Политичка нација – замисла за изедначување на нацијата со државјанството (2)

Во Македонија, во регионот, но и на Стариот Континент, историски природно преовладува националниот концепт при создавањето државни ентитети. Американскиот приод и концепт за создавање политички нации во регионов, во услови на силно етнизирани кохезивни фактори при формирање на државите на Балканот, е целосно неприменлив. Дури и граѓанскиот концепт, како некоја меѓуфаза, тешко минува, иако многу професори и политичари експериментираа преку Уставот и законите, обидувајќи се да го направат првиот чекор за создавање политичка нација. Додека фазата на етаблирање, подем и созревање на националниот концепт (со еден државотворен народ и формирање силна правна држава) не мине, граѓанскиот концепт, или уште повеќе, т.н. политичка нација e самоубиствена за малобројните
народи како што е македонскиот

Идејата за креирање македонска политичка нација повторно е актуализирана од одредена иницијатива на млади албански активисти, а е наречена „Македонски концепт“. Според неа, националноста се изедначува со државјанството (надминувајќи ги етничките, религиските, политичките категории на идентификација) и на прво слушање, како некаква проекција, звучи различно, на некој начин интересно и привлечно, но обидите за нејзината имплементација во општествено-политичката реалност во Македонија веќе неколкупати паднале на испитот.
– Таков сличен проект за креирање македонска политичка нација се заговараше и пред десетина година, а веројатно и претходно, но некако нечујно пропадна. Во држави каде што има многувековно постоење на етничкиот принцип, многу тешко се спроведува концептот на политичка нација. Прашањето што предизвикува скептицизам спрема овој проект е зошто се инсистира само на македонска политичка нација, во соседско опкружување од држави во кои е силен етничкиот концепт? Сомнежот е дали целта на овој концепт е да се изгуби македонската етничка нација. Поради сомнежот за таквите скриени намери и претходно пропаѓале ваквите идеи. Инаку, ние и сега имаме политичка нација, која се врзува со државјанството, но токму Албанците во Македонија не ја сакаа таквата нација. Навистина би било убаво ако Албанците го надминат својот етноцентризам и се приклонат кон политичката нација, но се сомневам дека постои реално расположение за такво нешто, во овој момент. Проблемот е подлабок и со сите поделби во општеството, во актуелниов миг (кој се мери со години), многу сме далеку од реализацијата на концептот – политичка нација – вели историчарот Тодор Чепреганов.

Процесот на формирање на нациите, односно на создавање чувство на заедништво или споделување на некои заеднички вредности на групите луѓе што живеат на одредена (државна) територија, историски се лоцира со Француската буржоаска револуција од крајот на 18 век (1789 година). Тој концепт на нацијата понатаму се шири низ европските држави, каде што претходно „обединувачкиот“ момент на населението била лојалноста (или подаништвото) спрема владетелот. Кога во државното уредување веќе не постои владетел (монарх), кохезијата на населението се создава околу заедничките вредности (како јазик, религија, култура) со што всушност се создава нацијата. Сепак, западноевропскиот концепт на нацијата, модифицирано се применува на Балканот, зашто сите балкански држави подоцна и на поинаков начин ја ефектуираат својата државност, а притоа веќе била диференцирана етничката припадност.

– На овој степен од развојот на македонската држава, таквата идеја за креирање т.н. политичка нација не само што е тешко остварлива туку може да предизвика понатамошни поделби на македонското ткиво. Политичката нација во основа претставува група луѓе на еден простор, кои споделуваат една матрица на вредности, а притоа од клучна важност е како комуницираат претставниците на таа политичка нација. Тие прашања во нашава македонска реалност се спуштени на поелементарно ниво. Политичката нација се изедначува со државјанството и од тука веќе започнуваат незгодите. Во правно-политичка смисла Македонија сѐ уште е унитарна држава, но во реална, функционална смисла ние сме федерација. Како ќе се прави политичка нација во држава во која се воведува закон за двојазичност? Концептот на политичка нација симпатично звучи, но тоа е голема илузија на овие простори, каде што национализмот е силно изразен и, што би се рекло, во секојдневна употреба – вели Илија Ацески, професор по социологија на УКИМ.

Професорот Јове Кекеновски за иницијативата за македонска политичка нација вели дека е убава идејата секој што е државјанин на Македонија да се чувствува како Македонец.

– Ако сме реални и искрени, знаеме дека сме далеку од реализација на идејата за македонска политичка нација. Доколку се надмине етноцентризмот и се развие свест и лојалност кон државата на која ѝ припаѓаат сите што се државјани на Македонија, можно е да се постигнат услови за создавање политичка нација. Сепак, моменталната општествена ситуација во земјава е далеку од исполнување на тие услови – вели професорот Кекеновски.

Концептот на политичка нација во Европа е функционален во Швајцарија, но за разлика од основниот западноевропски етнички концепт на нацијата, тој најдобро функционира во т.н. нов свет, на американскиот континент, во Австралија, во Нов Зеланд.

– Во Македонија, но и секаде каде што е силен етичкиот концепт, не може прекуноќ да се спроведе американскиот концепт на политичка нација. Еве, и да прифатиме во државата Македонија да биде создадена политичка нација, што ќе биде со етничките Македонците во соседните држави? Дали и тие ќе станат дел од политичката нација на Грција, Бугарија, Албанија, Србија? Ние сѐ уште не сме успеале да направиме граѓанско општество, што е еден чекор до политичка нација. Сложен е тој процес на создавање политичка нација, или според новите европски тенденции – создавање наднација (супранација), која ќе го апстрахира етничкиот елемент. Сум бил на семинари на ЕУ, каде што се дискутира токму за тоа создавање европска наднација, но расположението за спроведување на таквиот концепт меѓу учесниците од различни земји е различно и сѐ уште многу скептично – вели професорот Тодор Чепреганов, поранешен директор на Институтот за национална историја на Македонија.

Фото: Дарко Андоновски