Фото: Игор Бансколиев

Веќе е повеќе од очигледно дека приказната со раздвојувањето на двете земји е нова игра во која главната цел е Македонија и во годините што следуваат да се држи во предворјето на ЕУ. Зошто?

По најавите за можно раздвојување на Македонија и Албанија

Две струи преовладуваат во Европската Унија последните неколку месеци, едната засилено работи на одвојување на Македонија и Албанија во пристапниот процес, а другата смета дека двете земји заеднички треба да го продолжат заедничкиот пат.

ЕУ сака или не сака проширување со Македонија?

Лидерот на опцијата за раздвојување на Албанија од Македонија е еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, кој вчера вторпат во временска рамка од неколку дена предупреди дека „доколку Македонија не постигне компромис со Бугарија за историските прашања, Албанија ќе продолжи сама на патот кон ЕУ.“ Она што го кажа во Скопје, унгарскиот еврокомесар вчера јасно го повтори уште еднаш во изјава за јавноста од Брисел.
– Доколку повторно ни се случат тешкотии со С Македонија, што значи дека би биле неуспешни во убедувањето на С Македонија и на Бугарија да најдат обострано прифатливо решение, тогаш ќе се отвори прашањето дали можеме да продолжиме само со Албанија. И ние мора да го разгледаме тоа прашање – изјави Вархеи, алудирајќи на јунскиот самит на ЕУ.
Од друга страна, австриската министерка за Европа и Уставот, Каролине Едштадлер, смета дека Македонија и Албанија треба заедно да го продолжат пристапниот процес кон ЕУ, бидејќи, според неа, раздвојувањето на двете земји во тој процес може да биде ризично и затоа треба да се превенира секаков ризик.
Без оглед на ваквите ставови, директната поддршка што ја добива Бугарија во спорот со Македонија покажува дека ЕУ не сака земјава да стане членка на Унијата, а тоа го демонстрираа и со неиспораката на вакцини, прифаќањето неевропски критериуми наметнати од страна на Софија, како и со последните препораки да не примаат граѓани што се вакцинирани со вакцини што не се од западни производители.

ЕУ нѐ остава сами во чекалницата

Повеќе од очигледно е дека приказната со раздвојувањето на двете земји е нова игра во која главната цел е Македонија со години да се држи во предворјето на ЕУ, со единствена намера таа да остане во европската сфера на интереси без активно членство во Унијата, а да спречи влијание на Русија и на Кина на овие простори.
Македонија во европското предворје е од 2005 година кога стана земја-кандидат за членство, по што ги собори сите рекорди чекајќи датум за почеток на пристапните преговори веќе 16 години.
– Во суштина проблемот што го имаме со Бугарија не е македонско-бугарски, туку проблем со ЕУ бидејќи зад него стојат и други држави. Тоа значи дека ние внатре во државата не правиме нешто како што треба со години, така што никој не сака да внесе рак-рана во своето семејство. Ние сме рак-рана, од корупција, лошо судство, до буквално сите негативни работи – вели Синиша Пекевски, аналитичар.
Според него, евентуалното раздвојување на Македонија и Албанија не ја остава земјава по страна, туку ѝ се испраќа порака.
– Со раздвојувањето тие не нè оставаат по страна, туку ни кажуваат цело време само што ние не сакаме да ги читаме тие пораки. Не сакаме од причина што така им одговара на политичките гарнитури. Проблемот е што нашите лидери не знаат да преговараат, не знаат да се договараат и не знаат да настапуваат во име на државата. Тотално немаат чувство за државност, припадност, дигнитет, национална гордост и достоинство – истакнува Пекевски.
За него проблемот со Бугарија и ЕУ не е политички, туку има подлабоки корени и произлегува од нашите внатрешни проблеми и фрустрации, па затоа земјава чмае во европската чекалница.
– Тие директно не ни викаат не ве сакаме, туку постојано ни поставуваат некакви предизвици што ние не можеме да ги исполниме – заклучува Пекевски.

Случајот „Македонија – ЕУ“ за негативен пример во учебниците

Според аналитичарот Благојче Атанасоски, случајот „Македонија“ во европското досие треба да се изучува на светските универзитети.
– Повеќе од една деценија бевме заглавени во чекалницата, поради наметнатиот и апсурден спор за нашето уставно име од страна на јужниот сосед, кој го користеше ветото, и кога сето тоа се реши со плаќање преголема цена, ние три години повторно се соочуваме со нови вета и блокади, прво од Франција, па најново од Бугарија. Тоа е одлика на, најблаго кажано, една непринципиелна, невкусна, неевропска, ако сакате и нецивилизирана политика кон една мала нација и држава од страна на тие што себеси се сметаат за најстари и најголеми демократии, извознички на демократијата – вели Атанасоски.
Според него, почнувањето на преговорите на Албанија со ЕУ, а изоставање на Македонија, е не само наш пораз туку голем срам и голем пораз на самата ЕУ.
Директорот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, најавите за одвојување на двете земји ги гледа како тактички потег на ЕУ да се изврши поголем притисок врз Македонија да покаже поголема флексибилност во преговорите со Бугарија.
– Најавите за одвојување на следниот самит се тактички дипломатски притисок кон нашата земја за поголема флексибилност во преговорите со Бугарија, кој секако не смееме да го прифатиме. Сепак, на подолг рок ова сценарио е поверојатно и во тој случај ќе влијае на поддршката за ЕУ, притисокот на јавноста да се реформираме, но и на меѓуетничките односи – вели Трошановски.
Тој додава дека во овој момент веројатноста за раздвојување е мошне мала бидејќи дел од ЕУ-членките се противат на истото тоа, а дел не се сигурни дека Албанија ги исполнила условите.