Фото: Игор Бансколиев

Најавата на првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби за консензуално одлучување на новата влада е во директна спротивност со постојните законски прописи во државата и со начинот на функционирање на извршната власт

Потпретседателот на Владата со најава дека ќе ги игнорира Уставот и законите при владиното одлучување

Првиот ден по изгласувањето на Владата, министрите од коалицискиот партнер ДУИ, предводени од првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби, направија своевидна (етноцентристичка) координација, која асоцираше на смислена политичко-функционерска сегрегација по етничка албанска линија на раздвојување. Таквото реално шоу на Илинденска бр. 2 најмалку ѝ треба на нашата нова влада, бидејќи пораките за сепарација и игнорирање на владината програма и на премиерот како тежишна фигура за спроведување на предвидените цели од страна на албанскиот коалициски партнер, не може никако да донесе прогрес и развој на сите полиња од општествениот (владин) интерес.
Јавното „манифестирање на преземање на власта“ во таков манир, што беше подготвено за медиумите, првиот вицепремиер Артан Груби исто така го искористи да порача нешто уште посуштински, крајно контроверзно и нешто што не е предвидено ниту во еден позитивноправен акт на државата. Имено, тој акцентира дека „ова е коалициска влада, во која одлуките ќе се носат консензуално“, притоа нагласувајќи го и принципот на ковладеење.(?!)

– Како што може да видите и во коалицискиот договор и во програмата на Владата, консензуално одлучуваме, заеднички сите како колективно тело за доброто на сите граѓани и имплементирање на програмата – истакна Груби.
Истовремено тој најави дека се потребни измени во Деловникот за влада, за да се дефинираат надлежностите на неговата нова функција.
– Сметаме дека постои потреба за менување на Деловникот на Владата и тоа ќе го разговараме на првата седница – ја дополни својата изјава Артан Груби.
Сепак, во актуелниот Закон за влада, освен што не е предвидено консензуално носење одлуки на Владата, туку само со мнозинство од гласовите на нејзините членови, не е предвидена ни функцијата прв вицепремиер. Ваква функција нема ниту во Деловникот за работа на Владата, но, според Груби, неговата нова функција во Владата наскоро ќе ја има и на хартија.

Подновениот или можеби само преименуван концепт на поставеност на Владата, со функцијата прв вицепремиер, воведен како резултат на последните договори за коалицирање меѓу СДСМ и ДУИ, создаде нејаснотија во јавноста што ќе значи тоа во практичното функционирање на Владата, колку таквите измени се во согласност со важечката системско-законска регулатива, но и што всушност подразбира најавата за консензуално носење одлуки во Владата и дали можеби тоа не е вовед во некаква форма на федерализација. На ваквите дилеми во јавноста првично реагираше универзитетската професорка по уставно право Татјана Каракамишева-Јовановска.
– Деловникот на влада е подзаконски акт, кој мора да биде во согласност со Законот за Владата и со Уставот! Ниту во законот, а уште помалку во Уставот – нема функција прв вицепремиер – напиша Каракамишева-Јовановска, предупредувајќи на законската колизија на постигнатиот политички договор.

И други политички аналитичари во овој миг на почетокот на работата на новата влада не можат да проценат што би значело во практика најавеното консензуално носење одлуки во Владата и дали тоа ќе предизвика системски измени.
– Што значи консензуално носење одлуки во Владата не можеме да знаеме додека не профункционира тоа. Не знаеме дали тоа ќе оди до регулирање преку промени во Законот за државна управа или Законот за влада, или ќе остане на ниво на политички консензус, како што и досега функционираа СДСМ и ДУИ како коалициски партнери. Според изјавите во јавноста за ова прашање, засега може да се зборува само за политички консензус. Во овие дилеми и непознати моменти за формата на консензуално одлучување во Владата секако се наметнува и прашањето дали ќе има врзан потпис на премиерот и првиот вицепремиер. Но за тоа се потребни системски промени, а тоа, секако, не може да се регулира со Деловникот на влада. Со Деловникот може на пример да се регулира кога првиот вицепремиер ќе ги води седниците на Владата, да му се дозволи да потпишува одлуки на Владата изгласани на седница…, но нема право на вето. Всушност, такво право нема ниту премиерот – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Според Арсовски, целата манифестација на ДУИ за консензуалното одлучување во Владата повеќе претставува настојување тоа во јавноста да се прикаже како постигнување одреден политички преседан, отколку дека имаат желба тоа да биде регулирано со закон, односно да се прават системски измени.
Меѓутоа, ново-стариот министер за локална самоуправа Горан Милевски открива еден интересен детаљ, а тоа е дека и во претходната влада од истата коалиција сите (?!) одлуки се носеле со претходен консензус, односно заедничко усогласување.

– Од едногодишното искуство во претходниот владин состав на истата коалиција можам да кажам дека и досега сите одлуки се носеле консензуално, односно претходно, пред седницата на Владата биле заеднички усогласувани, разгледувани и договарани меѓу коалициските партнери. Новата функција прв вицепремиер ја разбирам во однос на регулирањето некои функционални прашања од видот кој од вицепремиерите ќе ги води седниците на Владата кога премиерот ќе биде отсутен и слично. Дури мислам дека тоа треба да се регулира и со потпретседателите во Собранието. Секако, сето тоа ќе се регулира само со Деловникот, без системски измени во законите. Сметам дека ваквата иницијатива не крие намера за создавање некаква поларизација во општеството – вели министерот за локална самоуправа Горан Милевски.