Британскиот весник „Телеграф“ во низа пишува текстови против ЕУ, кои се објавуваат во последниве неколку месеци и делумно се насочени кон оправдување на британскиот брегзит и големите последици, секако и негативни, што ЕУ и договорите за разделбата со неа ги оставија врз британското општество. Некои од последиците сè уште не дошле до целосен израз. Пишувањата во британските медиуми се мотивирани различно, меѓу другото и поради геополитички причини и борбата за моќ во новиот светски поредок што се создава пред нашите очи, но секако и да се оправда и аргументира излегувањето на Британија од Унијата…

БРИТАНСКИ МЕДИУМ ГИ АНАЛИЗИРА НЕДОСЛЕДНОСТИТЕ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Британските медиуми и аналитичари вешто ги користат сите ним познати „дубиози на ЕУ“, за да ја покажат неспособноста за справување со судбоносните проблеми на денешницата. Исто така, ги извлекуваат на површина сѐ повжештените борби за позиции и оние од идеолошки карактер, како во случаите со Унгарија и со Полска. „Телеграф“ воопшто не е нежен кон ЕУ и нејзините проблеми, што не подразбира дека апсолутно сѐ треба да се зема „здраво за готово“, туку можеби треба да се заземат различни агли на опсервација и анализа, за да се дојде до вистински објективен заклучок.

Британија имала среќа што навреме избегала од Унијата?

Авторката на текстот во британскиот медиум „Телеграф“, Шерел Џејкобс, наведува дека речиси секојдневно „никнуваат“ нови и нови потсетници за тоа дека Велика Британија имала среќа што навреме избегала од Унијата. Таа пишува дека „патувајќи во Америка по Втората светска војна, основачот на ЕУ, Волтер Холстајн, одлучил дека на Европа ѝ е судено да стане копија на американската суперсила, а лично тој бил назначен за претседател на новата политичка федерација“. Но авторката тврди дека постоел еден проблем – европските челници го сметале Холстајн за опсесивен сноб, а Шарл де Гол во голема мера ги презирал неговите идеи.
„Единственото нешто што го спречи да го сруши овој проект, кој беше ’далеку од реалноста‘, беше привлечната шанса за контрола врз Германија и добивањето земјоделска субвенција. Оттука, никнатата Европска Унија уште тогаш беше половично чудовиште“, се наведува понатаму во текстот.
– Резултатот е следен: европскиот проект беше и остана илузија, приказна на Дизни од 1950-тите, завиткана во континентална правна замрсеност. Се работи за пропадната федерација, растргната од борба за моќ и од суета и оптоварена со сомнежи во „англосаксонската слобода“ – продолжува авторката и притоа повторно го слави брегзит, потсетувајќи ги читателите дека „Емануел Макрон продолжува да ја користи ЕУ како изборна алатка, каприциозно инсистирајќи на блокада на Британија, иако без некој голем успех“.

ЕУ е бескорисен блок речиси во однос на сите важни надворешнополитички прашања

Џејкобс понатаму наведува дека односите меѓу Брисел и одредени источноевропски земји паднаа на уште пониски гранки поради обвинувањата за кршење на човековите права, како и дека полскиот претседател дури изјавил дека, доколку ја уценува неговата земја, ЕУ ќе доживее распад. „Овој блок е бескорисен речиси во однос на сите важни надворешнополитички прашања – почнувајќи од нуклеарните преговори со Иран, па сè до свртувањето на Запад кон Индија и Кина“.
Во текстот се критизира „големиот велемајстор Мишел Барние во преговорите околу брегзит“, како и обидите на Брисел да изнајде козметички „технички решенија“ за проблемите поврзани со Протоколот за Северна Ирска. Понатаму, истакнато е дека „ЕУ се плаши од сознанието дека Британија, со својата слободна трговија, ја напушта нејзината регулаторна орбита и ’ќе направи сè за да не дојде до тоа‘ – не само поради стравот од некои следни ’брегзити‘“.
Со својата бирократска опсесија и неспособност за препознавање на реалноста, Европската Унија се обидува да се одбрани од зачудувачката вистина дека пред 60 години нејзините основачи направиле грешка, подлегнувајќи на соништата за формирање суперсила и супербирократија. А сега доаѓа криза што му се заканува на нејзиното постоење и би можела да стане уште посериозна од онаа во 2009 година.
Европската Унија погрешно го сфаќа модерното време, правејќи грешки на повеќе фронтови: економскиот (интервенции во економското менаџирање, што ја осудува Унијата на пропаст, затоа што не се занимава со директните причини за кризата); глобалните аспирации, каде што ЕУ се потпираше на американската воена моќ и така „стана нормативна суперсила“, но денеска „со подемот на Кина и крајот на американската доминација“, таа се повлече од својот трансатлантски партнер, „занемарувајќи ги неговите сомнежи во Пекинг“.

Прашањето не е веќе дали тоа ќе се случи или не

„Неспособна за обнова, ЕУ полека се упатува кон нова катастрофа, а притоа, нејзината Општа одредба за заштита на податоците ’ветува‘ дека ќе претставува уште поголема катастрофа и од еврото“.
Доколку ЕУ беше поумна од Британија, ќе почнеше да преговара за трговски спогодби, со цел да се спротивстави на идејата за напуштање на глобализацијата. „Но“, се вели понатаму во текстот, „Брисел најверојатно никогаш нема да се согласи на нов договор, најмногу поради политичките разлики и притисокот од страна на еколошкото и синдикалното лоби“.
Авторката заклучува дека ЕУ успева да опстане благодарение на среќата и силата на својот идеализам, кој во текот на последниве неколку децении никогаш досега нема отстапено од својот темелен концепт на бирократска технократија.
„Меѓутоа, светот се менува, а аурата на непобедливост на ЕУ полека исчезнува. Конечниот резултат нема да биде распад, туку застареност. И дефинитивно – прашањето не е дали тоа ќе се случи или не. Прашањето е кога ќе се случи тоа“, заклучува новинарката на „Телеграф“.