Фото: Игор Бансколиев

Неодамна во еден од македонските медиуми на албански јазик повторно беше актуализирана идејата за создавање македонска политичка нација во која етнонационалниот патриотизам би се заменил со државен патриотизам. Иако „Македонски концепт“ претендира на оригиналност со пласирањето на идејата за „македонска политичка нација“, обидите за креирање „политичка нација“ од етникумите што живеат во Македонија сепак не се нешто неслушнато во македонскиот политички континуитет

Дефинициите за нација речиси во сите енциклопедии започнуваат со констатацијата дека тоа е поим што може да биде дефиниран на различни начини. Речиси сите позначајни теории за нацијата се инспирирани од субјективниот пристап, а една од најцитираните дефиниции е дека нацијата претставува значителна група на луѓе со заедничко минато, култура, јазик, единствена одделна територија и единствена самосвест. Факторот на субјективноста вграден во самите дефиниции за нацијата сугерира на можноста за нивно менување условено од политичките текови на историјата, а факт е дека посилните ја испишуваат историјата…

Сепак, значителен број теории тргнуваат од точката дека националните држави се продукт на националната еманципација на нациите, а државите, пак, како политичко-територијални заедници влијаат на сите свои граѓани преку своето законодавство и власт.

Во актуелниов фрагилен период во нашето општество по повеќе основи беа одбрани моментот и темата во еден од македонските медиуми на албански јазик, каде што повторно беше актуализирана идејата за создавање македонска политичка нација во која етнонационалниот патриотизам би се заменил со државен патриотизам.

– Промоцијата на новата идеја за политичка нација, во која секој од нас е еднакво Македонец, без разлика на етничката, верската или политичката определба, е револуционерна и отворена порта кон иднината на вистинска, реална рамноправност на сите нас што живееме тука, во Македонија., Албанците, гледавме закана и обид за денационализација во етноцентристичкиот концепт што ни се нудеше досега. Ова е прв момент кога Македонци прифаќаат да бидат Албанци колку нас и, обратно, Албанците да бидеме Македонци колку нив. Концептот на еден народ и помалку важни малцинства, чии застапници, повеќе или помалку, беа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, е веќе минато. Понудата е да бидеме една нација, современа европска нација. Понуда што е целосно прифатлива за секого од нас – се вели во „Македонскиот концепт“, кој е промовиран од страна на „млади и прогресивни политички активисти од Македонија“, кои велат дека се „единствена политичка платформа што отворено промовира дека Албанците се борци за независноста на Македонија од проруската политика на српските власти и најголеми гаранти на таа независност“.

Исто така за издвојување е декларативниот момент со кој започнува новопромовираниот „Македонски концепт“: „Ние, Албанците, сме конститутивен елемент на современата македонска држава. Како такви, време е да одлучуваме за сите прашања во земјата. Не само за ’албанските прашања’ туку за сите државни прашања во Северна Македонија“.

Коментарите на повеќе прашани професори, дипломати и политички аналитичари беа дека би можеле да дадат свој поглед на прашањата за „политичка нација“, но дека Албанците (или, пак, другите етнички малцинства во Македонија) „не биле консултирани за сите прашања во земјава“ или, пак, дека „Албанците одлучувале само за албански прашања“ е тотално извртување на вистината. Факт е дека низ целата наша историја овде виреел и се негувал еден мултиетнички и мултиконфесионален општествен концепт, кој токму на овие македонски простори се покажал како најодржлив.

Иако „Македонски концепт“ претендира на оригиналност со пласирањето на идејата за „македонска политичка нација“, обидите за креирање „политичка нација“ од етникумите што живеат во Македонија, сепак не се нешто неслушнато во македонскиот политички континуитет.
Дипломатот Ристо Никовски тврди дека идејата за бришење на македонизмот е главната цел на едно сценарио, кое безмилосно се спроведува од распадот на Југославија.

– Наједноставен начин тоа да се реализира е создавање т.н. политичка нација, во која ќе нема Македонци како националност, а која веќе ја прокламираа американските амбасадори во повеќе ситуации последниве години. Договорите со Бугарија и со Грција, како и Законот за употреба на албанскиот јазик се силни исчекори во таа насока. Периодот што е пред нас, особено кога ќе почнат преговорите со ЕУ, ќе биде клучен во дефинитивното бришење на македонизмот, што ќе биде голем предизвик за нашите политичари. За жал, тие воопшто не ги разбираат овие планови и продолжуваат да се однесуваат крајно наивно и неодговорно кон судбината на македонскиот народ – вели македонскиот дипломат Ристо Никовски.

Поимот политичка нација во теоријата се поврзува со територијата на која живеат еден или повеќе етникуми, односно пред сѐ националното единство се темели на заедничката државна територија на која се егзистира. Најиулустративен и единствен пример во Европа за политичка нација е Швајцарија, составена од етникуми како Фламанци (Германци), Валонци (Французи), Италијанци. Всушност за Швајцарци се сметаат сите оние што имаат швајцарско државјанство. Етничката нација се врзува за етничката припадност на луѓето во една заедница, кои не мора нужно да живеат на територијата на една држава. Етничка нација се Албанците што живеат на териториите на повеќе држави (Албанија, Косово, Македонија, Грција, Црна Гора), но и Македонците што живеат во Македонија, Грција, Бугарија, Албанија… Сепак, како прв светски пример што се споменува како илустрација на дефиницијата за политичка нација е американската нација на која ѝ припаѓаат сите што се државјани на САД.
Идејата за создавање политичка нација во 21 век, на државна територија со длабока традиција на етничкиот идентитет, политичките аналитичари ја сметаат за анахрона и депласирана.

– Многу тешко е во 21 век да се спроведува некаква идеја за создавање политичка нација. Стратегијата на современата геополитика е бришење на границите, односно со трендовите на глобализацијата барем да се релативизираат границите, што овозможува поврзување на луѓето од етничките нации што живеат во различни држави. Создавањето политички нации во ограничен државен простор, во 21 век е спротивно на современата геополитика и сосема анахрона. Меѓу другите идеи во концептот на Европската Унија е обединувањето или приближувањето токму на луѓето од етничките нации, со релативизирањето на границите – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Фото: Игор Бансколиев