Фото: Маја Јаневска-Илиева

Се чини дека и покрај дводеценискиот процес на интеграција со Охридскиот договор, албанскиот политички блок не може да го надрасне синдромот на грижа само за сопствените тесни етничко-партиски интереси и да го достигне стадиумот на посветеност на заедничките национално-државни интереси

Условувањето на поддршката на резолуцијата одамна позната тактика на албанските партии

 

Комплетирањето на впечатокот за консензус во позициите на парламентарните политички партии околу предлог-резолуцијата за идентитетските црвени линии во преговорите со Бугарија е ставено „на чекање“, поради воздржаноста на албанските партии за формулациите во текстот, како и за ефектите што резолуцијата може да ги предизвика во контекст на досега постигнатите позиции во евроинтеграциите на Македонија. Но по информативната средба во Собранието на подносителите на резолуцијата со претставниците од албанскиот парламентарен политички кампус, во јавноста од страна на последно споменатите беа пласирани изјави што манифестираат силно калкулантство во однос на поддршката за утврдување недвосмислена политичка позиција за државните идентитетски позиции.

Колебливост, калкулантство, манипулантство и партиско-политичко
профитерство на штета на Македонија

Со негативниот став кон идејата за декларирање на црвените линии, претставниците од албанскиот политички кампус како синхронизирано да оставаат временски простор да си искалкулираат како би се одразило тоа врз спроведувањето на нивните теснопартиски етнички интереси, повторно ставајќи ги пред национално-државните интереси.
Во прилог на калкулантството на албанскиот политички етнички блок околу поддршката во исцртувањето на национално-државните идентитетски црвени линии во преговорите со Бугарија и воопшто односите со ЕУ и меѓународната заедница, потврдуваат изјавите на претставници од т.н. албански опозициски блок, но и на албанските партии од власта, жешки етноцентрични зачини дека нивниот единствен приоритет на дејствување е „грижа за Албанците во Македонија“.
– Наша грижа се приоритетите за албанскиот народ (?!) во Македонија, претпоставувам и на сите граѓани во оваа држава, а тоа е евроинтегративниот процес, особено затоа што ние сме зависни од ЕУ, зависни од Западот и нашата иднина ќе зависи од Европа, од НАТО, од САД. Она со што никако не би се согласиле е да се пролонгира и да се загрозува евроинтегративниот процес – вели Елми Азири, пратеникот од Алијансата за Албанците.
Уште понезаситени апетити јавно промовира лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, кој експлицитно нагласува дека по предлог-резолуцијата, очекува македонските партии да предложат и резолуција со која ќе се промени формулацијата за албанскиот јазик во Уставот, кој е дефиниран само како „јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, а кои не се мнозинство“. (?!)
Во најмала рака, „чудно имагинативни експликации“ презентира и министерот за надворешни работи Бујар Османи, во својство на партиски челник.
– Најголемата грешка што може да ја направиме досега, од една државна позиција што има кредибилитет пред светот, некој сега да ја претвори повторно во етничка… Ако заради некои политички, партиски амбиции овој државен консензус којшто го постигнавме го претвориме повторно во етничко прашање, тоа е најголемата штета што може да се направи. Ако треба да се донесе некаква резолуција, тоа треба да биде производ од сите, а не наметната од некоја политичка партија. ДУИ е на ставот дека овој процес треба да се почне од нула. Да седнат политичките партии консензуално, а не да биде наметната од една партија. Како што напоменав, се плашам дека може од државна, со ваква резолуција, да преминеме во етничка позиција – ги објаснуваше во медиумите министерот за надворешни работи Бујар Османи причините на неговата партија ДУИ за одбивање на резолуцијата како предлог.

Зошто македонските Албанци се дистанцираат од својата држава во клучните историски моменти?

Задршката и поставувањето услови на албанскиот политички блок за резолуцијата со која Собранието би ги дефинирало идентитетските црвени линии на Македонија во меѓународен контекст предизвикува „будење на запретаните сеќавања“ на историскиот пресек од независноста на Македонија, кога Албанците се дистанцирале или гласале против конститутивноста на македонската држава: од неучеството на референдумот во 1991-та, негласањето на првиот Устав, преку конфликтот од 2001 година… Се чини дека, и покрај дводеценискиот процес на интеграција со Охридскиот договор, албанскиот политички блок не може да го надрасне синдромот на грижа само за сопствените тесни етничко-партиски интереси и да го достигне стадиумот на посветеност на заедничките национално-државни интереси.
– Воздржаноста на албанскиот политички блок во однос на резолуцијата за македонските идентитетски линии во Собранието веројатно претставува купување време за да се согледаат сите аспекти на нивниот етнички интерес. За жал, сите одлуки во Македонија зависат од тој етнички баланс на прашања, кои се изнудуваат со мнозинство, иако често во спротивност со Уставот и законот. Еден од таквите епилози е и примената на Законот за употреба на јазиците, кој поради недостиг од двотретинско мнозинство за измена на Уставот беше преточен во закон, со кој всушност се направи изнудена јазична федерализација… Реалноста е таква што ситнопартиските и етничките математики сѐ уште се пред националниот и државниот интерес – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.
Сепак, Петров потенцира дека и без резолуција, обврска на сите политички субјекти е да ги почитуваат уставноста и законитоста. Во нив е содржана суверената волја на народот, изразена на два референдума, оној од 1991-та и од 2018-та, на кои граѓаните се изјаснија како ќе ја нарекуваат својата држава и како ќе се идентификуваат себеси. Со билатерален договор не може да се менуваат уставната волја на народот и меѓународното право, смета Тодор Петров.

– Секаква воздржаност и дистанцираност на првите соседи и сограѓани во поддршката за резолуцијата со која би се искажале позициите за македонскиот национален идентитет , испраќа лоша порака. Таквиот став не им оди во прилог ни на партиите од албанскиот етнички блок, освен ако не постојат некои тајни агенди. Не го разбирам тактизирањето со поддршката за резолуцијата, освен ако не постои некоја игра со СДСМ , од видот на „добар и лош полицаец“, за не биде изгласана резолуцијата во Собранието – размислува универзитетската професорка Солза Грчева, активна на македонската политичка сцена.
Покрај сомнежите за скриени интереси и договори во однос на резолуцијата, професорката Грчева предупредува на недостатоците во резолуцијата, кои оставаат простор за растегнување на дефинициите на идентитетот.
– Тоа не е обична декларација, тоа се црвени идентитетски линии и не смеат да бидат изразени со празни правни флоскули. Мора многу јасно да се искаже што разбираме ние како македонски идентитет, како дома така и во меѓународните односи. Непрецизноста на дефиницијата на идентитетот во резолуцијата, се плашам дека ќе остави простор за нејзино растегнување во преговорите и повторно да останеме обезимени и обезличени во некои понатамошни билатерални договори – вели професорката Солза Грчева.