Техничката влада има своја мисија да создаде амбиент за фер политички натпревар и изборно соочување во државата, како и зголемување на довербата во институциите на државата што ги спроведуваат изборите. Но, наместо тоа, се добива впечаток дека партиципиентите во техничката влада, од различни партии, ја користат за стекнување подобри партиски позиции во пресрет на изборите. Наместо да се гледа јавниот граѓански интерес, се гледа партискиот интерес, што на крајот може да резултира со незаинтересираност, апатија и намален одѕив на граѓаните, кои се веќе изморени од вакви и слични веќе видени сценарија. Дали пржинскиот модел произведе влада што не ја врши својата функција?

Првите пет-шест дена од функционирањето на техничката влада, која е со предвиден рок на траење од сто дена, наведуваат дека таа се раководи според принципот „веќе видено“ од првото искуство на т.н. пржински модел применет во 2016 година. Искуствата од практикувањето на тој „принцип“ главно се сведуваа на постојани меѓупартиски обвинувања и расправања, меѓу министрите и замениците во техничката влада со единствена цел да се фатат подобри предизборни партиски позиции. Ваквиот начин на дејствување, кој за жал се повторува и сега, пак е целосна спротивност со основната идеја на едно вакво политичко решение за техничка влада, сто дена пред избори. Со други зборови техничката влада треба да креира поволен амбиент не само за мирно, фер демократско изборно соочување туку генерално да работи и на создавање општо позитивна клима во државата и да превенира евентуални злоупотреби на институциите во предизборни цели.

Од техничката влада се очекува во периодот пред избори да изнаоѓа решенија а не да копа нови ровови на поделби, да предизвикува дополнителна поларизација, кавги и поделби, што дополнително може да ги одврати граѓаните од гласање и негативно да се одрази на одѕивот на изборите.

– Сега веќе зборуваме за прифатен модел на функционирање на влада, сто дена пред избори, од страна на политичките партии, а не за наметнато решение. Сепак овој модел претставува своевидно хибридно решение на договор, иако не е предвидено со Устав, по подолго владеење на една партија, во кое опозицијата немаше можност за увид и контрола на законското и финансиското работење на власта. Веќе имаме едно искуство со техничка влада пред избори, но не верувам дека сегашново практикување на овој принцип ќе биде сосема идентично како првиот пат. Но исто така немам некои очекувања дека политичките партии ќе успеат да се надминат себеси, односно дека техничката влада нема да ја (зло)употребуваат за стекнување подобри партиски позиции. Основната идеја на техничката влада е создавање услови за фер и демократски избори, односно во тој период од сто дена да се работи на зголемување на довербата во институциите на државата што ги спроведуваат изборите. Ако имаме политичка елита со висока свест, овој период може да биде искористен за такви придобивки, но ако и понатаму доминираат исклучиво партиските интереси, тогаш оваа политичка формулација ја губи смислата – вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Решението за техничка влада на сто дена пред избори (односно влада со технички премиер од власта и неколку министерски позиции за опозиција) произлезе од пржинските меѓупартиски договори по политичката криза од 2015 и 2016 година. Токму поради недовербата меѓу тогашната власт и опозицијата, која се рефлектира и со сериозна поделеност на општеството, ова решение беше понудено од меѓународната заедница, како модус за создавање услови за фер политички натпревар на изборите. Според основната идеја, најважната задача на ваквата влада е враќање на довербата во институциите за спроведување избори, со нивна професионализација. Но меѓусебните вербални престрелки и изјави на претставниците од различни партии во истата техничка влада, по првите 48 часа, покажуваат дека релаксирањето на предизборниот амбиент, во интерес на зголемување на одѕивот на гласачите на денот на изборите, како да не е приоритет на политичките субјекти што ја споделуваат власта.

– Уште веднаш е повеќе од јасно дека оваа техничка влада не е насочена исклучиво на создавање услови за спроведување фер и демократски избори. Неколку дена по нејзиното конституирање е јасно дека политичките партии се повеќе заинтересирани за фаќање подобри предизборни позиции, односно поставување свои луѓе на клучни места што ќе одработат повеќе за изборите, односно да создадат пред сѐ услови за нивната партија да освои повеќе гласови. Тоа е далеку од суштината на идејата за постоење на техничка влада – вели професорот Јове Кекеновски.

Од друга страна, континуитетот на политичкото функционирање на општеството, освен спроведувањето на изборите, на техничката влада ѝ ја наметнува и обврската да овозможи услови да нема застој во веќе започнатите политички и општествени процеси.

– Сѐ додека функционира Собранието, оваа влада нема улога на класична техничка влада, т.е. влада со една задача – само спроведување на изборите. Додека не се распушти парламентот, може да се носат закони, а владата може да биде и предлагач на законски решенија. Пред оваа техничка влада стојат уште некои важни законски предизвици, кои можеби ги надминуваат перформансите на чиста техничка влада, но сепак ја имаат одговорноста за постигнување политички консензус. Тие закони се важни за државата и за општеството, а владата треба да овозможи континуитет на процесите – вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.