Фото: Игор Бансколиев / Илустрација

Деновиве се случуваат нови раздвижувања поврзани со оваа тема, токму на разговорите со новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, а се поттикнати од страна на претставниците на помалите коалициски партнери во актуелниот состав на Владата. Заедничкиот именител во барањата на претставниците од ДОМ, Демократски сојуз и ЛДП е – една изборна единица, без изборен праг, отворени листи, пропорционален модел. Левица исто така ја поддржува иницијативата. Се споменуваат и рокови…

Со промената на изборниот модел ќе се создадат услови за успешни системски промени

Како што сѐ повеќе и почесто излегуваат на површина аномалиите што ги предизвикува актуелниот изборен модел, така полека, но сигурно созрева идејата за негова промена. Во таквата идеја доминира темата за една изборна единица. Имено, последниве години постои порешителна декларативна поддршка на таа идеја од страна политичките чинители, за која, најмногу се залагаат малите партии. Сепак, тоа трае сѐ до мигот кога треба да се преземат вистински чекори за конкретизирање на иницијативата.

За волја на вистината, во март, годинава, во Собранието е поднесен вториот предлог-законот за измена на Изборниот законик, но тој веќе девет месеци е застанат на фазата – прво читање. Според информациите од Собранието, тој е во застој бидејќи комисиите не свикале седници за да се најде на дневен ред!?

Дали една изборна единица е сугестија на ОБСЕ и на ОДИХР

Деновиве се случуваат нови раздвижувања поврзани за оваа тема, токму на разговорите со новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, поттикнати од страна на претставниците на помалите коалициски партнери во актуелниот состав на Владата. Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, би требало да биде мандатар за состав на новата влада, по ефектуирање на оставката на актуелниот премиер Зоран Заев.
Заедничкиот именител во барањата на претставниците од ДОМ, Демократски сојуз и ЛДП е – една изборна единица, без изборен праг, отворени листи, пропорционален модел. Се споменуваат и рокови, односно измените на Изборниот законик, кои се во собраниска постапка, да се донесат најдоцна до 15 јануари, наредната 2022 година. Бидејќи барањата за измени на Изборниот законик се ставени во контекст на други очекувања на коалициските партнери во власта, за поддршка на новиот состав на владата, кој се најавува, се чини и понатаму останува неизвесноста за нивно спроведување. Особено што досегашните коалициски партнери нагласуваат дека нивните барања не се услови за да ја дадат поддршката при гласањето на новата влада.
– Иако декларативно речиси сите политички чинители ја поддржуваат идејата за измена на Изборниот законик, односно промена на системот од шест изборни единици во една изборна единица, од реалниот тек на настаните се добива впечаток дека нема искрено расположение кај поголемите партии тоа да се спроведе. Тоа е иницијатива за која најмногу се заинтересирани, како што самите се нарекуваат, помалите субјекти, кои велат дека не сакаат да бидат приврзок на големите. И обично го активираат прашањето при реконструкција или формирање влада. Иако имаше гласини во јавноста, сепак, една изборна единица не е сугестија на ОБСЕ и на ОДИХР. Нивните препораки се главно во однос на границите на изборните единици и измените на Изборниот закон да не се спроведуваат непосредно пред избори – вели Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК и поранешен генерален секретар на Собранието.

Иницијатива за измена на Изборниот закон – не е спас на малите партии, туку
еднаквост на гласот

Ставот на петтемина пратеници што се потписници на предлог-законот од март годинава: Моника Зајкова од ЛДП, Маја Морачанин од ДОМ, Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, Љупчо Балковски од ВМРО-Народна партија (кои како политички партии се дел од власта), но и на лидерот на опозициската партија Левица, Димитар Апасиев, е дека целта на нивната иницијатива за измена на Изборниот закон – не е спас на малите партии, туку еднаквост на гласот. Тие потенцираат дека со една изборна единица „ќе се демонтира монополот на партиите што 30 години владеат во државата и ќе се создадат услови за системски промени“.
– Една изборна единица ќе значи сосема поинаков однос на силите. Но во предлог-пакетот за измени на Изборниот закон, помалите партии бараат да нема цензус. Големите партии, начелно се согласни, но ако биде постигнат консензус, а тие не го прават консензусот, обично обвинувајќи се меѓусебно, дека другата (голема) партија не се изјаснува или ја бојкотира идејата. Во секој случај, идејата за една изборна единица е во ред, но мора да има цензус. Она што се сака да се постигне со една изборна единица – да се види реалната сила на секој политички субјект што излегува на избори, ќе ја изгуби смислата без цензус. Помалите партии треба да се докажат на изборите со постигнување на цензусот – вели Александар Новаковски.
Изборите со една изборна единица без цензус може да создадат ситуација многу (мали) партии и независни листи да освојат по еден пратеник, па да се повторува она што се сака да се надмине – коалициски пазарења, преминувања на пратеници од еден во друг собраниски табор. Според Новаковски, во Македонија сѐ уште не е созреана политичката култура за избори без цензус. Освен тоа, за да се постигне поголема вредност на гласот на граѓаните, поранешниот претседател на ДИК смета дека политичарите што бараат измена на Изборниот закон треба да се охрабрат и порешително да застанат зад барањето за отворени листи. Конечно, за вистинско одмерување на политичките сили, ако веќе се оди на една изборна единица, Новаковски порачува дека треба да се укине практиката на предизборни коалиции.
– Предизборните коалиции стануваат проблем при формирањето влада и воопшто на демократската вредност на изборите. Правењето постизборни коалиции, кога секој политички чинител ќе се ја добие реалната вредност, ќе се прави врз сосема поинаква основа и во поинакви услови. Во предизборните коалиции, по победа на изборите, коалициските партнери обично потоа се уценуваат и меѓу себе – вели Александар Новаковски.