Уставот на Македонија, но и на сите држави, го гарантира правото на живот и доколку се успее да се докаже во суд дека тоа е нарушено или, пак, е причинета штета, тогаш е логично да се очекува дека граѓаните можат да бараат судска правда за настаните поврзани со ширењето и последиците од пандемијата на ковид-19, тврдат правниците

Нов правен тренд во Европа и во светот

Се навестува ли почеток на судски процеси во меѓународните и во домашните судови против државите и надлежните функционери за случаи каде што се предизвикани материјална и човечка загуба, кои се поврзани со пандемијата предизвикана од ковид-19.
Оваа дилема е актуелна во домашната јавност по зачестените информации дека во Европа и во светот започнува нов судски тренд во кој граѓаните си ја бараат правдата пред судовите за нанесени штети врз здравјето и имотот предизвикани од последиците на пандемијата.
Во свој осврт на случувањата, балканскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) пишува дека пандемијата на коронавирусот во светот предизвика илјадници смртни случаи, уништување на човечки животи и економски хаос, а токму тие последици се основа за започнување судски процеси во кои граѓаните ги тужат државите и функционерите за нанесените штети.

Според анализата на РСЕ, најмногубројни судски предмети од оваа област има во Италија, каде што во тамошните судови се поднесени околу 200 тужби насочени кон градските власти во Бергамо, за активности што не се преземени за да се заштити населението на овој италијански град, кој наедно претрпе огромни штети поради пандемијата. Во Велика Британија, пак, тамошните граѓани иницирале спроведување истрага во обвинителството насочена кон дејствувањето на државните функционери поради направени пропусти за спречување на ширењето на заболувањето. Во Кина се започнати судски процеси против тамошните институции, во кои се утврдува ненавременото реагирање на државните апарати во заштита на здравјето на граѓаните.
Слични процеси во моментов се актуелни и во Франција и во Шпанија, каде што пред домашни и меѓународни судови се започнати процеси за утврдување на одговорноста на државите и институциите.

Во меѓувреме, од македонска перспектива, правните експерти во земјата со кои се консултиравме велат дека овој тренд е возможно да ја зафати и Македонија, затоа што нашите граѓани, кои веруваат дека се оштетени во овие настани можат во согласност со законите да започнат судски процеси против државата или функционерите во домашните и во меѓународните судови.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, коментирајќи ги актуелните случувања во Европа и во светот, вели дека е апсолутно легитимно, возможно, но и очекувано граѓаните во Македонија да започнат судски постапки против државата или функционерите во врска со штетните последици врз нив и нивното здравје, предизвикани од случувањата со корона-кризата.
Судијката вели дека вакви процеси, според нејзини информации, во моментов се актуелни најмногу во земјите во кои граѓаните претрпеа најголеми штети како на пример Италија, и нам во иднина не треба да нѐ зачуди состојбата во која на сличен начин нашите граѓани ќе започнат да ја бараат правдата во домашните и во меѓународните судови.

– Уставот на Македонија, но и на сите држави, го гарантира правото на живот и доколку се успее да се докаже во суд дека тоа е нарушено или, пак, е причинета штета, тогаш е логично да се очекува дека граѓаните можат да бараат судска правда за настаните – вели Николовска.
Таа истакнува дека во меѓународниот суд во Стразбур, дури и пред пандемијата, имало голем број судски процеси водени против доктори или медицински институции во кои се утврдувало дали и под кои услови е нанесена штета на граѓаните.
– Натаму, обврска на секоја држава е да обезбеди ефективен здравствен систем, кој ќе се грижи за граѓаните и нивното здравје, а доколку се утврди дека таа обврска државата не ја почитувала за време на пандемијата, тогаш и тој сегмент може да биде предмет за тужба во Стразбур – истакнува судијката.

Според неа, во овој момент кога се говори на темата поврзана со судски процеси иницирани од животот со коронавирусот, лицата што од земјата ќе се одлучат да поведат судски постапки во Стразбур, треба точно да ги утврдат во тужбите правата што им биле повредени или нарушени, а потоа во групни предмети може да се започне процесот за правна корекција врз сторените прекршувања.
– На таков колективен начин на пример во Бергамо во Италија, се спроведуваат во моментов судски процеси од овој тип – објаснува судијката.
Дополнително, вели таа, освен судски процеси, по иницијатива на граѓани во земјава можат и да се почнат и кривични истраги против државни функционери, кои, пак, доколку не бидат процесирани од Македонија како што треба, тие по нивното завршување се добра основа за судски процес во Стразбур.

Сепак резимира Цаца Николовска, станува збор за исклучително комплицирани судски процеси, кои допрва правно ќе се докажуваат и во домашните судови и во меѓународните, каде што под лупа ќе биде анализирано како функционирале државите и институциите, но и нивните граѓани (странки) при несекојдневни услови на живот со пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Слично размислува и поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, кој вели дека судницата е местото каде што се утврдува прекршувањето на правата на граѓаните, а едно од навредуваните такви права испишани во нашиот устав е впрочем токму правото на живот.

– Иако во македонските закони постои правна можност, случувањата што се директно и индиректно поврзани со пандемијата да завршат во судски процеси, мора да се знае дека тоа ќе бидат со сигурност исклучително тешки и долги судења во кои правдата ќе биде тешка да се задоволи – вели Илиев.
Според него, македонското судство досега немало практика граѓаните да ја тужат државата кога сме се справувале со природни непогоди, но од друга страна сме имале голем број предмети во кои државни функционери се тужени за непостапување по задолженијата или, пак, лекарите се обвинети дека не дејствувале во согласност со законот или спровеле несовесно лекување за што во Кривичниот законик постои дури и сет закони, кои ја разработуваат оваа проблематика – вели Илиев.

[email protected]