Фото: Игор Бансколиев

Симптоматично е што досега сите мерки што ги носеше Комисијата за заразни болести
стапуваа во сила веднаш или по еден ден, а сега се остава некаков грејс период од седум дена, во кој буквално на вирусот му се дава дополнителна можност да се шири и да се создаваат нови кластери. Ако ситуацијата е критична, треба веднаш да се преземе превентивна акција без одложување. Не треба да се остави сомнеж дека со мерките политички се тактизира за да се омасови одбележувањето на дваесетгодишнината од рамковниот договор. За тоа прашање и за прославите на Охридскиот договор да оставиме да суди историјата

НОВИТЕ МЕРКИ СО ОДЛОЖЕНА ПРИМЕНА

 

Во време кога Македонија се наоѓа на прагот на нов бран на коронавирусот, Владата донесе нови рестриктивни мерки за да спречи ширење на делта-сојот. Но наместо тие да стапат во сила веднаш, се оставаат уште дополнителни седум дена, кои случајно коинцидираат со прославата што ја организира владејачката ДУИ по повод 20 години од рамковниот договор. Или, со други зборови, на опасниот вирус му се дава дополнителен грејс период да се шири и да предизвикува тешки последоци врз граѓаните.
Симптоматично е што досега сите мерки што ги носеше Комисијата за заразни болести стапуваа во сила по еден ден, а сега се остава време, во кое буквално на вирусот му се дава дополнителна можност да се шири и да се создаваат нови кластери.
Логика вели дека ако ситуацијата е критична, треба веднаш да се преземе превентивна акција без одложување, а не да се тактизира, можеби и заради мир во владината коалиција. Дали токму одбележувањето на 20-годишнината од рамковниот договор неколку дена пред да стапат во сила новите мерки е причината за нивното одложување и за грејс периодот што му се дава на вирусот. Токму во деновиве пред и по 13 август, кога е годишнината од рамковниот, се предвидени низа настани на затворено, на кои ќе се соберат неколку илјади луѓе.
За овие настани нема рестриктивни мерки, иако постои голема опасност од ширење на вирусот, а затегнувањето на мерките е потоа, односно од 16 август.
Претходно во екот на пандемијата најголемите верски празници во земјава, но и во целиот свет, минаа без присуство на верници бидејќи сите влади забранија групирања. Повторно исклучок беа некои верски празници за кои ДУИ успеа да издејствува грејс период на мерките и да овозможи присуство на верници во џамиите среде пандемија, што подоцна резултира со зголемување на бројот на заразени во земјава.

По ваквите примери и случувања се наметнува дилемата дали можеби пак се излегува во пресрет на желбите и барањата на коалицискиот партнер во Владата на сметка на здравјето на луѓето, иако обврска на државата е да го стави здравјето на граѓаните на прво место пред партиските желби, без оглед од каде доаѓаат.
Состојбите во светот за одбележување на некакви годишнини во ек на пандемија се сосема поинакви. Таму кога станува збор за здравјето на граѓаните, дури и одбележувањето на настаните се приспособува според условите, па манифестации што имаат повеќе од стогодишна традиција беа откажувани или одбележувани со видеоконференции. На пример свеченоста во НАТО по повод приемот на Македонија одеше преку видеоврска, Русија ја одржа парадата по повод Победата над фашизмот, која патем е на отворен простор, исто преку видеоврска, и редица други настани и јубилеи. Зошто тогаш и одбележувањето 20 години од рамковниот договор во момент кога се разгорува нов бран кај нас не може да помине на сличен начин, најмногу заради здравјето на граѓаните?
Дури и овој грејс период да е даден за подготовка околу примената на новите мерки, сепак настаните во затворен простор со присуство на поголем број луѓе можеа да бидат забранети веднаш, како што впрочем се правеше во минатото.
– Мерките, кои се и така крајно конфузни и задоцнети, ги одложуваат до 16 август. Зошто? Заради прослава на ДУИ каде што ќе се соберат 3.000 луѓе во сала. Можат да негираат колку сакаат дека тоа не е така, но нашава агонија продолжува, ние сме гробница со најголема смртност, само поради гол популизам на власта. Кај сме без доволно вакцини, кај власта сама прави антипропаганда за вакцините, кај болниците ни се од 17 век, кај нема јасни протоколи за лекување, најважно е забавата да продолжи. Поради коалиција и други евтини гласови. Сѐ е поважно од животите на луѓето, јавното здравје и конечно економијата – е ставот на Солза Грчева, политичка аналитичарка.

Одложувањето на примената на новите рестриктивни мерки за една недела, но и самите мерки, не се јасни ниту за луѓето од здравствената фела.
– Не е паметно да се дава толкав рок пред да се применат мерките, но очигледно не е целта тоа. Ако целта беше да не се дозволи ширење на вирусот, тогаш уште кога имавме по 10 случаи на ден не требаше да се дозволи влез на луѓе од страна од земји каде што имало раширен делта-сој и да не се дозволи веќе месец-два во затворен простор да се прават свадби, а потоа да се вели дека народот е недисциплиниран. Ова сега е типичен, без да се каже искрено, начин луѓето да се принудат да се вакцинираат – вели микробиологот Никола Пановски.
Според него, овие мерки што сега се предлагаат немаат никаква врска со епидемиологијата.
– Тој ковид-пас што ќе се бара нема никаква врска со медицина и епидемиологија. САД од пред некој ден бараат ПЦР-тест кога ќе влезете на нивна територија, дури и за своите граѓани. На вакцинирани, со двојни дози, за да се вратат дома САД им бараат ПЦР-тест. Тоа значи дека вакцинираните и натаму можат да го шират вирусот. Ковид-пасот САД не го признаваат, а кај нас ќе се признава по кафулиња, на работа, на манифестации и слично. Оваа мерка нема никаква врска со епидемиологија. Прво, не е итна бидејќи се остава време додека да се донесе. Втора работа, не ги признава прележаните што евидентно се позаштитени од вакцинираните, трета работа, се признаваат вакцинирани со една доза и не се бара рок кога е таа примена. Ширењето на болеста со овие мерки не се спречува, методот се покрива со епидемиологија, но целта му е да се зголеми вакцинирањето – нагласува Пановски.