Поранешниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕијас во интервју за „ЕУрактив“ се осврна на бугарската блокада на евроинтеграциите на Македонија, наведувајќи дека таа е диктирана од страна на партијата на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, која е членка на владината коалиција во Бугарија.

– Бугарија не сфаќа дека во Северна Македонија се роди нова нација, која има свој јазик. Бугарија дејствува на дестабилизирачки начин, преправајќи се дека е Херкул без мускули, наместо да ја почитува и да придонесува кон мирот и пријателството на народите во регионот – вели Коѕијас, кој посочил и дека Атина го предупредила Европскиот совет оти Каракачанов „спроведува политика надвор од рамките на ЕУ“.

Коѕијас истакнал и дека Преспанскиот договор бил постигнат бидејќи Грција и Македонија успеале да постигнат доверба преку директни контакти, со ограничено присуство на медијатори.