Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од Министерството за труд и социјална политика годинава, во периодот од јануари до јуни, биле евидентирани 37 деца од улица. Минатата учебна година, 90 отсто од вкупниот број деца што предходно го посетувале Дневниот центар во Скопје биле вклучени во редовниот образовен процес. Наместо во топол дом и на настава, децата од улица, и момчиња и девојчиња на различна возраст, често и боси, просат за да заработат

Инклузија во воспитно-образовниот процес за најранливата категорија граѓани

Учебната година почна, но не и за децата од улица. За нив сѐ уште се комплетираат списоците од страна на вработените во Меѓуопштинскиот центар во главниот град, но најпрвин се детектираат на терен од стручни и мобилни тимови, се евидентираат, за потоа да бидат згрижени во Дневниот центар. Преку реализација на разни програмски активности дури потоа ќе бидат вклучени во образовниот систем. Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, годинава во периодот од јануари до јуни биле евидентирани 37 деца од улица. Минатата учебна година 90 отсто од вкупниот број деца што предходно го посетувале Дневниот центар во Скопје биле вклучени во редовниот образовен процес. Наместо во топол дом и на настава, децата од улица, и момчиња и девојчиња на различна возраст, често и боси, просат за да заработат. Во текот на целиот ден наместо во здрава животна средина се по крстосниците во најгустиот сообраќај, изложени на издувните гасови на автомобилите, а сега се изложени и на опасност да бидат заразени со коронавирусот. Овие деца не само што се надвор од своите домови туку се и надвор од образовниот систем, а некои и без соодветна документација.

Често и запоставени поради родителска негрижа и наместо да играат и да се образоваат како и сите други деца, тие талкаат по улиците и просат на студ и мраз, дожд или жешко сонце. Во овие услови на коронавирус, кога секојдневно расте бројот на новозаразени со ковид-19 и кога на сите здравјето ни е пред сѐ, потребна е поголема грижа и кон овие деца, а особено им е потребна грижата што треба да ја добијат од државата.
– Специјални тимови по пријава на граѓани или правни субјекти излегуваат на терен и разговараат со детето и со родителот ако е во негова придружба. Се оди и во неговиот дом и се разговара со семејството, ако детето има документи да се пристапи кон остварување право од социјална и детска заштита, детски образовен додаток и гарантирана минимална помош. Ако немаат документи, со помош на невладиниот сектор се пристапува кон вадење на потребните документи. Се прави решение за вонреден надзор од родителите и се прават ненајавени контроли во нивниот дом. Еден дневен центар работи по неколку часа со децата. Најпрво стручен тим ги запознава со културно-хигиенските навики, а потоа се вклучуваат во воспитно-образовeн процес. Со нив работат двајца педагози. Децата се групираат бидејќи се на различна возраст од 4 до 14 години. Можам да кажам дека по завршувањето на претходната школска година во мај, од вкупниот број на деца што го посетуваа Дневниот центар, 90 отсто беа запишани во образовниот процес. За оваа учебна година се комплетираат списоците – рече Наташа Станојевиќ, директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Скопје.

Во оваа институција нема многу пријави за деца од улица, но оттаму велат дека секој што ќе ги забележи може да го направи тоа на телефонскиот број 15 505 и да пријави кога ќе види дете од улица, за да можат надлежните служби да се погрижат за него. Тоа дете само така ќе биде спасено можеби и од притисокот на неговите родители, блиски роднини или луѓе што сакаат да заработат од неговиот детски труд. Наместо на улица, потоа овие деца ќе престојуваат во дневните центри за деца од улица и ќе се образоваат, и што е исто така многу важно во ова време ќе се научат на основните и сега многу потребни хигиенски навики. На територијата на Град Скопје функционираат два дневни центри за деца на улица. Едниот центар е на јавната установа Меѓуопштински центар за социјални работи на Скопје, а другиот е менаџиран од страна на граѓанско здружение.
Во невладината организација Здружение за заштита на правата на детето функционира Дневен центар за деца од улица, лоциран во просториите на Поликлиниката во скопската општина Шуто Оризари. Во моментов во овој центар се згрижени 63 деца. Од оваа организација велат дека во овие услови на пандемија најпрвин се грижат за нивното здравје и при секој најмал симптом ги упатуваат на лекарски преглед во матичната поликлиника, а со помош на донации им обезбедуваат и хигиенски средства и облека. Со донација ќе се погрижат и да им обезбедат компјутерска опрема за да можат и тие деца што немаат технолошка подршка да се вклучат во онлајн наставата.

– Од вкупно 63 згрижени деца, 50 деца се училишни деца и оваа година имаме пет првачиња. Работиме претежно со децата од Шуто Оризари, од населбата во која се наоѓаат нашите простории. Децата претходно се евидентирани на улиците и ние им даваме целосна поддршка прво на семејствата, а потоа и на дечињата да се образоваат, да ги одржуваат основните хигиенски услови и да стекнат навики, им даваме чиста облека и им помагаме да ги извршуваат домашните задачи. Во овие пандемиски услови децата само циркулираат и затоа работиме по дваесетина минути со по пет деца, три во една и две во друга просторија со почитување на сите здравствени мерки. Тринаесет деца се од претшколска возраст, имаме две дечиња што семејството ги напуштило, мајката е почината, таткото е на издржување затворска казна и живеат во импровизирани услови во дворот на нивниот чичко. Ние помагаме колку што можеме, но потребна е многу поголема општествена грижа за овие деца да можат да растат и да се развиваат. А можеби се потребни и повеќе невладини организации и во другите градови низ земјава што ќе им помагаат на децата од улица, особено во овие услови на пандемија – рече Ирена Велковска, координаторка во Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари.