Од Управата за водење на матичните книги велат дека најголем број од закажаните бракови се откажани и одложени за крајот на годината, па дури и за следната година. Во најголем дел браковите се откажани поради стравот на граѓаните од ширењето на коронавирусот, како и поради тоа што не е дозволено да се организираат свадби и веселби со голем број луѓе во рестораните

Македонските граѓани што сакаат да стапат во брак сѐ уште имаат надеж дека коронавирусот ќе стивне и сѐ повеќе се одлучуваат да ги презакажат венчавките за есен, отколку да склучат брак во услови на рестриктивни околности. Иако и во овие месеци има млади што се одлучуваат за брак, сепак бројката е драстично помала од минатите години.
Најголем број закажани термини за склучување брак овој месец се откажани и се презакажани за одржување во август, септември и октомври годинава.
Статистиката во Управата за водење на матичните книги покажува дека во март годинава само во Скопје биле склучени помалку од 100 брака, што е намалување за 70 отсто во споредба со лани овој период, кога биле склучени 700 граѓански брака. Лани во март во целата земја биле склучени 1.144 брака, а годинава околу 950.
Во април годинава биле склучени 268 брака, а лани истиот месец биле склучени 1.166 брака. Во мај годинава имало 366 склучени граѓански брака, а минатата година 1.147 брака.

Оттаму велат дека најголем број од закажаните бракови се откажани и одложени за крајот на годината, па дури и за следната година. Во најголем дел браковите се откажани поради стравот на граѓаните од ширењето на коронавирусот, како и поради тоа што не е дозволено да се организираат свадби и веселби со голем број луѓе во рестораните.
Заради почитување на сите мерки за заштита од коронавирусот, граѓанските бракови во Скопје не се склучуваат во свечените сали, како што беа објектите на порта „Македонија“ и на Музејот за револуционерната борба, туку во административната зграда на управата, во присуство на идните брачни партнери, нивните двајца сведоци и матичарот.
Закажувањата, пак, се одвиваат онлајн, преку веб-страницата на управата.
– Откажувањето драстично се забележа кон крајот на март и во април. Презакажуваме термини за август, септември и октомври. Во многу случаи закажувањето е неизвесно поради сѐ уште недефинираната состојба за работа на рестораните, каде што потоа традиционално се прославува склучениот брак – посочуваат од Управата за водење на матичните книги во земјава.

Од Македонската православна црква – Охридска архиепископија велат дека по Велигден, сите закажани венчавки веќе се одложени за следните месеци.
Владиката Агатангел минатата недела излезе со повик до младите да склучуваат венчавки и граѓански бракови, да не ги откажуваат, зашто на тој начин ќе се намали наталитетот во земјата.
Тој е единствениот владика на МПЦ, кој во овој период на корона-криза во земјата излезе со ваков апел кон младите луѓе.
– Новата заразна болест, која се прошири низ целиот свет ни го наруши животот на сите, ни ги измени сите планови. Како христијани не смееме да кукаме и да се плашиме, туку да најдеме нов начин на живеење – посочи Агатангел.
И од скопското муфтиство при Исламската верска заедница велат дека минатиот и овој месец е намалена венчавката во џамија за 20 отсто. Оние, пак, што ги венчаваат, го прават тоа според препораките за заштита од ширењето на коронавирусот, односно во присуство на минимум гости.

Демографите изминатиот период, откако е почната корона-кризата во земјава, посочија дека се очекува пад на склучувањето на браковите во земјата, како и на наталитетот, што ќе се рефлектира и на демографската слика на земјата. Инаку, оваа година Македонија првпат влезе во негативен природен прираст. Таа е една од последните земји од поранешна Југославија што сега бележи поголема смртност на населението отколку раѓање на живородени деца.

[email protected]