Фото: Игор Бансколиев

Интересно е што во овој случај она што едната страна го смета за пораз, другата не го доживува како победа. Има тврдења за вин-вин ситуација, каде што победници се и двете земји, но и крајно спротивставени тези дека една од потписничките претрпела пораз наспроти триумфот на другата. Која е тогаш вистината, дали се работи за дипломатска прагматичност, осмислен политички маркетинг или нешто трето. Околу победничките или губитничките аспекти на Преспанскиот, издвојуваме две анализи – првата од „Катимерини“ и втората со ставовите на домашни истакнати политичари и дипломати

Преспанскиот договор, и по усвојувањето и изгласувањето и во Македонија и во Грција, не престанува да е во фокусот на интересот и во двете земји и постојано предмет на различни коментари. Едни го напаѓаат, други го величат, при што завршувањето на политичкиот процес на легитимирање на спогодбата сепак не значи и стивнување на двојните наративи за победнички и губитнички аспект на Преспанскиот договор и во Македонија и во Грција. Интересно е што во овој случај она што едната страна го смета за пораз, другата не го доживува како победа. Има тврдења за вин-вин ситуација, каде што победници се и двете земји, но и крајно спротивставени тези дека една од потписничките претрпела пораз наспроти триумфот на другата.

Во таа насока, околу победничките или губитничките аспекти на Преспанскиот издвојуваме две анализи – првата од „Катимерини“ и втората од нашиот весник со ставовите на домашни истакнати политичари и аналитичари.

Во македонското општество и понатаму големи и гласни се сомневањата за некаква победничка придобивка од спогодбата, покрај поканата за членство во НАТО.
– Добро е што во „Катимерини“ почнаа да се отвораат картите дека Преспанскиот договор е триумф за нив. Нормално, тоа ни се случува откако е завршена процедурата и нашиот македонизам е целосно закопан под земја. Од наша страна може да се слават само капитулација и предавство, кои историјата жестоко ќе ги осуди. Не остана повеќе ниту еден детаљ што Македонија треба да му го даде на јужниот сосед. Сѐ што беше за нас клучно, историски важно, фундаментално – жртвувавме. Грција веќе има целосен монопол врз терминот „Македонија“ и нашите големи маки допрва претстојат. Меѓу другото, сите деловни термини што го содржат зборот Македонија ќе бидат грчки. Тоа го овозможува Преспанскиот договор и тоа, неизбежно, ќе се случи – смета поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

Модерната дипломатијата пак, како дисциплина настојува да ги избегнува аспектите победник-губитник, колку што е можно да креира вин-вин состојба, во која сите би се чувствувале како победници. Тоа, пак, во свет каде што големите сили упорно настојуваат да ја обележат својата доминација звучи особено нереално, но во дипломатијата сепак постојат (по)практични техники со кои се постигнуваат одредени цели.

– Во дипломатското преговарање постои техника на двојно толкување, која обично се применува во фазата кога одреден договор треба да ѝ се „продаде“ на домашната публика. Тоа е разбирливо кога треба да се добие поддршка во јавноста за тежок договор што навлегува во идентитетски прашања како Преспанскиот договор. Во грчката јавност (како впрочем и во македонската) постојат два наративи за спогодбата: власта го форсира победничкиот момент, опозицијата пак се фокусира на она што смета дека сме загубиле. Сепак, во нашата јавност не треба да се реагира како на провокација на кој било грчки наратив – вели професорот по меѓународно право Љубомир Фрчкоски.

Професорот Фрчкоски македонскиот победнички аспект во спогодбата од Преспа го гледа во тоа што со него веќе е пошироко прифаќањето на македонскиот идентитет и терминот „Македонци/македонски“ во меѓународна употреба ќе се користи само за нас.

– Иако во името на државата се додава географската одредница „северна“, сепак како нација не го губиме македонскиот идентитет, што сега меѓународно сите го признаваат. Секако, тој идентитет го имавме и порано, но не ни го прифаќаа секаде.

Сега сме Македонци, со македонски јазик од словенско потекло (што е непобитен факт), но тоа е веќе широко меѓународно прифатено. Покрај тоа, терминот „Македонци/македонски“ во меѓународна употреба ќе се користи само за нас. Грците во меѓународна употреба за својот национален идентитет секогаш го користат терминот „Грк“. И грчката опозиција го разбира тоа, но во овој миг нема да зборува за тоа – објаснува професорот Фрчкоски.

Во овој постпреспански момент за Македонија постои и гледиште дека на овој договор не треба да се гледа како на победа или пораз, туку како на политичка прагматичност.

– Целата меѓународна јавност му даде поддршка на Преспанскиот договор. Штом имаше толкав ангажман од меѓународната заедница, беше јасно дека не можевме да издејствуваме подобар договор и покрај тоа што ја имавме пресудата од Хаг дека Грција ја има прекршено претходната привремена спогодба со која не требаше да ја попречува Македонија во нејзините аспирации за членство во меѓународни организации – смета Љупчо Арсовски, првиот амбасадор на Македонија во Грција.

Фото: Игор Бансколиев