Фото: Игор Бансколиев

Македонија е отидена далеку напред во имплементирање наКопенхашките критериуми, што е и повеќе од доволно за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Од друга страна, Бугарија иако е членка на ЕУ, самата не ги исполнува Копенхашките критериуми, односно владеењето на правото е на најниско ниво, не признава постоење на малцинства на својата територија, во делот на економијата, источниот сосед е најсиромашна членка на Унијата, без можност нивната пазарна економија да го следи темпото на европската, забелешки има и во врска со ефикасноста на администрацијата и нејзината политизација итн. Во вакви околности Бугарија, со примени на ултиматуми кон Македонија, ја влече во црна дупка и целата Европска Унија

Бугарија останува на цврстите позиции дека нема намера да дозволи почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, обвинувајќи ја земјава дека сама е виновна за блокадата и дека сама може да ја отстрани ако „почне да ги почитува Копенхашките критериуми“.
– Оваа блокада не е наша. Очекуваме вистински, неповратни и одржливи резултати во нашите односи, така што ќе ги почитувате критериумите од Копенхаген за членство – изјави бугарскиот претседател Румен Радев откако во неделата гласаше на парламентарните избори во Софија.
Со оглед на барањата што Софија ги испорача до Македонија за да ја крене рампата за земјава, како признавање на бугарското потекло на Македонците и нивниот јазик, како и поинакво толкување на историјата, се наметнува дилемата дали станува збор за Копенхашки или, пак, за бугарски критериуми, поточно ултиматуми што треба да се прифатат за земјава да почне преговори со ЕУ.
Критериумите што секоја земја мора да ги задоволи ако сака да пристапи во ЕУ се познати како Копенхашки критериуми, а може да се поделат на политички, економски и административни. Во однос на политичките критериуми, станува збор за стабилност на институциите што ќе гарантираат демократија, владеење на правото, заштита на човековите права и почитување и заштита на правата на малцинствата.
Критериумите што ги донесе Европскиот совет на седница во Копенхаген во 1993 година вклучуваат и постоење и функционирање на пазарна економија што мора да биде во можност да се справи со притисокот на пазарот и правилата на европската економија.

Административните критериуми, познати и како Мадридски критериуми, бараат од секоја земја кандидат да биде способна да создаде услови за приспособување на националната административна структура кон механизмите што функционираат во јавната администрација на ЕУ.
Во согласност со ова, Македонија е отидена далеку напред во нивното имплементирање, што е и повеќе од доволно за почеток на пристапните преговори. Или, едноставно кажано, Македонија во целост ги исполнува Копенхашките критериуми за членство во Унијата.
Од друга страна, Бугарија иако е членка на ЕУ, самата не ги исполнува Копенхашките критериуми, односно владеењето на правото е на најниско ниво и не признава постоење на малцинства на својата територија, а уште помалку ги заштитува малцинските права.

Во делот на економијата, источниот сосед е најсиромашна членка на Унијата, без можност нивната пазарна економија да го следи темпото на европската. Забелешки има и во врска со ефикасноста на администрацијата и нејзината политизација.
Ова е само мал дел од забелешките што ги истакнува и самата Европска комисија во извештаите за Бугарија, така што кога Софија се повикува за почитување на Копенхашките критериуми од страна на Македонија, подобро да погледне и во сопствениот двор. Во спротивно, повеќе станува збор за „Софиски критериуми“ односно ултиматуми, кои се сè, само не европски.