Фото: Маја Јаневска-Илиева

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја прифати оставката на министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас, и му се заблагодари за неговиот придонес во Владата и за земјата во изминатите 3,5 години, соопшти кабинетот на претседателот на грчката влада. Во соопштението се додава и дека премиерот Ципрас ќе го преземе Министерството за надворешни работи „за да помогне со сите сили во успешно завршување на договорот од Преспа“.

Медиумите од Атина информираа и дека Коѕијас претходно разговарал со шефот на државата, Прокопис Павлопулос. Тие, според информациите, имале средба, која имала неофицијален и неформален карактер. Средбата меѓу Коѕијас и Павлопулос се одржала по владината седница, на која, како што е објавено, имало расправија меѓу Коѕијас и министерот за одбрана и коалициски партнер во грчката влада, Панос Каменос.