Пратеникот Костадин Костадинов од СДСМ е избран за претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, а за негов заменик е назначен Мухамед Зеќири. Членови на комисијата ќе бидат пратениците Горан Мисовски, Јован Митревски, Фаница Николоска, Фадил Зендели, Мерита Колчи-Коџаџику, Арбен Зибери, Антонијо Милошоски, Александар Николоски, Дафина Стојаноска, Игор Јанушев, Никола Мицевски и Сурија Рушиди.

Заменици-членови на комисијата се пратениците Моника Зајкова, Павле Трајанов, Сања Лукаревска, Мартин Костовски, Берат Ајдари, Арта Билали-Зендели, Владо Мисјаловски, Благица Ласовска, Ане Лашкоска, Марија Петрушева, Кирил Пецаков и Хусеин Исмаили.

Овој предлог беше изгласан со 90 гласа „за“, два против и два воздржани.

Член во комисијата бараше и Левица, а таквото барање на пратеникот Димитар Апасиев беше поддржано и од пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова. Но, според толкувањето на Деловникот на Собранието од страна на претседателот Талат Џафери, Левица нема место во оваа собраниска комисија.