Фото: Маја Јаневска-Илиева

На 20 степени Целзиусови вирусот е особено активен и може да преживее 28 дена на мазни површини. Истражувачите на австралиската национална научна агенција (ЦСИРО), чии резултати се објавени во престижно австралиско списание за вирологија, објаснуваат зошто е тешка борбата со стапката на заразување. За споредба, вирусот на инфлуенца А може да се задржи на површини до 17 дена

Истражувања за САРС-КоВ-2 што фрлаат ново светло за издржливоста на вирусот

Истражувачи од ЦСИРО, австралиската национална научна агенција, откриле дека САРС-КоВ-2, вирусот одговорен за ковид-19, може да преживее до 28 дена на заеднички површини, вклучувајќи банкноти, стакло (како она на екраните на мобилните телефони) и на не’рѓосувачки челик. Според нив, на 20 степени Целзиусови вирусот е „особено активен“ и може да преживее 28 дена на мазни површини. Нивното истражување е објавено во научното списание за вирологија „Виролоџи журнал“, кое има отворен пристап за статии за сите аспекти на вирусологијата. Истражувањето објаснува зошто е тешка борбата со стапката на заразување. За споредба, вирусот на инфлуенца А може да се задржи на површини до 17 дена.
На 30 степени Целзиусови, стапката на преживување на вирусот се намалува на седум дена и само на 24 часа на температура од 40 степени. Истражувачите велат дека на памучен материјал на 20 степени не може да се детектира жив вирус по 14 дена. На 30 степени Целзиусови, вирусот се задржува само три дена на памучна површина во споредба со седум дена на мазни и челични површини.
Сепак, треба да се истакне дека експериментот е извршен во лабораториски услови без ултравиолетова светлина и ограничена влажност на 50 отсто. Познато е дека ултравиолетовото светло го убива вирусот. Според ЦСИРО, вирусот примарно се шири преку воздух, но се потребни повеќе докази за понатамошно утврдување на трансмисијата преку површини.
Истражувањето, преземено во Австралискиот центар за подготвеност за болести, откри дека САРС-КоВ-2 преживува подолго на пониски температури, а исто така има тенденција да преживее подолго и на непорозни или на мазни површини, како што се стаклото, не’рѓосувачкиот челик и винил, отколку што може да преживее на порозни површини, како хартија или банкноти.

Главниот извршен директор на ЦСИРО, д-р Лери Маршал, рече дека овие сознанија овозможува да се ублажи неговото ширење.
– Утврдувањето колку долго вирусот останува одржлив на површините ни овозможува попрецизно да го предвидиме и ублажиме неговото ширење и да направиме подобра работа за заштита на нашиот народ – рече д-р Маршал.
Д-р Деби Иглс, кој го истражува вирусот, вели дека тој може да биде заразен ако се задржува на површини подолг временски период.
– Нашите резултати покажуваат дека САРС-КоВ-2 може да остане заразен на површини подолг временски период, зајакнувајќи ја потребата за добри практики, како што се редовно миење на рацете и чистење на површините – рече д-р Иглс.
Сознанијата од ова истражување може да помогнат да се објасни перзистентноста и ширењето на САРС-КоВ-2 во ладни средини со голема контаминација на липиди или протеини, како што се објектите за преработка на месо, па сознанијата можат да помогнат како подобро да се справат луѓето во тие објекти со тој ризик.
Според австралиските истражувачи, многу вируси се одржливи на површини надвор од нивниот домаќин. Колку долго можат да преживеат и да останат заразни, зависи од видот на вирусот, количеството, површината, условите во средината и од тоа како се пренесува дали со допир или со кашлање.