науката.
– Политичарите во одреден момент спроведуваат одредени дејствувања што честопати се рефлектираат на историјата, навлегувајќи во битни историски случувања или историски митови. Ова дејствување на политичарите нема допирна точка со науката, туку зад него стојат одредени дејствувања инспирирани од одредени центри на моќ со геополитички предзнак – вели Котлар.

Професорката објаснува дека откога постои македонската државност, од АСНОМ наваму, нашата земја создала историски институции и образовни научни центри чија работа се темели на научни методи и кои во своето дејствување ја отсликуваат и аргументираат историјата на нашиот народ и држава, а сега одредени политичари без познавање на науката, кои таа ги нарекува шутраци, се обидуваат да ја срушат науката на историјата и нејзините вредности во земјата.
Доколку ни се украде нашата историја и се приграби од соседите, според Котлар, се одзема и основата врз која се темели формирањето на нашата земја.
Во регионална смисла, за другите спорови, како оној за Никола Тесла меѓу Србија и Хрватска, професорката вели дека тие случувања ја немаат тежината како македонско-бугарскиот спор.

– Конкретно за Тесла, дали е тој Хрват или е Србин роден во Хрватска, има и голем број сведочења на други науки, како на пример физиката, каде што ова прашање може лесно да се апсолвира. Тамошниот спор верува дека повеќе се должи на обидите на земјите да го искористат овој историски научник познат низ целиот модерен свет единствено за популаризација на својата земја – додава Котлар.
Според неа, приграбувањето на историските личности може најефективно да се спречи доколку народот е образован по овие прашања, а колку повеќе ја познаваме историјата толку полесно нема да се лизнуваме на политичките обиди за мешање во науката и фактите.

[email protected]