Фото: Маја Јаневска-Илиева

Екипажот во авионите со заштитни костуми, здравствени сертификати за патниците, задолжителни маски за лице и долго чекање за пријава на летот, се новата реалност во патничкиот воздушен сообраќај. Додека многу луѓе сонуваат за повторно летање, се соочуваат со промени што ќе бидат попроблематични од оние што беа воведени по нападите на Соединетите Американски Држави од 11 септември 2001 година

Авиосообраќајот и пандемијата на ковид-19

Авиосообраќајот конечно се раздвижи. Но дали е така? Можеби некои линии се возобновија, но тоа е предалеку од мрежата летови пред пандемијата. Авиосообраќајот глобално го преживува најтешкиот удар во историјата на своето постоење. Дури и да се рехабилитира постепено, тој ќе мора да се реструктурира. Секако, на тоа треба и патниците да се приспособат. На пример, покрај стандардните безбедносни проверки што се воспоставуваа поради пандемијата, патниците сега ќе се соочат и со низа посебни протоколи и проверки.

– Пред пандемијата моравме да дојдеме два часа порано пред летот. Но овој пат се четири часа порано – изјави Индонезиецот Сујанто по летот на домашната линија. Тој, исто така, се пожали и на неколку чекања во ред и низа проверки, пред да пристигне до шалтерот за чекирање. Патниците на шалтерот мора да ја пријават која е причината за нивното патување, да ја покажат документација дека се „без корона“, да поминат неколку проверки и по пристигнувањето да ги пријават деталите за нивното натамошно движење.
– Поскапо е и потешко. Со вакви строги мерки, мислам дека луѓето ќе размислат двапати дали ќе патуваат – истакна овој 40-годишен маж, кој својот авионски билет го платил двојно повеќе од порано, бидејќи некои седишта мораше да останат празни за да има физичко растојание.
Експертите велат дека последиците од пандемијата во воздушниот сообраќај ќе бидат далекосежни.

И патниците се многу погодени

Агенцијата за цивилно воздухопловство при ООН издаде серија упатства за безбедно летање за време на коронавирусот, од задолжително носење маски до дезинфекција на просторот низ кој поминуваат луѓето. Меѓународниот сојуз за воздушен сообраќај (ИАТА) ги советува владите да соберат податоци за патниците, вклучувајќи ги и медицинските податоци, пред патувањето и да го ограничат пристапот до аеродромите само за лицата што се неопходни таму.
Во преостанатите мерки се вклучува редизајнирање на преминот кон авионите за намалување на застојот, побрзо влегување во авионите, скратени постапки за собирање багаж, па дури и „забрана за чекање пред тоалетите“ за да се намали протокот на патници.

– Оваа пандемија е најголемо нарушување во досегашната историја во авијацијата. Закрепнувањето ќе биде многу долго и бавно – истакна портпаролот на ИАТА, Алберт Тјонг.
Спроведувањето нови правила се покажа дека е предизвикувачко и хаотично, особено ако патниците се спротивставуваат. На пример, во Америка имало случаи кога одбивале да носат маски за време на летот. На аеродромите во Индија, мерките за физичко растојание неколкупати се распаднаа поради огромниот метеж.
Во авиоиндустријата најголема расправа се води за тоа дали средните седишта треба да бидат оставени празни. Тоа го прават „Џепен ерлајнс“ и американската „Делта“, но Мајкл О’Лири, кој е шеф на нискобуџетната „Рајанаер“, идејата отворено ја нарекува „идиотска“.

Загубите се колосални

Ковид-19 го доведе воздушниот сообраќај до целосен застој, приземји цели флоти авиони и предизвика загуба на голем број работни места во индустријата. ИАТА предвидува дека меѓународните авиокомпании годинава ќе имаат загуба од 84 милијарди американски долари. Иако постојат индикации за економско закрепнување во некои други индустрии, воздушниот сообраќај нема да се врати на „предвирусните“ нивоа толку наскоро.
Дополнителен проблем е што многу од земјите се во различни фази во борбата против вирусот или олабавување на мерките, така што имаат и различни правила и ограничувања за доаѓање во земјата. Многу патници, кои порано ги користеле услугите на авиокомпаниите, сега можеби едноставно ќе се воздржат од летање.
– Ако треба да минам низ толку малтретирања, не патувам додека немам потреба – искрено истакна сопственик на туристичка агенција од Сингапур.