Фото: Архива

Контроверзни странски анализи за македонската политичка сцена и безбедност

Неодамна во јавноста се појави анализа на љубљанската организација Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС). Во опсежната публикација насловена „Северна Македонија 2021 година: Дали ЕУ е пред нова историска грешка?“, покрај другото се лиферува информација за тајна разузнавачка операција под името „Коњски скок“, која имала цел да го врати Никола Груевски на власт во Македонија и да го урне постојниот политички естаблишмент. За „потврда на постоењето на тајната разузнавачка операција“, ИФИМЕС се повика на интервјуто на директорот на Агенцијата за разузнавање (АР), Еролд Муслиу. Но за волја на вистината, интервјуто на директорот на Агенцијата за разузнавање беше достапно до пошироката македонска јавност, при што граѓаните можеа да се уверат дека директорот на Агенцијата за разузнавање такво нешто воопшто не потврди!

Безбедносните и политички процеси што се одвиваат во Македонија, од нејзината независност, па досега, сосема разбирливо и по редот на нештата честопати се теми за професионално истражување и анализа од страна на меѓународни организации, истражувачки центри, глобални институти, но и аналитички центри… Но во морето на професионални публикации, одвреме-навреме во јавноста се пробиваат и публикации, кои со шпекулации и полувистинити заклучоци се обидуваат да креираат поинаква слика за Македонија.

Симптоматично фабрикување заклучок во анализата на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС)

Имено, ваков случај беше неодамна регистриран, кога љубљанската организација Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) во опсежната публикација насловена „Северна Македонија 2021 година: Дали ЕУ е пред нова историска грешка?“, покрај другото информира за тајна разузнавачка операција под името „Коњски скок“, која имала цел да го врати Никола Груевски на власт во Македонија и да го урне постојниот политички естаблишмент.

Во документот аналитичарите на ИФИМЕС предупредуваат дека во моментов интензивно се работело на дестабилизација на државата преку постојано производство на голем број скандали, а центарот на тајната разузнавачка операција „Коњски скок“ била во Будимпешта и дека во неа биле вклучени одредени шефови на држави, кои му се сојузници на Никола Груевски, претежно од европската (радикална) десница. За „потврда“ за истата работа, ИФИМЕС дури се повика на директорот на Агенцијата за разузнавање (АР), кој во своето интервју, како што пишуваат од ИФИМЕС, „посредно признава за постоењето на операцијата“.

Но за волја на вистината, само едноставно читање на интервјуто на директорот на Агенцијата за разузнавање (АР), Ерол Муслиу, покажува дека ИФИМЕС фабрикува заклучоци и дека напротив, директорот на Агенцијата за разузнавање ги поканува претставниците на ИФИМЕС, доколку имаат релевантни информации за истото тоа, во соодветна процедура да ги презентираат.
– Текстот на ИФИМЕС упатува на сериозни сознанија, кои не даваат јасна слика како е дојдено до нив, туку се повикуваат на неименувани аналитичари од меѓународните кругови. Раководителите на ИФИМЕС биле чести гости во нашата држава, во оваа пригода би ги поканил доколку имаат поконкретни податоци за оваа операција заеднички да ги поразговараме. Наша обврска е да упатиме ваква покана, бидејќи како заштитници на националната безбедност имаме обврска да се одбраниме од можната дестабилизација најавена во нивниот текст – вели директорот на АР, Еролд Муслиу.

Во тој контекст се отвораат низа сензитивни прашања: од тоа дека целата анализа и напор на ИФИМЕС да даде релевантна анализа паѓаат во вода, ако она што јавноста едноставно и без проблем може да го провери и се увери дека е невистина, тогаш како би можела да верува во преостанатите заклучоци и анализи, кои се извлечени од „граѓа“ до која многу потешко се доаѓа и помалку е достапна до јавноста. И како што велат нашите соговорници од Институтот за медиуми, „јавноста и граѓаните се чувствуваат потценети ако некој се обидува да им наметнува квазивистини и фингирани состојби, при здрави сетила за перцепција и памет за расудување“.

Фото: Игор Бансколиев

Недозволиви се „грешки“ со ваков карактер

Во свој осврт на ваквите примери и случувања, домашните и странските универзитетски професори со кои се консултиравме велат дека во најголем дел меѓународните организации повеќе од 30 години во плурализмот крајно професионално ги скенираат политичките и безбедносни процеси во Македонија, но има и случаи како кога одредени меѓународни организации како ИФИМЕС, од засега непознати причини, шират шпекулации што длабоко навлегуваат во безбедноста на земјата.

Професорот на Воената академија, Оливер Андонов, во својот осврт на актуелните случувања вели дека во практика се ретки случаите во кои одредени странски организации некогаш пласираат непроверени информации поврзани со македонската безбедност.

Но, за среќа, надлежните како во случајот со ИФИМЕС и со т.н. операција „Коњски скок“ честопати многу брзо ги демантираат овие наводи, па на тој начин го превенираат штетното дејствување на оваа пропаганда.

Според професорот, овие организации својот бренд го градат врз база на платени малобројни професионални анализи на познати светски автори што пишуваат врз нив и потоа по неколку години, откога добро ќе се етаблираат во светот, тие започнуваат да „работат“.
– Во оваа фаза овие тела како љубљанската ИФИМЕС потоа „спамира“ со голем број не докрај проверени истражувања, во кои најчесто и не се именуваат авторите и изнесува бомбастични заклучоци, како во натписите на „жолтиот печат“, кои во суштина се многу далеку од вистината – вели професорот.
Андонов резимира дека „одработувањето“ најчесто е во цел на одредени политички гарнитури, кои на овој начин се обидуваат до гласачите да пренесат порака дека некој секогаш од меѓународната заедница од нејасни причини не ѝ мисли добро на нашата држава.

Така, се поставува прашањето дали од небрежност, или, пак, со тенденција и умисла се провлекува практиката реномирани истражувачко-аналитички центри да лиферуваат информации со кои ја ставаат во заблуда јавноста и имаат потенцијал да предизвикаат лавина штетни последици за Македонија и за регионот. Кој „готви во кујните“ на меѓународните организации, истражувачки центри, глобални институти, но и аналитички центри…

Слично како Андонов размислува и чешкиот универзитетски професор Михал Вит, кој и самиот во својата кариера работел за повеќе реномирани светски политички институти од Европа и од Америка.
– Непроверените информации што се публикуваат, единствено одат во полза на оние што преку лажни вести и популизам се обидуваат да извојуваат политичка битка кај електоратот во Македонија, но и на Балканот – вели Вит.

Тој објаснува дека ИФИМЕС во Европа е добро позната по својата работа, која не секогаш е професионална.
– Разликите од овие слободно кажано аматерски публикации од Словенија и оние што се крајно сериозни како американските ИРИ или НДИ, или, пак германската „Конрад Аденауер“, се мерат во светлосни години во науката. Разликите во сознанијата лежат во фактите, во транспарентноста на нивните информации и врз принципите на истражување на кој начин е сработено и како се пресметани нивните податоци. Дополнително, големите брендови секогаш користат еминентни национални експерти и имиња да истражуваат во нивно име во Македонија, бидејќи тие и објективно и најдобро ги познаваат процесите што се истражуваат – вели Вит.

Професорот објаснува дека крајната цел на непрофесионалните публикации е да се креира атмосфера во која во даден момент ќе се „потурне“ народот да го оформи своето гласачко размислување во пресрет на изборите.


Кои се ИФИМЕС?

ИФИМЕС со седиште во Љубљана, Словенија, се преставува како организација што е фокусирана на областите од меѓународната политика и економија и која советува влади, државни институции, компании и индивидуи.
Пошироката домашна јавност првпат ја запозна љубљанската организација кога се објави дека овој институт се нашол на листата на надворешни соработници на премиерот Зоран Заев.

Словенечкиот институт имаше договор за соработка со македонската влада од 2017 до 2019 година. Според тогашните публикувани информации на оваа тема во медиумите, ИФИМЕС била ангажирана за потребите на нашата влада, од областа на конфликтите во светот од верска, расна и национална природа.

За вкупниот ангажман на ИФИМЕС тогаш нашата влада исплатила 37.000 евра.
Од друга страна, словенечкиот институт е познат и во регионалната јавност, откога словенечкиот портал „Под чрто“ информира дека во 2016 година институтот ИФИМЕС, во период од пет години, од 2011 до 2016 година, објавил серија проблематични публикации за словенечката Општина Копер, за што бил најмен за 70.000 евра.
Во расположливите информации на интернет, почесен претседател на ИФИМЕС е поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ, a Будимир Лончар, последниот министер за надворешни работи на СФРЈ, е претседател на советодавниот одбор на ИФИМЕС.

Овие двајца балкански политичари, по голем бројни реакции во балканската јавност изминативе години, се дистанцираа од публикувани анализи на ИФИМЕС, кои се однесуваа на изборите во Србија и активностите на странските разузнавачи во Црна Гора и во Република Српска.