Лицемерните ставови на официјална Софија создаваат нестабилност и
недоверба во пошироки рамки

Додека јавно себеси пред јавноста, пред медиумите и пред институциите на ЕУ бугарските политичари се промовираат како најголеми поддржувачи на македонските евроинтеграции, тие паралелно во бугарското собрание изгласаа декларација со услови (идентитетски уцени за Македонија), потоа го објавија т.н. Објаснувачки меморандум до ЕУ за бугарските корени на Македонците и на крајот ставија вето за усвојување на преговарачката рамка за почеток на преговорите со ЕУ…
Двосмисленоста во пораките и постапките на бугарските политичари за Македонија (едно изјавуваат, а друго прават) претставува нескриено лицемерство, па и криминално однесување кон Македонија, Македонците и кон македонската европска иднина

Сеењето магла за македонско-бугарските односи и нивно претставување во сосема друго светло пред ЕУ и во своја полза, во голема мера се должи на фингираните, двосмислени и честопати дволични изјави и постапки на бугарските политичари. Додека јавно себеси пред јавноста, пред медиумите и ЕУ се промовираат како најголеми поддржувачи на македонските евроинтеграции, тие паралелно во бугарското собрание изгласаа декларација со услови (идентитетски уцени) за Македонија, потоа го објавија т.н. Објаснувачки меморандум до ЕУ за бугарските корени на Македонците и на крајот ставија вето за усвојување на преговарачката рамка за почеток на преговорите со ЕУ… Двосмисленоста во пораките и постапките на бугарските политичари за Македонија (едно изјавуваат а друго прават) претставува нескриено лицемерство за македонската европска иднина. Во сличен фазон беше и последниот пример на јавен настап на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов пред партиската младина на неговата политичка партија ГЕРБ.

„Замислете си дека сте Македонци и дека соседот ве блокира“

Имено, пред младината на ГЕРБ, Бојко Борисов испрати порака.
– Замислете си дека вие сте Македонци. И соседите, најблиските луѓе ви велат: „Нема да одите во Европската Унија. Нема да одите таму“. Дали ќе нѐ сакаат? И затоа се обидуваме со Зоран Заев и со Стево Пендаровски, се разбира, да направиме така што работите ќе тргнат од долу нагоре. Да, историјата е исклучително важна. Но оставете историчарите да си ја завршат работата – им порачува Борисов на млaдинците од неговата ГЕРБ.

Притоа, Борисов рече дека неговата партија е единствената што може да го реши македонско-бугарскиот спор без штета за Бугарија, а Македонија да ги започне преговорите со ЕУ. Исто така предупредува дека начинот на кој бугарскиот претседател Радев и актуелната техничка влада ги конструираат работите „на крајот ќе биде или многу лош за Бугарија, или ќе направиме народите на двете најблиски земји да се мразат меѓу себе во следните децении“, порачувајќи им на младите дека треба да стори сѐ што е можно сегашните и следните поколенија да не се мразат.

Дали се работи за искрена желба на Борисов да се деблокира европскиот пат на Македонија или е уште еден вешт предизборен обид да ја наметне својата партија како единствена европска партија што може да биде влечен погон за бугарското општество и македонскиот интегративен пат? Секако, настапот содржеше многу контроверзности и антипод-пораки, кои многу итро и со умисла се пласирани во јавноста за да се толкуваат онака како што им одговара на двете спротивставени страни.

Од друга страна, додека поранешниот бугарски премиер дава популистички изјави и ветувања за решавање на македонско-бугарскиот спор (кој самиот го конструираше и менаџираше од сенка, додека беше на власт), членот на мешаната историска комисија, бугарскиот историчар Кирил Топалов, ја охрабрува бугарската јавност дека „никој не може да ѝ врши притисок на Бугарија“.

– Како што видовме, дури и семоќната г-ѓа Меркел препорача меѓусебно да се разбереме, бидејќи ова е билатерално прашање, а ние можеме само да потсетиме дека не Бугарија, туку Македонија е кандидат за членство – изјави латентно заканувачки Топалов, по состанокот на заедничката македонско-бугарска историска комисија, минатата седмица, која повторно не постигна никаков напредок во работата.

Аналитичарите скептични за искреноста на намерите за поддршка на евроинтеграциите на Македонија

Во однос на пораките што доаѓаат од бугарските политичари пред самитот на ЕУ, македонските политички аналитичари се скептични за искреноста на намерите искажани за поддршка на евроинтеграциите на Македонија.
– Тешко е да се верува дека некој во Македонија сѐ уште не ги сфатил бугарските игри со нас. Од една страна тие постојано врескаат дека нѐ поддржуваат за ЕУ, дека не ни ги оспоруваат идентитетот, јазикот, дека сме браќа…, ама сето тоа е неофицијално и необврзувачко за нив. Меѓутоа, официјалната позиција на сите бугарски политичари е дека ние (Македонците) до 1944 година сме биле Бугари и сме зборувале бугарски јазик. И тогаш, на АСНОМ сме се прогласиле за македонски народ со сопствен јазик. Тие, демек, можат да прифатат и признаат дека нашите татковци и дедовци биле Бугари, ама ние сегашниве, со помош на Тито и други сме се декларирале како Македонци. Клучно за нив е дека во 1944 г. сме го кодифицирале јазикот, кој дотогаш (според нив) бил бугарски. Очигледно, нашите мудри политичари се прават недоветни и ни тврдат дека Бугарија нѐ признава како Македонци со македонски јазик. Премиерот дури тврди дека Бугарите немаат проблем со македонскиот идентитет, туку дека спорни биле корените. Со други зборови, дрвото е цреша, ама корените му се од јаболко. Ако некаде има случаи јаболкови корени да раѓаат цреши, треба да нѐ информираат за да ги прифатиме ваквите бугарски тези и корени. Во таков контекст, треба да се гледаат и последните изјави на Борисов, но и на сите бугарски политичари. Не треба да се залажуваме дека целата таа лицемерна бугарска реторика е поврзана со тамошните избори. Изборите се периферни, бидејќи се работи за трајна бугарска политика спрема Македонија – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.

Бугарската политика спрема Македонија
го дестабилизирала јужното крило на НАТО?

Политичкиот аналитичар Петар Богојески, и самиот активен како политички субјект на македонската политичка сцена, смета дека бугарската политика спрема Македонија го дестабилизирала јужното крило на НАТО и ги загрозила интересите на САД, НАТО и на ЕУ во регионот.
– Со обидот да ја смени политиката спрема Македонија, Борисов покажува дека станал свесен дека власта ја изгуби поради македонското прашање. Политиката што ја водеше, со намера да ја дестабилизира Македонија и да го врати Балканот во 19 век, значеше и дестабилизација на јужното крило на НАТО, кое во овој политички миг е исклучително важно за Алијансата. На тој начин, Борисов се стави себеси против интересите на САД, НАТО и на ЕУ. Но сега покажаното каење нема да му ја врати довербата кај меѓународните партнери – смета Петар Богојески.