Фото: Маја Јаневска-Илиева

Досегашното македонско искуствот во евроинтеграциите, поучува дека добриот извештај на ЕК и препораката за почеток на преговорите не се доволни Советот на министри на ЕУ конечно да одреди и датум за почеток на преговорите. Во однос на (не)принципиелноста на ЕУ, во однос на сопствените критериуми за проширување, Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европски политики, оценува дека Европејците се „креативни“ во наоѓањето изговори

По десет препораки од Европската комисија за почеток на преговорите на Македонија, за членство во Европската Унија, во земјава се чини веќе многу повнимателно, поемотивно, попрагматично се примаат, оценуваат, одмеруваат забелешките, можностите и условите за добивање на долгоочекуваниот датум за преговарање.

Последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите-кандидатки, претставен на 29 мај, и од еврокомесарите Хан и Могерини, како и во домашната јавност се оценува како „најпозитивен“ во десетгодишното „колекционирање“ препораки на земјава, но и со најдобри оцени меѓу сите земји со ист статус.

Сепак, македонското искуството во евроинтеграциите, поучува дека добриот извештај на ЕК и препораката за почеток на преговорите не се доволни Советот на министри на ЕУ конечно да одреди и датум за почеток на преговорите. Дотолку повеќе што ова е и последен извештај на овој состав на ЕК, кој има мандат до октомври, а во самата Унија веќе се прават коалиции и се бараат решенија за новиот состав на комисијата, по минатонеделните избори за Европскиот парламент. Во таа насока по 10 години добивање главно само позитивни извештаи и препораки, но никако и датум за почеток на преговорите, се поставува прашањето колку како држава и како граѓани можеме да бидеме задоволни со ваквиот статус. Колку ова дежа ви или статус кво ситуација на нашиот пат кон ЕУ, влијаат стимулирачки односно дестимулирачки врз целото општество. Политичко-партиската диоптрија или гледиште околу ова прашање се различни.

Во јуни, најдоцна во јули, ќе добиеме датум за почеток на преговорите со Европската Унија, порача премиерот Зоран Заев во парламентот одговарајќи му на прашање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

– Тоа повеќе не е алтернатива во зависност од нашите перформанси, бидејќи 100 проценти од нашите обврски ги завршивме, тоа го кажува Европската комисија, сите земји-членки комплетно. И тоа е заслуга на сите вработени во администрацијата, на власта и на опозицијата. Ние сме пример во регионот – рече Заев.

Милошоски, пак, истакна дека една од причините зошто веќе не сме добиле датум за преговори е поради тоа што, меѓу другото, премиерот со државни пари плаќа нестручни партиски лица за советници.

– Ако до вчера изговорот за недобивањето датум беше Атина, сега гледам дека ќе биде Тирана. Бидете искрен пред македонската јавност, бидејќи цела година ја лажете државата дека сме добиле датум, а сега велите дека ќе добиеме наскоро поради околностите – рече пратеникот на ДПМНЕ.

Независно од реакцијата на партиите за извештајот на ЕК, јавноста е сепак најзаинтересирана кои и колкави се реалните придобивки за Македонија од десеттата препорака за започнување на преговорите за членство во ЕУ? Дали и колку земјата е поблиску до целта во ЕУ, односно датумот за почеток на преговори? Или и овој пат, како и претходно, може сѐ да се сведе само на тапкање по рамо.
Познавачите на евроинтегративните процеси укажуваат на (де)стимулативните моменти во фактот што Македонија е оценета како најдобра од сите земји-кандидатки за членство во ЕУ, во извештајот на ЕК.

– Главната придобивка од извештајот на ЕК е што е, секако, со најдобри оцени, иако дури десет пати досега извештаите давале препорака за почеток на преговори. Извештајот, објективно и реално го забележува прогресот во реформите, но и моментите каде што сме потфрлиле. Сепак ова е многу силна препорака, што доаѓа период кога реално може да направи силен притисок врз Советот на министри на ЕУ, што ќе се одржи на 18 јуни, односно дава подобри и појасни аргументи за да добиеме датум за почеток на преговорите. Особено е позитивно тоа, што во споредба со извештајот за Албанија, забелешките за албанските реформи (во поглед на судството) се многу повеќе во однос на тие за Македонија. Тоа, секако, е добар аргумент за земјите-членки на ЕУ, кои ја поддржуваат Македонија во евроинтеграциите, да издејствуваат одвојување на Македонија од Албанија при одлуката за доделување датум за почеток на преговорите. Ако нѐ одделат од Албанија, тоа значително ги зголемува шансите за добивање на датумот. Во спротивно, ќе треба уште да се чека за почеток на преговорите. Во тој поглед, со т.н. „пакетен пристап“ за проширување, и Унијата е непринципиелна, односно постапува во спротивност на сопствената стратегија за кредибилно проширување, според кое напредокот и постигнувањата на секоја земја се оценуваат и наградуваат одделно – вели Марко Трошановски, претседател на институтот за демократија „Сосетас цивилис“ од Скопје.

 

 

 

 

 

 

Во однос на (не)принципиелноста на ЕУ, во однос на сопствените критериуми за проширување, Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европски политики, оценува дека Европејците се „креативни“ во наоѓањето изговори.

– Тие сега ќе наоѓаат изговори кај нив. Тоа ќе биде или недостигот од време за процедурално да се заврши сѐ, или ставот на Германија каде што кај нив треба да се изјасни парламентот, а комисијата вели дека немаат време за тоа… Или, пак, тука е Франција, која генерално е воздржана и постојано беше последна во убедувањето за која било одлука. Така што повторно се очекува борба на Советот за ова прашање.

Прашањето е сега, дали ќе се даде датумот за меѓувладината седница, која треба да се одржи до крајот на годината, барем според минатогодишните заклучоци. Она што се најавува како можност е таквата одлука да биде одложена за септември или октомври, но дека нема да има натамошни одложувања – вели Ристевска-Јорданова.

Според Александар Кржаловски, првиот извршен директор на МЦМС, доволен успех за оваа година за Македонија би било и ако само се заокружи членството во НАТО, а преговорите со ЕУ би можеле да почнат и наредната година.

– Веројатно е точна констатацијата дека ова досега е најпозитивниот извештај на Европската комисија (иако и натаму во многу области имаме единици, двојки и тројки) и тоа ја следи реториката на водечките луѓе за проширувањето (Могерини и Хан) за наградување на напредокот на Македонија, особено постигнувањето на Преспанскиот договор. Со тоа се исполнува нивната обврска и се зголемува притисокот кон земјите-членки конечно да одлучат (на 18 и 21 јуни) да почнат преговори за наше членство во ЕУ. Сепак, од различни причини, можно е одлуката повторно да се одложи и јас сметам дека, за жал, тоа и ќе се случи и повторно ќе бидеме „превеслани жедни преку вода“, но не би се загрижувал многу засега, дури и ако биде така. Доволен успех за оваа година ќе биде да го заокружиме членството во НАТО, а преговорите со ЕУ би можеле да почнат и наредната година (со одлука на ЕУ советот во декември) – смета Александар Кржаловски.