Во однос на одлуката ВМРО-ДПМНЕ да не учествува на локалните избори во Штип, очигледно е дека не станува збор за некаков страв од пандемија, туку наједноставно кажано станува збор за страв од уште еден пораз на Христијан Мицкоски, вели во писмена реакција, поранешниот градоначалник на општина Аеродром, Ивица Коневски.

Коневски истакнува дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги знае анкетите и знае дека тоа што нема став по важните прашања се одразува катастрофално по неговиот рејтинг и рејтингот на партијата.

– Беше очекувано дека Мицкоски ќе избега од изборно соочување. На него не му е важно што членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ во овие три години се постојано шиканирани, напаѓани, бркани одработа. На него не му е важно што штипјани не видоа ништо добро од локалните власти овие три години. Да му беше важно ќе излезеше на избори и ќе докажеше дека ВМРО-ДПМНЕ може многу подобро да води и управува – нагласува Коневски.

Според него, јасно дека после ваквата постапка на партискиот лидер конгрес мора да има.

– ВМРО-ДПМНЕ мора да стане сериозна и релевантна партија. Сè додека Мицкоски го води ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев ќе биде сигурен дека победува. ВМРО-ДПМНЕ мора да се врати на победничките патеки, а тоа очигледно не може со Мицкоски на чело – смета Коневски.

Извршниот одбор на СДСМ го утврди Сашко Николов како кандидат за градоначалник на Штип, за предвремените локални избори, кои наскоро треба да се одржат.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, пак, одлучи партијата да ги бојкотира предвремените локални избори во Штип и Пласница. Како аргумент ја посочуваат пандемијата со ковид-19 и загрозувањето на здравјето на граѓаните.

Досегашниот градоначалник на Штип, Благој Бочварски, беше именуван за министер за транспорт и врски.