Фото: Игор Бансколиев

Иако научниците низ планетата регистрираат илјадници мутации или промени во генетскиот код на вирусот, досега е изолиран само еден што најверојатно го менува однесувањето

Вирусот од Вухан не се однесува исто како и сегашниот

Светската здравствена организација (СЗО) го нарекува коронавирусот светски непријател број еден. Но тој непријател не е истиот оној што се појави во Кина кон крајот од 2019 година. Според многу извештаи на епидемиолозите, однесувањето на вирусот, а со тоа и симптоматологијата на ковид-19 се изменети, но деструктивноста останува.

Изолиран еден вирус што го менува однесувањето

САРС-КоВ-2 (како што официјално го нарекоа вирусот што досега усмрти повеќе од 600.000 луѓе во светот и продолжува по својот деструктивен пат) мутираше, но иако научниците низ планетата регистрираат илјадници мутации или промени во генетскиот код на вирусот, досега е изолиран само еден што најверојатно го менува однесувањето, пишува Би-би-си.
Според извештаите, мутираниот вирус е регистриран во 97 отсто од светските примероци и поседува поголема моќ за преносливост од првичната верзија, барем што се однесува до лабораториските услови. Трите клучни прашања во однос на оваа мутација се дали вирусот сега е позаразен, дали е посмртоносен за луѓето и дали претставува закана за успешноста на идната вакцина, која, за жал, сѐ уште не е пронајдена.
Всушност, ако го споредиме со вирусна инфекција каква што е грипот, вирусот се менува многу бавно, а со релативно ниско ниво на природен имунитет кај популацијата, без присуство на вакцина и мал број ефикасни третмани, коронавирусот не е под притисок да се приспособува и засега „успешно ја одржува сегашната динамика“, истакнува Би-би-си.

Единствената значајна мутација на коронавирусот е Д614Г од Италија

Според натамошните наводи, единствената значајна мутација, наречена Д614Г, се појави некаде по почетокот на епидемијата во Вухан, најверојатно во Италија, а сега ја има дури во 97 отсто од примероците низ светот. Засега не е познато дали оваа доминантна мутација е доволна за да создаде вирусот некаква предност или се работи само за случајност.
– Вирусите немаат никаков грандиозен план. Тие постојано мутираат и додека едни промени помагаат вирусот да се размножува, други може да го спречат во тоа. Едноставно, постојат и неутрални мутации. Тие се нуспојава од репродукцијата на вирусите, запирајќи ги без да го променат нивното однесување – изјави Луси ван Дорп од Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Оваа мутација се рашири насекаде затоа што се случи во рана фаза од ширењето на вирусот, појава позната под името „ефект на основачот“. Ван Дорп и нејзините соработници веруваат дека ова би било најверојатното објаснување за проширеноста на мутацијата, пренесува Танјуг.

Тусан де Силва од универзитетот „Шефилд“ смета дека е сѐ поголем бројот на виролози што веруваат дека постојат доволно податоци за да се заклучи дека оваа верзија на вирусот има селективна и еволуциска предност во однос на првобитниот вирус. Понатаму, тој објаснува дека иако сѐ уште не постојат доволно докази дека сега полесно се пренесува кај луѓето, сепак, сигурно е дека не се работи за неутрална мутација. Мутантот полесно навлегува во човековите клетки од оригиналната верзија, но не е поопасен
Според професорите Хјерјин Чое и Мајкл Фарзан од универзитетот „Скрипс“ на Флорида, истражувањето што беше спроведено во лабораториски услови покажа дека мутираниот вирус полесно навлегува во човековите клетки од неговата оригинална верзија.
– Се чини дека промените во протеините му користат на вирусот, овозможувајќи му подобра пенетрација во клетките, како и поголема ефикасност во уништувањето на организмот – додаваат тие.

Професорот Фарзан тврди дека протеините кај овие вируси се поинакви на начин што им помага побрзо да се пренесуваат, но засега тоа не може да биде докажано. Сепак, постојат индиректни докази за тоа дека оваа мутација го прави коронавирусот попренослив кај луѓето, а две неодамнешни студии укажаа дека пациентите што заболеле од мутираната верзија на ковид-19 имаат поголеми количества од вирусот во примероците од брис, што би можело да упати на заклучокот дека тие се позаразни за околината од пациентите кај кои вирусот не мутирал.
Од друга страна, не постојат докази дека овие пациенти имаат потешки симптоми или дека остануваат подолго во болница. Оттука, фактот што вирусот стана полесно пренослив не значи со сигурност дека станал и посмртоносен. Се наведува и дека сѐ уште не е спроведено контролно тестирање што би ги докажало ваквите индиции.