Договорот од Преспа ќе го донесе нашата влада во Парламентот и ќе биде изгласан со апсолутно мнозинство, од над 150 пратеници, вели шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас во интервјуто за радиото „Реал фм“.

Грчкиот министер објаснува дека е свесен за ставот на коалицискиот партнер во владата, Панос Каменос, но тоа нема да биде пречка за ратификација на договорот со Македонија.

– Имам предвид што вели коалицискиот партнер во владата, но одлуките во владата се носат од мнозинство и многу е јасно кој го изразува апсолутното мнозинство. Коалицискиот партнер е секогаш многу продуктивен и корисен, за ова прашање има негови позиции, сака да ги искажува, тоа е негово демократско право. Но, повторувам уште еднаш, грчката Влада ќе го донесе договорот во Парламентот, во Парламентот има мнозинство и ова го кажав уште лани, дека нема да се изгласа од мнозинство партии, туку од мнозинство пратеници, рече Коѕијас.

Шефот на грчката дипломатија ја повика Нова демократија, кога ќе дојде договорот во Парламентот, да не ја напуштат седницата, туку да останат и да им дадат можност на нивните пратеници секој да гласа онака како што сака, јави дописничката на МИА од Атина,  .

Во однос на закажаните протести во Солун против Договорот од Преспа, Коѕијас вели дека демонстрациите се демократско право на граѓаните, но доколку се во уставните и законските рамки.

-Протестите се демократско право на граѓаните и еден човек како мене кој од 15 години протестираше за различни прашања, како што е кипарското, би бил последниот што ќе го оспори ова право. Второ, на протестите има  екстремно десничарски сили, кои сакаат да го претворат во друг вид, секако дека и ова постои. Трето дека се мешаат црковни и парацрковни кругови, кои не треба да се мешаат, е, исто така, вистина. Но, втората и третата вистина не го одземаат демократското право, во рамки на Уставот и на легален начин секој да го изразува своето мислење, неговото несогласување, па дури и неговата загриженост за едно прашање, објасни Коѕијас за „Реал фм“, пренесе МИА.

Во однос на реакциите во северниот дел на Грција, шефот на грчката дипломатија рече дека од грчката Влада и силите што ја поддржуваат „потребна е поинтензивна кампања што ќе ги објаснува придобивката и високиот квалитет на договорот“.

Министерот за надворешни работи на Грција, во интервјуто за грчкото радио, упати критики и обвинувања до опозициската Нова демократија за позицијата во однос на Договорот од Преспа, а говореше и за позитивните аспекти и она што Грција го добила од компромисот со нашата земја.