Фото: Дарко Андоновски

Ваквите отворени предупредувања во јавноста кај нас, од сериозни безбедносни служби како онаа на САД или на Бугарија, а преку нивните МНР-а, односно дипломатско-конзуларни претставништва во земјава, фрлаат малку поинаква светлина и за безбедноста и сигурноста на граѓаните на Македонија, а не само за резидентите на гореспоменатите држави во нашата држава

Темите поврзани со опасностите што ги носи тероризмот по безбедноста на државата изминативе неколку дена повторно станаа популарни за дискусии во јавноста. За враќање на актуелноста на безбедносните теми кај нас, во прилог одеше петочното соопштение на МВР, во кое се вели дека бил спречен терористички напад во државава. Во соопштението не беа наведени повеќе детали за операцијата на нашите безбедносни органи. Тоа не содржеше ниту елементи за индикаторите на подготвителните активности за терористичкиот напад, за носителите на подготовките за изведување, за нивните планови, цели, логистика и дали воопшто има приведени. Министерството за внатрешни работи кратко соопшти дека спровеле оперативно-тактички мерки и претреси на неколку локации поради планови за извршување терористички напад од страна на поддржувачи на Исламската држава (ИД), а дека дојавата за акцијата стигнала од партнерска земја. Со впечаток на некаква синхронизираност, еден час по соопштението на МВР, во јавноста се огласи и американската амбасада во Скопје. Оттаму беше лиферувано безбедносно предупредување до нивните државјани што престојуваат во Македонија да бидат внимателни. Во информацијата објавена на сајтот на амбасадата се вели дека терористички организации и поединци инспирирани од екстремистичка идеологија имаат намера за напад врз цивили, вклучувајќи и државјани на САД во странство.

Во соопштението има и многу посериозни предупредувачки елементи, во кои се нагласува дека терористите при нападите сѐ почесто користат пиштоли, возила и остри предмети и сѐ повеќе се стремат кон напади врз објекти што се меки цели, какви што се трговските центри, пазарите, аеродромите, хотелите, клубовите, рестораните, верските објекти, училиштата, парковите и јавните настани. Последно од редот во неделата на оваа тема се огласи и бугарското МНР, чиј прес-центар за софиските медиуми информира дека во наредните неколку дена постои опасност од терористички напади во Македонија, а бугарските државјани треба да бидат внимателни за време на нивниот престој во земјата. Ваквите отворени предупредувања во јавноста кај нас, од сериозни безбедносни служби како онаа на САД или на Бугарија, а преку нивните МНР-а, односно дипломатско-конзуларни претставништва во земјава, фрлаат малку поинаква светлина и за безбедноста и сигурноста на граѓаните на Македонија, а не само за резидентите на гореспоменатите држави во нашата држава.

Во меѓувреме, бидејќи станува збор за исклучително сензибилни случувања, во кои беа објавени информации дека ќелии на ИД дејствуваат во Македонија, сето тоа, разбирливо, предизвикува возбуда кај граѓаните, а вестите за опасностите од тероризмот како по навика секогаш силно и вознемирувачки одекнуваат во ваквите ситуации. Токму поради недостигот од повеќе официјални информации во јавноста поврзани со случувањата, доколку се проанализираат само познатите делови од публикуваните информации, ќе се стигне до неколку интересни прашања што во интерес на граѓаните, секако, заслужуваат одговор.

Со оглед на тоа дека е презентирана информацијата дека некоја пријателска служба им помогнала на македонските власти во случајот, дали со овој чин веќе на дело се чувствуваат ефектите и придобивките на нашето членство во НАТО? Дали чадорот на НАТО веќе ефикасно и нас нѐ штити безбедноно? Дали можеби, од друга страна, ние сѐ повеќе отсега ќе ги привлекуваме безбедносно интересните лица од позиција на тероризам, бидејќи, нели, сега пријателите во Алијансата имаат заеднички непријатели, кои им се легитимна цел на терористите, во случајов институциите и граѓаните на Македонија? Во тој контекст, дали македонските служби веќе активно се вклопени во системот на Алијансата и започнале да разменуваат информации од безбедносно-разузнавачката сфера и отсега заеднички ќе ги сузбиваат заканите и ризиците од радикалниот верски екстремизам? Дали реализираната акција има некаква врска со превенција на радикални и милитантни подготвителни активности во пресрет на најавената посета на папата Франциск, кој во мај треба да пристигне во Македонија? Или, пак, ова е предупредување за сите конзервирани ќелии на радикали и милитанти во регионов, каде што има индикации дека постојат повратници, а особено во соседно Косово, во Босна и Херцеговина и Албанија?

Во секој случај, соопштенијата на амбасадите придонесоа за вознемиреност кај граѓаните, особено во период на преминот од зима кон пролет, кога луѓето сакаат да излезат од своите домови и да присуствуваат во поголеми групи на јавни манифестации или едноставно надвор, во трговските центри, на плоштадите, на натпревари и сл.

Во меѓувреме, во наредните денови „Нова Македонија“ во своите анализи и истражувања ќе побара мислење од видни безбедносни експерти, како и одговор од надлежните институции, со што од прва рака целосно ќе се допрецизираат настаните, а сето ќе биде за комплетно да се информира јавноста, за таа да има доверба дека државата се грижи за безбедноста на своите граѓани.