Карикатура: Калц

Комедија, трагедија или трагикомедија на домашната политичка сцена

Професорот Љубомир Цуцуловски тврди дека од независноста на земјава, па досега политичарите си играат и глумат држава и тоа, според него, не важи само за оваа власт, туку за сите од 1991 година па наваму. Според него, еден зрел политичар треба да има сериозни познавања од одредена професија каде што се потврдил, познавање од политиката и општествените науки, особено на економијата, социологијата, па дури и филозофијата

Просперитетот на една земја во голем дел се темели на ефикасноста на домашните политичари, односно функционери за водењето на политиката. По сите овие години по осамостојувањето, одредени македонски интелектуалци преку своите опсервации и анализи, легитимно го поставуваат прашањето дали Македонија има политичари, а секако и власт што знае да раководи и да носи зрели и далековиди одлуки за својот народ и држава. Колку искуството, акумулираното знаење и вештините се неопходни за водење на политиката на една земја? Дали данокот на неискуство може да биде прескап, поаѓајќи од стратегиските промашувања на државните политики, па до гафовите на политичарите од двата политички табора, а и од протоколарните служби.

Последните примери на гафови на високи државни функционери, но и безброј од минатото на наши политички лидери се повод да се прашаме колку тие можат да им направат штета на граѓаните и на државата.
Професорот Љубомир Цуцуловски има многу интересен агол на опсервација на овие невнимателности односно гафови, кои партиите односно нивните лидери ги прават. Имено, тој тврди дека од независноста на земјава, па до денес политичарите си играат и глумат држава и тоа, според него, не важи само за оваа власт, туку за сите од 1991 година па наваму.

– Ние имаме приучени луѓе што си замислуваат дека се политичари, а всушност не се ни политиканти. Говорам начелно и за едната и за другата партија. Во крајна линија, едно е всушност што некој мисли за себе, а друго што всушност навистина е. Таа елементарна разлика не се прави затоа што кај нас не само што не постои свест кај граѓаните туку повеќето граѓани се однесуваат емотивно, а не според вистинските квалитети што ги поседуваат. Значи на општ план немаме свест, а од друга страна индивидуите, во овој случај партиските (што значи и политичките лидери), немаат свест за самите себе т.е. за тоа што се – смета професорот Цуцуловски.

Тој смета дека во земјава нема потреба од многу докажување на оваа тема. Кај нас нема вистински политичари, па според тоа и не можеме да очекуваме дека имаме вистинска држава. Така, професорот смета дека со оглед на тоа дека немаме вистински политичари, а имаме политиканти или глумци на политиканти во највиталните делови (или својства), кои се карактеристични за која било држава, Република Македонија не функционира сѐ повеќе и повеќе.

Професорката по комуникологија од Меѓународниот балкански универзитет, Викторија Кафеџиска, ги опсервира и ги анализира изјавите, невербалната комуникација и однесувањето на партиските и државните функционери, како и на претседателските кандидати. Таа веднаш додава дека пораките од претседателската кампања не се многу ветувачки, ами дека се конфузни и нејасни. Честопати се забележува користење пораки и слогани без каква било поврзаност со стратегијата за настап. Професорката вели дека на тој начин се добива впечаток дека слоганите и пораките се создаваат како во вакуум. Јавноста има чувство дека токму тие пораки се „веќе видени“, дека се премногу користени или, што е уште полошо, трансформирани во нешто непожелно, здодевно, безначајно или нешто што служи за потсмев и е крајно несериозно. Однесувањето на политичарите, пак, за професорката е посебна приказна.

Фото: Игор Бансколиев

– Нашите политичари не можат да разберат дека протоколот е врвна наука. Протокол има за сѐ и е потребен и од значење за државава. Има и поискусни кадри што работат во Владата со кои треба да се консултираат помладите доколку наидат на нејаснотии. Сепак, спасот е највисоките функционери во државава да сфатат дека кон тие работи не може да се однесуваат аматерски и несериозно доколку сакаме на странците да им кажеме дека сме 30 години зрела држава. Пораката треба да биде јасна, прецизна, со претходна анализа до кого и како ќе се испраќаат пораките. Во спротивно, доколку не се следат овие упатства, јавноста ќе реагира со потсмев, а странците нема да сфаќаат дека сме сериозни во нашите намери за просперитет – заклучува Кафеџиска.
За зрелоста на политичарите, за донесувањето длабоко промислени одлуки, за нивното искуство и знаење, професорот Љубомир Цуцуловски на својствен начин го изнесува својот став.

– Вториот, номинално премиер на Република Македонија Бранко Црвенковски беше баш на премиерското место!? Првото вработување на Љубчо Георгиевски му беше потпретседател на претседателот, што не е видено… Сега ако ги погледнете зрелите членови на двете доминантни македонски партии ќе забележите дека повеќето од нив немаат никаква друга кариера, никаква друга професија, освен што преку подмладокот постепено граделе партиски кадри, партиска кариера и тоа е единствената нивна квалификација – образложува професорот Цуцуловски.
Професорот на крајот заклучува дека партиите и лидерите не ги интересираат ниту демократијата, ниту процедурите, туку единствено власта. Меѓутоа, да се биде политичар, како што вели Цуцуловски, не е само да бидеш во партијата и да се бориш со младинската организација. Според него, за еден зрел политичар треба да имаш сериозни познавања од одредена професија каде што си се потврдил, познавање од политиката и општествените науки особено на економијата, исто така на социологијата па дури и филозофијата…