Фото: Маја Јаневска-Илиева

Неодамна, при пречекот на грчкиот министер за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис на Македонија, од страна на Грција било побарано македонската национална гарда да не биде построена, како што обично наложуваат протоколите за пречек на високи гости. Според информациите што ги добивме, за Грците биле проблематични копчињата на униформите на нашата гарда, на кои било втиснато знамето од Кутлеш?! За потсетување, слично нешто се случи при посетата на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас. Имено, тогаш не се интонираше националната химна и ја немаше националната гарда, пред сѐ, поради името Армија на Република Македонија. За жал, има и други примери за флагрантно заобиколување на принципите на уставноста и сувереноста и на белезите на државноста, кога тие треба да бидат јасно демонстрирани во протоколите при пречек на одредени странски дипломати

Официјална Атина побара изземање на дел од процедурите на државниот протокол при пречекот на грчки министер

Неодамна во јавноста проструи веста дека грчката амбасада во Македонија, по извршена инспекција на нашите одбранбени сили, побарала македонската национална гарда да не биде построена при пречекот на грчкиот министер за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис, кога тој пристигнал во Македонија.
Во меѓувреме, високи безбедносни соговорници брифираат дека гардиските почести биле тргнати од агендата при посетата, бидејќи на ракавите на македонските свечени униформи сѐ уште е испишано старото име на државата, Република Македонија, и дополнително поради ознаките на копчињата на облеките за свечености каде што е поставен симболот на сонцето со шеснаесет краци.
Од кабинетот на врховниот командант и претседател на државата Стево Пендаровски, пак, велат дека кога се врши пречекување на странски државници во сила се протоколите на државата-домаќин за оваа намена.
– Во однос на посетите на високи гости и делегации на кои е домаќин кабинетот на претседателот, практиката наложува да се изврши координација со Министерството за надворешни работи за протоколот што ќе се применува при посетата – велат оттаму.
Од кабинетот додаваат дека во елементите на протоколот за посетите спаѓаат, меѓу другите, и пречек на високите претставници, интонација на химната, поставување на државните знамиња, лица за пречек и други елементи.
– Во однос на ангажманот на Баталјонот за почести при армијата, тие се ангажираат зависно од видот на посетата, во согласност со практиката што ја имаат државата и воениот протокол. Досега при организацијата на посети на гости во кабинетот на претседателот немало интервенции однадвор за тоа како треба да изгледа процесот – се вели во информацијата за „Нова Македонија“ од кабинетот на врховниот командант.
Од Министерството за одбрана, пак, информираат дека пречекот на високи странски функционери е во надлежност на државниот протокол и протоколите на институциите на кои им доаѓаат гости.

– Информациите за некаква интервенција од друга држава не се точни.
Армиската гарда може да се стави во свечена функција само за потребите на министерот за одбрана и на началникот на Генералштабот, како и на претседателот на Владата и претседателот на државата – велат од министерството.
Во меѓувреме, професори на воената академија и безбедносни експерти со кои се консултиравме велат дека овие интервенции од Грција очигледно се повторуваат и тие се производ на барањата на Атина за спроведување на договореното во документот од Преспа, особено во делот што се однесува на имињата на нашите институции и обележјата на униформите на војската и полицијата.
Тие додаваат дека промената на начинот на кој Македонија планира да пречека одреден свој гостин од меѓународната заедница е возможна само во случајот со Грција, за сите други земји тоа правило не важи.
Професорот на Воената академија, Оливер Андонов, кој беше и заменик-министер на МВР, вели дека македонската држава, за жал, има своја „историја“ на несоодветно постапување во ваквите случаи како актуелниот.
– Овој проблем за непочитување на суверените и уставните права на нашата држава при пречек на одредени странски дипломати не е единствен како со министерот Хрисохоидис. Туку тој е само еден од низата проблематични состојби, во кои Македонија потклекна во практикувањето на меѓународната политика. Нашите институции очигледно по традиција и сега лошо се позиционираа. Така беше во 1992 година со внесување на уставните измени за малцинствата во земјата, потоа следуваше промената на знамето и сето резултира со промената на именувањето на нашата држава, а сега на ред се барањата за промени во политиките за пречек на странските гости – вели Андонов.

Професорот истакнува дека кога говориме за посета на грчки државници во Македонија, мораме да знаеме дека, за жал, во Преспанскиот договор има јасно одредени норми на кои нашата земја се има согласено и кои мораме да ги почитуваме.
Андонов вели дека сите обележја на нашите униформи и национални симболи мораат да бидат според договорот бидејќи само тогаш се прифатливи за Грците.
Во конкретниот случај, возможно е на Грците да им пречеле ознаките на копчињата на гардистите на постарите униформи каде што се втиснати краците на сонцето од Кутлеш.
– Верувам дека голема е веројатноста од грчката амбасада сега да е реагирано за униформите на нашите гардисти. Но морам да потсетам дека контролите од овој профил не се добри за нашата земја бидејќи даваат лош имиџ на институциите. Во теорија контроли се дозволени, но само ако се во правец на стекнување доверба со соседите или со воените сојузници. Но сега кога сме веќе членка на НАТО, мислам дека се претерува во оваа практика – вели професорот.
Андонов поентира дека ние како народ не смееме да дозволиме да ни се погазува државата кога станува збор за употреба на националните симболи.
– Јас советувам во јавноста многу да се внимава кога се говори за овие настани, бидејќи тие се исто така и длабоко емотивно прашање поврзано со преименувањето на нашата земја, кое сѐ уште е чувствително за населението и за граѓаните – вели професорот.

Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски, пак, вели дека ова не е очигледно единствениот случај во кој пречекот на високите државници од Грција бил „модификуван“ во делот на почестите.
– Имено, вакви состојби имаше и за време на посетата пред две години на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас. Тогаш, како очигледно и сега, се бараше отстапување од обичните протоколи за пречек на државниците, поради очигледните пречки по овие прашања што ги имаме во договорот од Преспа. За време на посетата на Ципрас не се интонираше националната химна и тој не беше поздравен од националната гарда, пред сѐ, поради името на АРМ, која според договорот треба да е АРСМ – вели Марковски.
Тој објаснува дека овие правила важат исклучиво само за Грција, бидејќи се дел од составниот договор што сѐ уште се имплементира, но тоа не важи за сите други држави бидејќи нашата земја има суверено право самата да си процени на својата територија како ќе пречека одреден дипломат, државник или министер од меѓународната заедница.

[email protected]